Ова момче ја бара првата љубов на татко му од Скопје – имам само име и една разгледница, помогнете ми да ја пронајдам!
Каде е Емилија од Скопје?

Мостовите понекогаш се само точки на мапата. Но има мостови што засекогаш остануваат впишани во нечие срце. Токму таков е стариот скопски мост (како што вели човекот, а веројатно се мисли на Камениот мост) за еден човек од Србија – место на последниот поздрав, последниот поглед и крајот на едно лето што никогаш не било заборавено.
Четири децении подоцна, неговиот син ја започна потрагата по жената која некогаш му ја разубавела младоста.
На „ТикТок“ се појави видео што за неколку часа ја разбуди онаа скриена човечка надеж дека има емоции што го преживуваат времето. Снимката ја објави младиот корисник lbosnic, момчето зад чија објава се крие тивката, необична животна приказна на неговиот татко.

Приказната започнува на средината на осумдесеттите години, на младинска работна акција, кога двајца тинејџери од различни краеви се сретнале сосема случајно. Таа се викала Емилија и доаѓала од Скопје. Тој – млад, насмеан и полн со живот што допрва го чека. Бил тоа во време без интернет и мобилни телефони, кога симпатиите растеле побавно, а писмата мирисале на чекање.
На тик-ток видеото се појавуваат три фотографии како три неми сведоци на еден спомен што не избледел.
На првата фотографија е стариот скопски мост. Со кратка реченица: „Овде започна сè.“
Последен пат се виделе токму таму. Не знаеле дека тоа ќе биде крајот на нивното лето и почеток на четириесет години тишина.
Втората фотографија е најемотивна, имено, пожолтена разгледница. Ракописот на Емилија е нежен, уреден, како од некое друго време. На крајот, во постскриптум, стои реченица што денес го стега срцето:
„Јави кога доаѓаш, останато сè е средено.“
Разгледницата била внимателно чувана со години, како последен доказ дека некогаш постоела прва љубов.
Третата фотографија – таткото на момчето, сега тој како младо момче со ведар поглед, уште непогоден од животните патишта што ќе го оддалечат од Емилија.
Под фотографиите стои прашањето што ја започна оваа неочекувана потрага:
„Можете ли да ми помогнете да ја најдам?“
Од тој момент се случува нешто невообичаено – голем број луѓе од цела Србија, Македонија и дијаспора се вклучија во потрагата. Илјадници коментари, фотографии од скопски улици од осумдесеттите, можни презимиња, сеќавања, па дури и охрабрувачки пораки. Непознати луѓе, поврзани само со желбата да му помогнат на едно момче да ја открие вистината за минатото на неговиот татко.
Кога некои прашаа каде е во приказната неговата мајка, младиот автор мирно објасни дека родителите одамна се разведени. Тоа признание го разбуди уште посилно сочувството, како да се отвори можност дека во срцето на неговиот татко можеби останал скриен, недоречен спомен на една летна љубов и тоа не како болка, туку како тивка, нежна носталгија.
А каде е Емилија денес?
Можеби има друго презиме.
Можеби живее во друг град.
Можеби не користи социјални мрежи.
Можеби и не знае дека некој ја бара.
Но можеби, ќе го препознае мостот, писмото или нечија фотографија од младоста.
До тогаш, луѓето внимателно го следат секој нов коментар, секоја можност, секој миг од оваа дигитална потрага. Приказната стана симболична потрага по тоа дали некои судбини, кога животот ќе им даде ретка шанса, знаат повторно да се вратат на местото каде што започнале.
И ако Емилија се појави, тоа ќе биде една од оние приказни што се раскажуваат со години.
Приказна за тоа дека љубовта од едно лето, од еден мост и од едно последно писмо, понекогаш чека цел живот за да биде повторно пронајдена.



