Ова е неверојатно – камерите регистрираа 65.000 казни за само 12 часа

Министерот за внатрешни работи денеска го посети одделот на полицијата задолжен за проектот „Безбеден град“ и соопшти дека во првите 12 часа од работа на системот се регистрирани 65.000 сообраќајни прекршоци.
„Со овој проект започнуваме нова фаза во унапредувањето на сообраќајната безбедност. Сторителите на прекршоци ќе добиваат електронско известување, документирано со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место. Во првите 12 часа беа регистрирани 2800 прекршоци за поминување на црвено светло и 1000 за нерегистрирани возила. Оваа алармантна бројка само ја потврдува потребата од овој систем, кој ќе помогне да се подобри сообраќајната култура, да се зголеми безбедноста и да се намалат штетите и жртвите на патиштата“, рече министерот Тошковски во објава на Фејсбук.
Тој додаде дека проектот „Безбеден град“ ќе обезбеди подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. „Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите. Продолжуваме посветено да ги модернизираме процесите и да го унапредуваме квалитетот на работата на МВР“, истакна Тошковски.



