Откриено 6.000 години старо светилиште во Македонија – археолошко чудо во Спанчево

Археолошки тим од штипскиот НУ „Завод и Музеј“ откри 6.000 години старо светилиште во близина на селото Спанчево, во кочанскиот регион. Според првичните анализи, станува збор за наоѓалиште од бакарното време, кое датира меѓу 6.000 и 2.000 години пред нашата ера, што го прави едно од најзначајните археолошки откритија во Македонија во последните години.
На теренот се пронајдени остатоци од култни предмети, меѓу кои фигура на птица, како и делови од животински коски, кои укажуваат дека локацијата била користена за обредни или светилишни цели. Археолозите наведуваат дека вакви наоди се исклучително ретки не само во земјава, туку и на поширокиот Балкански простор, што му дава дополнителна научна вредност на локалитетот.
-Овие откритија се многу ретки, речиси и да ги нема на Балканот. Овие ископи сведочат за животот во бакарното време од 6000 до 2000 години пред н. е. Откриена е фигура од птица, делови од животински коски … Се надевам дека во периодот што следува, овој локалитет ќе го добие вниманието од јавноста, бидејќи овие откритија се ретки, а преку нивната истрага можеме да направиме кристално јасна слика за животот на оваа територија во тој период,“ изјави за ТВ Стар археологот Мите Штерјов од НУ „Завод и Музеј“ – Штип.
Археолошкиот тим најавува дека истражувањата на локалитетот ќе продолжат и во следниот период, со цел да се добијат појасни сознанија за начинот на живот, верувањата и културните практики на населението што живеело на ова подрачје пред неколку милениуми.



