Отишле по бебе од сурогат мајка во Украина, но ги очекувал пекол – шокантна исповед: „Сѐ уште се чувствуваме виновни“
Додека странските парови заминуваат дома со своите бебиња, сурогат мајките во Украина остануваат со празни раце – и често со скршени срца.

Штом пристигнале во Украина за да ги видат своите близнаци, тие сведочеле на шокантна реалност.
Бјанка и Вини Смит последен пат го проверувале списокот за пакување – сите неопходни документи беа тука, двапати проверени, парите разменети, речници и медицински прибор спакувани. Пелените, бебешката облека, шишињата и конзервите со адаптирано млеко биле уредно подготвени. Следниот ден требале да летаат за Украина како брачен пар без деца, а неколку недели подоцна да се вратат како родители на близнаци – Мак и Алек, родени од сурогат мајка.

По осум неуспешни обиди со вештачко оплодување, скршени срца и илјадници потрошени фунти, тие речиси се откажале од сонот да станат родители, пишува Дејли меил.
Но, кога дознале за најголемата украинска агенција за сурогат мајчинство, каде што добиле гаранција дека ќе заминат дома со бебе, нивната надеж повторно се разбудила.
„Плаќате околу 40.000 фунти и се обидувате сè додека не добиете дете. Ги менуваат донаторите на јајце клетки или сурогат мајките додека не успее. Мислевме дека тоа е совршено“, вели Бјанка (45).
Advertisement
Но, нивниот сон за сурогат мајчинство брзо се претворил во ноќен кошмар.
„Сѐ уште се чувствуваме виновни“
Штом пристигнале во Украина за да ги видат своите близнаци, тие сведочеле на шокантна реалност. Родилките биле сместени во болници без клима, во нехумани услови – миење со шишиња вода во валкани тоалети, без тушеви, премногу исплашени за да се пожалат.

„Ги држеа како стока“, раскажува Бјанка.
Сурогат мајката на нивните деца, 29-годишна пекарка и самохрана мајка на две деца, веднаш по породувањето била подложена на итна операција.
„Сѐ уште се чувствуваме виновни за тоа низ што помина заради нас“, признава двојката Смит.
Според нив, агенцијата ги измамила – им ветиле луксузен сместувачки простор, но ги дочекал валкан, запуштен стан. Иако платиле за приватна болница, сурогат мајката завршила во државна, каде што условите биле „неподносливи“.
Бјанка сведочи дека жената која ги родила нивните синови, заминала од болницата во солзи.
„Ѝ бев бескрајно благодарна, но можев да ја замислам празнината што ја чувствуваше по девет месеци носење на бебињата. Кога ја прашав дали би го направила тоа повторно, ми рече: ‘Не, срцето ми е скршено’.“
Таа признава дека во почетокот била заслепена од агенцијата и дури помагала на други парови да се информираат за нив. Денес, вели дека била „неверојатно наивна“ и жали што ги испраќала луѓето таму.
„Ги сакаме нашите синови повеќе од сè. Но, ако би можеле повторно да го направиме ова, ќе се погрижевме сурогат мајката да живее со нас за да бидеме сигурни дека е добро згрижена“, заклучува британскиот пар.
Украина – сурогат центар за странци
Иако сурогат мајчинството е легално во Велика Британија, дозволени се само исплати за покривање на медицинските трошоци, па многу парови бараат алтернативи во странство. Украина, како една од ретките земји каде што комерцијалното сурогат мајчинство е дозволено, стана главен центар за овој бизнис, со индустрија вредна околу една милијарда фунти.
Агенциите ветуваат „дијамантски третман“ за сурогат мајките, но реалноста е поинаква – жените се контролирани, изолирани, со ограничен контакт со семејствата и под закана од огромни казни доколку ги прекршат строгите правила.
Некои завршуваат со трајни здравствени последици, а други остануваат без можност повторно да имаат свои деца.
Додека странските парови заминуваат дома со своите бебиња, сурогат мајките во Украина остануваат со празни раце – и често со скршени срца.