Островот што Грците го чуваат за себе со далеку поефтини цени – недопрен рај далеку од масовниот туризам
Андрос нуди комбинација од бујна природа, планини, водопади, традиционални села и над 70 плажи. Нема ноќни клубови, нема гласна музика, но има вистински мир - и за телото, и за душата.

Кога ќе се споменат грчките острови, повеќето веднаш ќе помислат на Миконос, Санторини, Крв или Крит. Но Грција крие и помалку познати острови, кои далеку од туристичките гужви нудат подеднакво, а можеби и поубаво искуство. Еден од нив е Андрос, најсеверниот остров во Кикладскиот архипелаг, место што со години останува тајна на малкумината што го откриле.

Со површина од околу 380 квадратни километри, Андрос нуди комбинација од бујна природа, планини, водопади, традиционални села и над 70 плажи. Нема ноќни клубови, нема гласна музика, но има вистински мир – и за телото, и за душата.

Како да стигнете до Андрос?
Најлесен начин е преку Атина, од каде што се стигнува до пристаништето Рафина. Од Рафина тргнуваат фериботи што ве носат до пристаништето Гаврио на Андрос за само 2 часа. Редовни линии имаат компаниите Golden Star Ferries, Fast Ferries и SeaJets, а цените за билет се движат од 20 до 27 евра по лице. Доколку патувате со автомобил, очекувајте доплата од 40 до 60 евра во еден правец.
Фериботите се удобни, климатизирани и често со кафуле, а погледот на Егејот додека му приоѓате на островот е сам по себе дел од патувањето. Од Гаврио понатаму може да се движите со локален автобус, да изнајмите автомобил (цените започнуваат од 30 евра по ден) или моторче.

Спиење под ѕвездено небо и на шум од бранови
Андрос не е остров на луксузни ресорти, туку на мали, убаво уредени апартмани, семејни хотели и традиционални куќи со поглед на море. Во селото Баци, едно од најпопуларните места за престој, цените за двокреветна соба во јули започнуваат од 40 до најмногу 60 евра по ноќевање. Во главниот град Хора, каде што архитектурата и историјата веќе на прв поглед пленат, просечната цена е нешто повисока, 60 до 80 евра, но вреди заради атмосферата.


Оние што сакаат апсолутен мир можат да изберат рурални вили и куќички подалеку од брегот, во селата Менитес, Апикиа или Ормос Кортио, каде што и во највисока сезона може да најдете сместување за 35 до 50 евра по ноќевање. Повеќето места нудат домашен појадок, а љубезноста на домаќините е дел од она што го прави Андрос посебен.
View this post on Instagram
Андрос е остров на вода и ветер, но и на вино и пријателство. Неговиот автентичен дух, пешачките патеки, чистите плажи и тишината која навечер ја прекинува само шумот на брановите, го прават совршено бегство од светот кој постојано нè брка. За оние што сакаат да здивнат, да читаат книга на плажа без редици чадори и лежалки, да пијат кафе со поглед на морето, Андрос е повеќе од препорака, тој е откритие.