ОГРАБЕНА ОХРИЃАНКА: Ја излажал да симне мобилна апликација, така ѝ ги собрал парите од сметка
Пред две недели добила телефонски повик од лице кое ѝ соопштило дека поради наводно зголемување на вредноста на биткоинот, нејзината претходна уплата од 250 евра значително се зголемила
Жена на возраст од 53 години од Охрид, вчера, пријавила во СВР Охрид дека била измамена за сума од 300.000 денари
Според изјавата на оштетената, пред две недели добила телефонски повик од лице кое ѝ соопштило дека поради наводно зголемување на вредноста на биткоинот, нејзината претходна уплата од 250 евра значително се зголемила и во нејзиниот електронски паричник сега имало 16.500 долари.
Маркетинг
Лицето побарало од жената да преземе мобилна апликација и да има достапни пари на својата трансакциска сметка за да може да ги подигне средствата.
Жената поверувала во ветувањето за големата добивка. Притоа оштетената ја инсталирала апликацијата и подигнала кредит од финансиско друштво.
По некое време, откако посетила банка, дознала дека парите од нејзината сметка биле префрлени на сметка на друго лице, по што сфатила дека станала жртва на измама.
СВР Охрид презема мерки за целосно расчистување на случајот и идентификување на сторителот.
Граѓаните се предупредуваат да бидат внимателни со непознати повици и трансакции преку интернет, особено кога станува збор за ветувања за брзи добивки.