OFF-Fest започна на најдобриот можен начин: со концерт што никој не сакаше да заврши. А за тоа се виновни Афро-кјубан ол старс. Кубанците го освоија Скопје…
Екипата составена од врвни кубански музичари од различни генерации (најстариот член има 68 а најмладиот 25 години) во Скопје се претстави со проектот „Breaking The Rules“. Афро-кубанските ѕвезди преминаа преку повеќе кубански жанрови – од сон, преку гуарача и гуахира, задржувајќи од секој жанр по нешто, а истовремено создавајќи уникатна музичка комбинација и стил, совршен спој од модерното и традиционалното.
Скопската публика која понекогаш знае да биде воздржана, овој пат уште по првата отсвирена нота реагираше еуфорично. По секоја следна песна луѓето од публиката стануваа сè поразмрдани, некои стануваа и играа, а после еден час никој веќе не седеше – дури ни најстарите, кои на моменти покажуваа најголем ентузијазам за играње. Кон крајот на концертот Универзална повеќе личеше на диско клуб отколку на некаква концертна сала.
Харизматичните Кубанци предводени од Хуан де Маркос Гонзалес и буквално покажаа дека музиката, барем онаа добрата, треба да ги крши правилата и да ги избрише сите граници, па повеќе пати се симнаа од сцената и играа заедно со луѓето од публиката, токму во духот на нивиот проект „Breaking The Rules“.
Афро-кјубан ол старс имаа два неуспешни обиди за заминување, за кои самите се „криви“. После секое враќање на сцената публиката сакаше уште и уште, а веднаш штом ги препозна првите тонови на легендарната „Чан-чан“ на Компај Сегундо, публиката го доживеа врвот на еуфоријата.
Музичкото уживање траеше околу три часа и беше беспрекорно. Ако веќе мораме да му најдеме некаква мана на концертот, тоа е што мораше да заврши.
Во 90-те, „диригентот“ на афро-кубанските ѕвезди, Хуан де Маркос Гонзалес, изјави дека треба да се искористи кубанското музичко наследство за да се креира звукот на иднината. Судејќи според синоќешниот настап и реакцијата на публиката, иднината на кубанската музика е повеќе од убава.
Преземено од on.net.mk