CelebrityИнтервју
COVER STORY

Од тишина до светлина – Јулија Мациевска за болката, љубовта и духовното ослободување

„Улогата на жртва е најтоксичната енергија во која што живеат голем број луѓе, и тие се живи, а мртви“ - вели Јулија во интервјуто за гламур.мк

Advertisement

На 16 септември, во Сули ан, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи по осми пат манифестацијата „Љубов за сите“. Веќе три години по заминувањето на ликовната уметница Андријана Мациев, овој настан, кој го иницира и организира нејзината мајка, Јулија Мациевска – позната уметница, водителка и авторка – продолжува да живее како симбол на духовност, љубов и заедништво. Преку него се обединуваат уметници, пријатели и сите кои веруваат во моќта на искреното споделување и човечката блискост.

Во рамки на манифестацијата ќе се одржи и промоција на книгата „Јас сум жива“, дело што Андријана го започнала, а Јулија го допишала, надополнувајќи го со сопствените искуства по загубата на ќерка ѝ. Книгата отвора една од најтешките, но и највозвишените теми – како болката може да биде пат кон духовно издигнување и кон поинакво разбирање на вечноста.

Advertisement
фото – приватна архива

Во разговор за Гламур.мк, Јулија искрено зборува за тоа како се бори со најголемата животна болка, низ какви фази на страдање и тишина поминала, како нашла сила да продолжи понатаму и што ѝ помогнало повторно да ја почувствува смислата и светлината во секојдневието.

фото приватна архива

На 16 септември, на денот на роденденот на Андријана, ќе се случува изложба и промоција на книга посветени на уметницата и Ваша ќерка, Андријана. Освен големи емоции, што да очекуваме на промоцијата, што ќе се случува?

– Да, на 16 септември во прекрасниот амбиент на Сули Ан во 19,30 ч. ќе се случи по осми пат, за овие три години откако Ан замина во вечноста, манифестацијата „Љубов за сите“. Оваа манифестација ја осмислив уште за 40-те дена кога Ан замина, и еве, три години работам и живеам за таа манифестација со многу љубов и посветеност, за да го сочувам споменот и делота на Андријана, затоа што таа пред сѐ беше реномиран ликовен уметник, и остави вредни дела за својот краток живот и којзнае уште колку ќе се развиваше, да не заминеше така брзо.

Таа остави силна трага и за време на нејзината борба со канцерот, кога и во најтешките моменти, дејствуваше мотивирачки за целата јавност, особено за сите оние кои поминуваа по истиот пат.

Advertisement
Андријана, фото приватна архива

Андријана напиша и книга која, еве, конечно по три години, успеав да ја издадам, затоа што поминував низ претешки емоции кои не ми дозволуваа да го ставам во копјутер она што Ан го напиша.

Тие манифестации секогаш се доста емотивни, но и освестувачки, а на крај секогаш завршуваат со радост, со славење на Бога, и проширување на свеста, што всушност е животот. Овојпат во состав на манифестацијата, ќе биде промовирана автобиографската книга на Андријана со наслов „Јас сум жива“, во издание на Икона.

Коавтор на книгата сум и јас, па може да се каже дека е тоа на некој начин и наша заедничка книга, бидејки јас морав да ја завршам книгата зашто таа не успеа да ја заврши.

Исто така, ќе има изложба на ликовните дела на Андријана Мациев, за што ќе зборуваат истакнати уметници од истата област.

Ќе биде откриено и моето ликовно дело „Ангелот Ан“, кое го насликав со многу љубов за мојот Жив Ангел Небесен АН, онака како што јас ја видов во Вечноста, во техника акрил на платно, со димензии 1,40 см на 1,00 см, и тоа дело ќе се најде на насловната страна на книгата.

Ќе имаме културно-уметничка програма пригодна за настанот. Ќе настапи хорот „Фрида“, под диригентсво на Сузана Турунџиева, а актерката Емилија Мицевска ќе чита извадоци од книгата. Ќе отпеам и јас две госпелни песни, посветени на Ан и во слава на Бога и Мајката Божја, од кои едната ја подготвивме заедно со хорот „Фрида“.

И бидејќи, Ан имаше желба да го слави својот роденден и да дува свеќички, ќе имаме и торта и ќе дуваме свеќички, славејќи го нејзиниот земен роденден и сѐ она што ни дојде како благослов од Бога, за нејзиниот живот на земјата и животот кој продолжува во вечноста.

фото приватна архива

Книгата, која Андријана ја пишуваше, а Вие ја допишавте, е своеобразен дијалог со неа. Што си „разговаравте“ додека пишувавте, што значеше за Вас да се нурнете во душата на Вашата ќерка, да проговорите со нејзиниот глас?

– Почуваствував потреба да ја дозавршам книгата, прво, од причина затоа што читателот ќе сака да дознае за крајот на приказната, а тој е најтрогателен, зашто Ан не можеше да го напише, поради состојбата во која се наоѓаше. А потоа, сам по себе се наметна и периодот после тоа, за мојата борба со самата себе, како јас преживеав, како воспоставив конекција со душата на моето дете од другата страна, како ги распознавав знаците на патот, како доаѓаа пораките од ,,другата страна“ и како полека се кревав.

За многумина, и ден денес останува нејасно како успевам и од каде имам сила да се носам со животот, да делувам така свесно, да изгледам нормално и на ваков начи, изразувајќи се преку творештво за мојот Ангел, да го живеам животот и, згора на тоа, да имам и насмевка. Отсекогаш сум била отворена личност и сега немам тајни по овие прашања, затоа тоа и го напишав во книгата.

За да им послужи на многумина што делат слични искуства со моите, а не можат да испливаат од бездната, а и за оние кои не веруваат , а можеби сепак сакаат да веруваат во нешто повеќе, од оваа физичка реалност.

Три години без Андријана, како болката од загубата ја преобразивте во духовна сила што сега ја споделувате со Вашата внука, но и со јавноста?

– Јас никогаш во животот не замислував дека ќе имам ваков животен пат. Никогаш не помислив дека ќе го изгубам моето едно единствено дете. И јас и Ан имавме сосема други планови и замисли, како ќе ја одиме секоја својата животна мисија, за овој живот на земјата.  Живеевме посветено на убавите нешта во животот, на добрината, љубовта, почитта, професијата, одговорноста за сопствените дела и правење на што повеќе добри дела. Се трудевме да растеме духовно и единствено со работа на себе, да се издигнеме низ предизвиците на животот и да бидеме корисни за себе, за своето опкружување и за општеството.

Никогаш не помислив дека ова ќе биде моја животна мисија, затоа што ова е навистина некој посебен пат кој го одам и на тој пат го славам Бога и неговото име преку мојот Ангел Небесен. Немам потреба нешто многу да објаснувам, затоа што тие што ме разбираат, ќе ме разберат, а тие што не ме разбираат, и не мора.

Будењето е процес, и не е еднаш засекогаш дадено. Има фази на нашиот духовен раст и развој. Не сме сите на иста скала на духовната свесност. А во Библијата се вели, по делата ќе ги познаете… па јас само сум посветена на добрите дела, ги правам и ги живеам, а кој како и што ќе препознае, е индивидуално. Секој го гледа она што всушност е внатре во себе и затоа не ме вознемирува кога некој има поинакво мислење или став од мене.

Стефанија расте со Вашата љубов и поддршка. Што Вие учите од неа како баба, во духовниот раст, и на кој начин пак, според Вас, ја носи искрата што нè лекува?

– Стефанија помина низ еден тежок животен период, кога на едно девојче најмногу му треба мајката. Период кога таа студираше на факултетот за драмски уметности и непосредно пред дипломирањето ја изгуби својата мајка. Низ што сѐ помина, не би сакала повторно да се навраќам, затоа што освен што морав јас да се кренам, повеќе бев насочена кон нејзината состојба. Но сфатив, за да биде таа добро, морам да бидам и јас, да не го повлечам детето надолу.

Стефанија во најновите улоги, фото – приватна архива

И многу често таа мене ми беше потпора и учител, затоа што е многу свесна и одговорна девојка. И затоа што, кога ќе се најдете пред такво тешко животно искушение, или нагло ќе пораснете и ќе созреете или ќе отидете во друга крајност. Фала му на Бога, што навистина се надополнуваме, што се разбираме, што знаеме дека секогаш можеме да се потпреме една на друга. Што знаеме што сакаше Ан и што знаеме што е најдобро да направиме за неа, за нејзината душа да биде во мир, а ние да бидеме во нашиот мир, без оглед на тоа што ќе рече светот.

фото – приватна архива

Ние имаме наш свет, и додека беше Ан во оваа димензија. Ние сме потполни во нашите суптилни светови, во кои се изразуваме преку уметноста. А таа креација, која е во постојана експанзија, духовно нѐ одржува во состојба на висока свесност. На крајот од денот, таа креација ти дава и мир и чувство на исполнетост и радост, и ти црта божествена насмевка на лицето, без напрегнатост и потреба да докажуваш што било и кому било.

Многумина по голема загуба се затвораат во тишина, но Вие создавате – книги, изложби, настани. Дали творењето е Вашата форма на молитва? Што а Вас е всушност молитвата?

– Видете, нормално е по таква голема загуба човек да се затвори и да биде во тишина. Тишината е потребна заради соочувањето со болката, со тагата…некои чувствуваат и лутина и гнев, и навистина треба преиод да се соочи човек со сите тие состојби.

Неминовно е првин да се соочиш со таа ненормално тешка состојба која се граничи со лудило. Зашто се прашуваш како понатаму без чедото и која е смислата на животот. Животот престанува да има смисла, барем за мене беше така. Сите ние на некој начин, живееме за да се радуваме на своите деца и која е целата да живеам јас, ако моето дете не е живо. Јас го молев Бога јас да заминам, Ан да живее, но тоа не се случи. Човек не треба да се плаши од тишината, зашто само во тишината доаѓаат и одговорите. Така јас се воздигнав – од тишината.

Со денови бев сама и во тишина, во болка, во солзи, во распаѓање … немаше дел од телото што не ме боли. Но, низ та болка, дојде и свесноста – просветлувањето и можноста да ја видиш пошироката слика. Да го слушнеш божествениот глас, кој ни се објавува на чудесен начин и знаеш дека си воден низ нешто што народски се вели да го понесеш својот крст и да го носиш достоинствено.

Андријана, фото приватна архива

Кога денес зборувате со луѓето кои минуваат низ слична болка, која е првата духовна вистина што сакате да им ја пренесете за да не ја загубат надежта?

– Проблемот кај повеќето луѓе што не можат да излезат од бездната се нивните стекнати уверувања низ животот. Пред сѐ, за тоа што е животот и дека животот е тука и друг не постои. Тие слушаат, во зависност од религијата на која пришаѓаат, за живот вечен, но никој до крај не ја разбрал длабочината на тоа.

Исто така, робуваат на уверувањата, како траба да изгледа еден родител кој изгубил дете. Кај нас е прифатено уверувањето дека ако изгубиш дете, треба и ти да си изгубен. Да се изгубиш себеси, да пропаднеш, да тонеш постепено, да си во црнина и така да бидеш препознаен од средината, како човек кој жали. Ако не си таков, значи не го жалиш своето дете. Во современата духовна психологија, таа состојба се нарекува ,,жртва, или несвесно играње на улога на жртва“.

Што значи поточно тоа? Тоа е кога човекот несвесно ја прифаќа улогата на жртва, и на некој начин, потврдата кога е сожалуван од околината за неговата состојба му го храни тоа скриено его кое, всушност, бара потврда за тоа колку тој е наводно казнет од Бога или од светот и како за него веќе нема живот, што на некој начин потсвесно му дава оправдување за понатамошните неадекватни одлуки, избори, неуспеси, болести кои неминовно и ќе дојдат, ако предолго се остане во таа состојба. И човекот чувствува сѐ поголема немоќ, тоне и товар е како за себе, така и за околината.

Јас како сертифициран тренер за личен раст и развој, знаев дека не смеам да си дозволам улога на жртва. Дека морам да преземам одговорност, јас и само јас, за да излезам од лавиринтот и да ја трансформирам сета енергија на тага во безусловна љубов. Зашто само таа -љубовта, прифаќањето – лекува, и таа ќе ме спаси да останам нормална и да продолжам достоинсвено да одам низ животот одреден од Бога.

Се затворив и поминував низ тешки процеси, но свесно, прифакајќи, отпуштајки, во понизност и молитва кон Бога. Го применив сето мое знење, техники, енергија, врз себе. Сето она што го научив на мојот духовен пат и го применував на некои мои клиенти, сега свесно го применив на самата себе. Тоа воопшто не е така едноставно, дури и кај човек како мене, кој има големо знаење од таа област, а камоли кај човек кој поим нема од сѐ ова и живее со еден куп догми, уверувања, ограничувања стекнати низ животот и упорно им робува, иако не му служат.

Во таа тишина, самотија, изолираност, се раѓаше повторно смислата, креацијата, визијата, пораките доаѓаа на разни начини, се поврзував со себеси и со божественото во себе, и така се поврзував со таа креација низ која се изразувам овие три години.

Јас сум со Ан, но не како што некои мислат дека сум ја врзала и не ја оставам на мир, со тоа што постојано творам за неа. Не, високосвесниот човек во духот, знае дека прво и пред сѐ, треба да ја пушти душата на оној што заминал. Кога сме ние во мир, тогаш и душата што заминала е во мир, но за да се дојде до мирот, не може да останете во улога на жртва. Токму улогата на жртва е онаа енергија која не ја ослободува душата што заминала и треба да го најде својот спокој и мир во вечноста, а не ја ослободува ни душата на оној кој е жртва.

Улогата на жртва е најтоксичната енергија во која што живеат голем број луѓе, и тие се живи, а мртви.

Мојата препорака за сите луѓе кои заглавиле во тој лавиринт од болка и тага е да си ја освестат улогата на жртва и свесно да преземат одговорност за себе и за душата која заминала од оваа реалност. Само така ќе ја ослободат и сопствената и душата на оној кој заминал.

Меѓу бројните Ваши таленти, е и надареноста со прекрасен глас. Која песна со задоволство, радост и со големи емоции би ја испеале денес, а која не би можеле ни да ја запеете?

– Да така е, Му благодарам на Бога што ме благословил со многу таленти, меѓу кои моето грло и оној чист вокал, кој и ден денес ме служи подобро од кога било и ми се чини дека после вакви искушенија, грлото, гласот, песната која излегува од мене, доби една друга димензија. Подлабока, посуптилна, покадифена, поемотивна, повозвишена… Најверојатн има зошто и сѐ уште треба да се изразувам преку песна, иако мислев дека веќе никогаш нема да запеам. Три години не сум го отворила моето пијано, нешто да си засвирам и запеам за своја душа. Но, со Божја волја, кога ќе дојде и тој Божествен тајминг-време, ќе се случи и тоа.

фото приватна архива

Инаку, им благодарам на сите оние мои добри колеги и соработници, кои за ова време ми подадоа рака, да учествувам на фестивали, да добијам на подарок нови песни. Знам да запеам и во мојата емисија, со некои од моите гости, на разни манифестации и зависно од моментот. Јас сум жена што научила да не се срами од своите емоции. Плачам кога ми доаѓа, и јавно и на емисија, пеам кога ми доаѓа, зашто душата е слободна. Сите стравови ги надминав, со заминувањето на Ан од оваа димензија и со ова Ангелско и Божествено водство, сега, чекорам достоинствено, одговорна пред себеси и и пред Бога, и пред никој друг, за секоја своја постапка.

Повеќе од деценија ја водите емисијата Будење со Јулија, па едно искрено прашање – колку сме, ние Македонците, навистина разбудени во однос на прашањето за смртта?

– Да, веќе 12 години, ја водам мојата авторска емисија ,,Будење со Јулија“ која уште од самиот почеток имаше за цел духовно да ги разбуди луѓето. Сакав сето она што јас го поминував низ мојот духовен пат и развој, да им го пренесам на луѓето, за да сфатат дека во животот имаат разни можности, за да напредуваат духовно, зашто само така можеме да излеземе од сѐ она што го прави овој живот, понекогаш и тежок и неснослив, сѐ она што не ограничува да ја видиме пошироката слика за себе и за животот кој го живееме.

фото приватна архива

Што се однесува до прашањето за смртта, луѓето мислат дека знаат сѐ, но главно народот сѐ уште не е доволно разбуден и по прашањето за животот, а камоли за смртта. Јас на тие теми сум говорела и со мои гости во емисијата, некој слушнал, до некој допрело, но сепак, тоа е многу малку во однос на она што како народ треба да го научиме, знаеме, веруваме, применуваме. Затоа, тоа го напишав во нашата заедничка книга со мојот Жив Ангел Небесен Ан, тоа е навистина многу вредно четиво, за постоењето, за животот, за смртта… За смртта која всушност не постои и е само премин во нов живот, иако невидлив во оваа трета димензија на живеење.

Но за некои, иако ретки и видлив, затоа што сите немаме развиено толку суптилни сетила за да ја почуваствуваме другата димензија, зашто таа не е како оваа, но е толку мултидимензионална, што со овој ограноичен ум кој го имаме, за повеќето луѓе е чисто занесување и губење време за такви теории.

Но сепак, и најголемите скептици знаат дека, како што се вели народски ,,нешто постои“, ама што е тоа ,,нешто“ се нема време за подлабоко проучување или посветување на време за духовност. Но добрата вест е што сѐ повеќе луѓе се отвораат за да растат духовно, а и тоа ,,нешто“ не е само нешто, туку постои.  И таман работа, ако Творецот на сите овие чудеса така едноставно би ни ја дал на тацна сета мудрост. Но наједноставниот пат до Светите тајни, сепак, ни го дал во една кратка реченица – Поверувај, па ќе видиш.

Тоа е толку едноставно кажано, но сепак, толку тешко, може и најтешко. Затоа и луѓето не можат да го видат она во што не веруваат.

Го сменивте ли во меѓувреме животното мото? Со каква идеја денес се будите?

– Па моето животно мото отекогаш беше да не им го правам на луѓето она што не сакам да ми го прават мене. И тоа го живеам до ден денес. Сакам да ги усреќувам луѓето колку што можам. Сакам да помогнам колку што можам, сакам секогаш да возвратам со добро или најдобро со смирено срце и спрема оние кои не ми се добронаклонети.

Кога ќе се соочите со загуба или болка како мојата, или свесноста уште повеќе ќе ви порасне, ќе ви се отвори нова свест, уште посилна во Бога, во Изворот на сѐ она што сме и ќе ве храни таа енергија, ќе ве возобнови во секоја смисла, или ќе потенете.

Јас Го одбрав Бог и Неговата волја, низ понизност, молитва, прифаќање…и ова што сум денеска е благодарение на Него. На оној кој и нам ни дал слободна волја. Што значи, секогаш и ние благодарение на таа божествена искра во нас, можеме да направиме избор. Дали ќе избереме да ја играме улогата на жртва и казна од Бога или ќе преземе одговорност за својот живот, ќе го прегрнеме Створителот кој секогаш ја има пошироката слика за сѐ она што ни се случува и во благодарност ќе продожиме да Му служиме, да го одиме патот кој ни е даден, наречен Живот. Животот, кој што е сличен на една театарска претстава, која ние треба да ја одиграме како главни глумци. Но таа претстава има и последен чин, кој се нарекува смрт. Но тоа е само чин, смртта не постои, таа е само премин во нов живот.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement
New Ad
Back to top button