ИнтервјуКафе муабет
COVER STORY

Од Македонија до врвовите на словенечката винска индустрија – интервју со Магдалина Михајловска

Магдалина Михајловска, дипломирана инженерка по винарство и претседателка на Студентскиот сојуз на Универзитетот во Нова Горица, во искрен разговор за гламур.мк зборува за патот на нејзиното образование, предизвиците и идните планови во винската индустрија.

Advertisement

Магдалина Михајловска е младa и амбициозна дипломирана инженерка по винарство, која на само 18 години замина да студира во Словенија. Со диплома од Универзитетот во Нова Горица и во моментот како магистрант, таа ја комбинира стручноста со активното учество во студентскиот живот како претседател на Студентскиот сојуз.

Во ова интервју, Магдалина го споделува сопствениот пат до успехот, предизвиците на студирањето во странство, како и визијата за иднината во винската индустрија.

Advertisement
фото-приватна архива

Што Ве натера да одлучите да студирате во странство?

Одлуката да студирам во странство не дојде преку ноќ. Кај мене, таа се развиваше полека, како комбинација од љубопитност, амбиција и желба за нешто повеќе. Уште во средно училиште во Македонија, почнав да се прашувам како изгледа животот надвор од мојата комфор зона. Сакав да искусам нова култура, да студирам во поинакво опкружување и да станам поискусна и посамостојна.

Зошто ја избравте токму Словенија за продолжување на Вашето образование?

Словенија веднаш ми го привлече вниманието, не само поради квалитетното образование, туку и затоа што е доволно блиску до дома, а сепак доволно различна за да понуди ново искуство.

Кој е најголемиот бенефит за македонските студенти во Словенија?

Најдобриот дел? За македонските студенти, студирањето тука е бесплатно. Нема школарини – само отворена врата кон квалитетно образование, што можеби и немаше да ја поминам ако тоа не беше така.

Advertisement

Кој универзитет го избравте и како е животот таму?

Јас го избрав Универзитетот во Нова Горица, мал но модерно ориентиран универзитет, сместен веднаш до границата со Италија. Живеам во Нова Горица, мирен и зелен град со уникатна меѓународна енергија, буквално можеш да отидеш на кафе во Италија по предавање. Мирно е, добро поврзано и опкружено со лозја што совршено одговара на мојата студиска насока: лозарство и енологија.

фото-приватна архива

Дали процесот на запишување беше лесен?

Секако, да се стигне до тука не беше лесно. Имаше многу документи што требаше да се соберат, преведат и легализираат, здравствено осигурување и слично, доста комплициран процес. Но, повеќето словенечки универзитети имаат лица задолжени за помош на странски студенти во целиот процес.

Како студентите се поддржуваат меѓусебно?

Она што особено ми се допаѓа кај мојот универзитет е што ние студентите си помагаме меѓусебно. Постарите студенти сме тие што ги водиме новите, им помагаме со запишувањето, со изборот на предмети и им го олеснуваме почетокот. Таа поддршка прави голема разлика.

фото-приватна архива

Кој беше најголемиот предизвик по доаѓањето?

Она за што никој навистина не те предупредува е колку е тешко да се најде сместување — искрено, тоа е вистинскиот предизвик. Треба среќа, брза реакција и трпеливост. Но кога еднаш ќе се реши тоа, сè друго полека си доаѓа на место.

Дали јазикот беше пречка?

На почетокот, јазикот ми беше препрека. Пред да дојдам, посетив основен курс по словенечки во Македонија, па не почнав од нула, но не се чувствував сигурна. Сè се смени кога почнав да работам.

Како работата Ви помогна да го совладате јазикот?

Благодарение на студентскиот работен систем во Словенија, најдов работа како келнерка, и тоа ми беше најдобрата „учебна програма“ за словенечки што можев да ја добијам. Постојана комуникација, вистински ситуации, потребата да разберам и да бидам разбрана – тоа ме натера да учам брзо и природно.

Како е организирана работата за студентите во Словенија?

Работата за студенти овде е флексибилна и добро организирана. Постојат специјални агенции кои посредуваат и ја уредуваат целата административна страна. Како студент, сам одлучуваш кога и колку ќе работиш – можеш да работиш 8 часа дневно секој ден, или пак само неколку часа кога имаш време. Тоа е одличен начин да заработиш, да запознаеш луѓе и полесно да се вклопиш во секојдневниот живот.

Како изгледаат студиите во Словенија?

Студиите овде се сосема различни од тоа што го очекував, на најдобар можен начин. Пристапот е практичен, интерактивен, работиме директно на терен, во лаборатории, анализираме примероци, учествуваме на стручни семинари и сме дел од вистински проекти.

На што работите сега?

Моментално работам на мојата магистерска теза за тоа како различни техники на мацерација влијаат на аромата на виното од Пинела, автохтона сорта од Випавската долина. Интензивно е, но возбудливо.

Каков е животот во Нова Горица?

Животот овде тече поспоро, со повеќе мир и структура, што ми помага да бидам пофокусирана и присутна. Словенците се многу поврзани со природата, викендите често се резервирани за планинарење, излети или активности на отворено. И јас научив да го ценам тој ритам, освежувачки е и убав контраст со побрзото секојдневие на кое бев навикната.

фото-приватна архива

Што Ви недостасува од Македонија?

Ми недостасува домот, храната, јазикот, семејството. Понекогаш, кога ќе ме фати носталгија, ми помагаат малите нешта: да зготвам нешто традиционално, да се слушнам со родителите, или едноставно да се прошетам низ лозјата и да си дадам простор за размислување.

Како ви влијаеше ова искуство врз личниот развој?

Со текот на годините, пораснав на начини што не сум ги предвидела. Сум презела лидерски улоги, сум научила нови јазици, сум се предизвикала и физички и ментално. Гордa сум на сè што сум постигнала – не затоа што сè било совршено, туку затоа што никогаш не се откажав.

Какви се вашите планови за иднината?

Во иднина, се гледам себеси како дел од винскиот сектор, можеби во истражување, консултантство или управување со лозја. Би сакала еден ден да го пренесам сето ова искуство назад во Македонија и да помогнам во развојот и модернизацијата на винската индустрија таму. Има огромен потенцијал, и сакам да бидам дел од таа приказна.

Каков совет би им дале на оние кои размислуваат да студираат во Словенија?

На сите што размислуваат да студираат во Словенија би им рекла: направете го чекорот. Нема секогаш да биде лесно, но вреди. Ќе учите, ќе растете, ќе се соочите со предизвици и ќе успеете. Ќе се изненадите од самите себе. Бидете доволно храбри да пробате – нема да зажалите.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button