Се повеќе деца подоцна прозборуваат или имаат проблеми со говорот. Многу битен фактор за нивно решавање е раното откривање и барањето соодветна помош вели логопедот Бојан Богдановски.
Ова е проблем со кој секојдневно се среќаваме, слушаме во нашата околина и сведочиме за истото. Родителите ги оставаат своите деца со телефон или таблет во рака во текот на целиот ден, гледајќи некој цртан на странски јазик, додека истите не ја забележуваат околината од што се затворени во тој модерно – дигитален свет или даваат одговор на нашите прашања на привидно усвоениот странски јазик За едно мало дете, особено кога се наоѓа во периодот на говорно – јазичниот развој, усвојувањето на странските јазици за време на усвојувањето и развојот на мајчиниот јазик доведува повеќе до патологија во вербалната комуникација, отколку до бенефити за академските вештини.
Приватна архива
Во секојдневието секој од нас се среќава со мали деца од три – четири – пет години кои воопшто не зборуваат или одлично говорат англиски или друг странски јазик, а својот мајчин јазик скоро и да не го употребуваат, а акo го употребуваат тој е аграматичен и исполнет со странски зборови. Овие состојби ги загрижуваат родителите, создаваат страв и проблем кај истите, додека логопедските кабинети ги надминуваат своите капацитети и не постигнуваат со работа, токму поради овие состојби.
На прашањето дали е во ред децата да почнат да говорат на странски јазик, додека изостануваат во усвојувањето на говорот и јазикот од својата околина, одговорот е – НЕ! Да се познаваат и говорат странските јазици е голема предност и богатство, но во тој случај кога човекот има одлична говорно – јазична основа, односно кога веќе го има усвоено и одлично го употребува својот мајчин јазик. За едно мало дете, особено кога се наоѓа во периодот на говорно – јазичниот развој, усвојувањето на странските јазици за време на усвојувањето и развојот на мајчиниот јазик доведува повеќе до патологија во вербалната комуникација, отколку до бенефити за академските вештини.
Приватна архива
Тука го поставуваме прашањето, зошто се поголем број деца проговоруваат подоцна?
Изложеност на модерна технологија
Ова е проблем со кој секојдневно се среќаваме, слушаме во нашата околина и сведочиме за ситото. Родителите ги оставаат своите деца со телефон или таблет во рака во текот на целиот ден, гледајќи некој цртан на странски јазик, додека истите не ја забележуваат околината од што се затворени во тој модерно – дигитален свет или даваат одговор на нашите прашања на привидно усвоениот странски јазик. Од друга страна на прашањето “Зошто го изложувате вашето дете на технологија?” најчесто родителите даваат одговори дека “Сите деца користат телефон.”, “Сега е 21-ви век, детето треба да оди напред со технологијата”, “Немаме време кога да играме со него, на работа сме, па мора да има со нешто да се занимава.”, како и голем број изјави кои сведочат за негативните ефекти на брзиот и стресен начин на живеење.
Нешто прво што се забележува кај овие состојби е именувањето на предметите на странски јазик. На пример, доколку детето го прашаме која боја е оваа боичка (зелена боичка), детето одговара ,,Green”, или пак доколку му покажеме слика со куче, детето одговара ,,Dog”.
Но генерално, проблемот не лежи само во тоа што детето користи англиски зборови, туку и тоа што говорот е неразбирлив, постојат артикулациски нарушувања, фонолошки нарушувања, аграматизам, недостаток на концентрација и внимание, недостаток на замислена игра, нарушување на манипулативната спретност на раката (детето го држи моливот со цела рака, наместо со три прста, детето фаќа ситни предмети со цела рака, наместо со палецот и показалецот, нарушена е графомоториката) и други нарушувања.
Несоодветно воспитување на децата и недостаток на авторитет
Родителите се почесто се “расправаат” и се убедуваат со своите деца за тоа дека тие треба да јадат цврста храна или пак да не ги условуваат со тоа дека за да јадат, мора да им се пушти цртан филм на странски јазик, и покрај тоа што децата веќе имаат четири, пет, шест и повеќе години.
Пред се, активноста и добрата развиеност на говорниот, како и џвакалниот апарат, е предуслов за добар говор, односно говор без артикулациски нарушувања, кој е тесно поврзан со начинот на исхрана. Детето на три години и постара возраст треба само да се храни користејќи лажица, да внесува тврда храна, а најмалку да биде изложено на модерна технологија во тој период, кој во суштина и е најзначаен за говорно-азичниот развој кај детето.
Од друга страна да го посочиме и несоодветното воспитување на децата, како и недостатокот на авторитет. Во прв план, родителот е тој кој на детето му го дава телефонот во рака уште од најмала возраст, се воодушевува како неговото дете така одлично го има совладано странскиот јазик во однос на мајчиниот јазик, па потоа тоа го смета за “талент” и постојано го стимулира детето некој збор да му го каже на мајчин, но и на странски јазик.
Но кога детето ќе тргне во градинка, родителот веќе го споредува своето дете со другите деца од градинката и забележува дека неговото дете доцни во развојот на говорот и јазикот, кога се јавува и првиот страв и аларм за развојот на детето.
Важно е да напоменеме дека кога зборуваме за авторитет, под истиот поим не подразбираме вербално вршење притисок или насилно однесување врз детето. Овие две нешта се целосно забранети во процесот на воспитување и авторитет врз детето. Авторитетот подразбира да се биде најголем другар со нашето дете на кое му нудиме огромна љубов и внимание, но истовремено да му укажуваме дека ние сме другарот на кој може да се потпре и да му верува кога тој вели дека треба нешто да направи, односно дали нешто може или не може.
Приватна архива
Билингвизам
Билингвизмот, односно двојазичноста, е еден од факторите за забавен говорно-јазичен развој. Најчесто е присутен во семејства каде родителите се од различна националност и говорат пред детето на различни јазици, деца припадници на национални малцинства, деца изложени на два јазика, дома и во градинка. Билингвизмот може да го успори говорно-јазичниот развој, а поради тоа се препорачува во овој период на детето да му се посветува големо внимание и доволно време, како и пред детето да се говори само на еден јазик.
Развојни нарушувања на говорот и јазикот
Од ден во ден, развојните нарушувања на говорот и јазикот, кои ги пратат развојните нарушувања, како што се аутистичниот спектар на нарушувања, развојната дисфазија, интелектуалната попреченост, мешаните развојни нарушувања…, се се почеста појава, за која е потребен што поран и високо стручен третман.
Развојните нарушувања на говорот и јазикот се препознатливи по тоа што детето бавно и погрешно проговорува, го губи говорот по негово претходно јавување или воопшто не проговорува, постои ехолалија (повторување на веќе слушнатото), повторуваат фрази на странски или мајчин јазик, кои не ги употребуваат како функционален говор, туку како ехолалија, која може да биде моментална или одложена, или пак само за задоволување на некоја нивна потреба.
Најчесто интересот го пронаоѓаат во модерна технологија, или опседнатост со диносауруси, планети, броеви, букви, итн. Недостасува концентрација, внимание, фокус. Отсуствува контактот со очи, вртењето кога ќе бидат повикани по име. Се бележат голем број стереотипи и репетативни активности, како и многубројни други нарушувања.
Ги советувам родителите да не ги изложуваат своите деца на модерна технологија и на странски јазик, правилно да го говорат мајчиниот јазик и своето максимално слободно време и љубов да ги посветат кон своите децата, затоа што тоа е предуслов за еден здрав детски развој. А тогаш, кога родителите се сомневаат дека има некаков застој или нарушување во говорот и јаизкот кај нивните деца, да не чекаат, туку веднаш да побараат стручна помош од логопед.
м-р спец. Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист, СЕР – интелектуална попреченост и аутизам
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
www.slpbojancentar.com
тел. + 389 75 350 374
е-mail: [email protected]