ОД 41 НА 30 СТЕПЕНИ: Драматичниот пад на температурите може да го загрози вашето здравје – совети за заштита од притисок, срцеви тегоби и мозочни удари

Македонија утре влегува во краток, но интензивен студен бран. По денови исполнети со горештини над 40 степени, следува нагло заладување од десетина степени што значи температури околу 30 степени Целзиусови, а утрата ќе бидат многу посвежи.
Иако многумина ќе го поздрават ова освежување, лекарите предупредуваат дека ваквите временски шокови имаат сериозни последици по здравјето.
Advertisement
Промената од жешко и суво во посвежо и влажно време со потенцијални врнежи и зголемена влага го оптоварува организмот, особено кај оние со чувствително здравје и хронично болните.
Временските осцилации можат да предизвикаат пад на крвниот притисок, вртоглавици, срцеви аритмии, воспаленија, мозочни удари, но и опаѓање на имунитетот.

Кој е најризичен?
Најголеми последици можат да почувствуваат:
– лицата со срцеви заболувања
– пациентите со хипертензија
– хронично болните, особено со респираторни тегоби
– повозрасните лица и децата
– оние кои работат на отворено или престојуваат долго на отворено
Дури и здравите лица може да доживеат замор, главоболки, недостаток на енергија и промени во расположението поради ненадејниот временски пресврт.
Како да се заштитите?
За да се заштитите од влијанието на наглите временски промени, следете ги овие препораки:
– Ограничете го физичкиот напор, особено во утринските и вечерните часови кога температурите најбрзо паѓаат
– Внесувајте повеќе течности, најдобро вода, билни чаеви, свежо цедени сокови со лимон и ѓумбир
– Напитоците од јачмен или цимет се пожелни за подобра циркулација
– Сокови од свежо цедени цвекло и морков се пожелни за стабилизација на крвниот притисок
– Чајот од липа или маточина се препорачува за смирување на нервниот систем
– Засилете го внесот на витамини – витамин Ц, Д и Б-комплекс се најважни за стабилен имун систем
– Исхраната нека биде полесна, богата со овошје, зеленчук, супи и чорби

– Избегнувајте храна со многу шеќер, сол и заситени масти, бидејќи го зголемуваат воспалителниот одговор
– Одморете се доволно и легнете си навечер навреме, телото полесно се справува со надворешните шокови кога е одморено
Што може да почувствувате?
Некои луѓе реагираат со:
– вртоглавици и чувство на слабост
– тешкотии во дишењето
– болки во мускулите и зглобовите
– забавена циркулација и студени екстремитети
– пад на имунитетот и зголемена чувствителност на вируси и бактерии.
Ако почувствувате посериозни симптоми како притисок во градите, силна главоболка или забрзано чукање на срцето, веднаш побарајте медицинска помош.
Иако следуваат неколку посвежи денови, не дозволувајте временските промени да ве изненадат. Со внимателна исхрана, доволно хидратација и со слушање на сигналите на вашето тело, може да го заштитите здравјето и да ја издржите транзицијата без проблеми односно без поголеми последици.