Американскиот актер Џејмс Ерл Џоунс, кој публиката најмногу го памети по гласот на негативецот Дарт Вејдер од франшизата „Ѕвездени војни“ („Star Wars“), почина во понеделникот на 94-годишна возраст, потврди неговиот агент.
Џоунс долго време боледувал од дијабетес и починал во својот дом опкружен со членови на семејството, изјави неговиот агент Бери Мекферсон. Причината за смртта не е соопштена.
Актерот, чиј моќен, длабок глас го оживеа легендарниот негативец Дарт Вејдер, глумеше повеќе од шест децении и освои 3 награди Тони, вклучувајќи награда за животно дело во 2017 година, 2 награди Еми и 1 награда Греми. Во 2011 година, Американската филмска академија му додели награда за животно дело.
Џејмс Ерл Џоунс е роден во 1931 година во Мисисипи, а во детството се соочил со силно пелтечење.
„Луѓето доаѓаа во куќата, се претставувавме, а јас не можев да го кажам своето име“, рече тој во интервју за PBS во 2014 година, опишувајќи колку бил тежок неговиот проблем. Во детството научил да молчи долго време.
„Сфатив дека понекогаш тишината не е лоша. Добра е за слушање. Научив да слушам“, рекол Џоунс.
Неговото пелтечење подоцна го навело да глуми, откако еден професор во средно училиште користел поезија за да му помогне да го подобри говорот. По колеџот и воената служба во Корејската војна, Џоунс се свртел кон сцената на Бродвеј.
Во текот на 50-тите и 60-тите Џејмс Ерл Џоунс стана главен столб на Бродвеј, со значајни улоги во драми како „On Golden Pond“ и „The Best Man“. Неговата работа му донесе 4 номинации за Тони, а ги освои наградите за „The Great White Hope“ во 1969 година и за „Fences“ во 1987 година.
Џоунс постигна успех и на телевизија, освојувајќи две Еми награди во 1991 година за неговите улоги во „Heat Wave“ и „Gabriel’s Fire“. На филмското платно, неговата работа е заблежана во адаптацијата на претставата „The Great White Hope“ од 1970 година, во која го играше боксерот Џек Џеферсон, што го прави само вториот црн актер во историјата номиниран за Оскар, по Сидни Поатје.
Во 1977 година, Џоунс беше избран за гласот на Дарт Вејдер во трилогијата „Star Wars“, правејќи го признат ширум светот. Неговиот портрет на иконскиот негативец е запаметен по познатите реплики како: „I find your lack of faith disturbing“ и незаборавното откритие од „The Empire Strikes Back“, кога Вејдер признава: „No, I am your Father“.
Во текот на неговата кариера, Џоунс имаше над 200 филмски и телевизиски улоги, вклучувајќи го и гласот на Муфаса во анимираниот филм „Lion King“. Продолжи да работи активно до доцните години, враќајќи се во улогата на Вејдер во различни проекти „Star Wars“. Гостуваше и во популарни серии како „Frasier“, „The Big Bang Theory“ и „Two and a Half Men“.
На социјалните мрежи и во изјавите за медиумите, многу уметници му оддадоа почит на Џејмс Ерл Џонс.
„Еден од најдобрите глумци во светот, чиј придонес во ’Ѕвездени војни’ беше неизмерен. Многу ќе ми недостига“, рече актерот Марк Хамил, кој го играше синот на Вејдер, Лук Скајвокер, во филмовите „Ѕвездени војни“, во изјава за Асошиејтед прес. На платформата Икс напиша „Почивај во мир, тато“.
#RIP dad 💔 https://t.co/YXpFoBb2Ua
— Mark Hamill (@MarkHamill) September 9, 2024
„Ти благодарам за сè, драг Џејмс Ерл Џонс. Мајстор на нашиот занает. Ние стоиме на твоите раменици. Одмори се сега, ти ни го даде најдоброто од себе“, напиша глумецот и режисер Колман Доминго.
Џејмс Ерл Џоунс зад себе го остави синот Флин Ерл Џоунс од бракот со Сесилија Харт, која почина во 2016 година по 34 години брак.
Ќе остане запаметен како еден од најголемите актерски таленти, чиј глас остави неизбришлива трага во светот на филмот и телевизијата.