Дали снегот повторно ги изненади надлежните? Снежните наноси го отежнуваат движењето низ државните патишта, на одредени места има забрана за движење на тешки моторни возила, а автопатот „Пријателство“ е заамрзнат.
Од АМСМ известуваат дека од 08.50 часот поради заледеност на коловозот на автопатот Пријателство кај с.Миравци, тешките товарни возила ќе се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија.
– Забрани за движење на тешки товарни возила од превентивни причини има на следните патни правци: Крива Паланка – граничен премин Деве Баир; Гостивар – Маврово – Дебар; Гостивар – Стража – Кичево, како и на планиските превои Пресека и Плетвар.
Од претпријатието препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
ЈП „Македонијапат“ информира дека нивната целокупна расположива механизација и работна сила се ангажирани за расчистување на патиштата, а во процесот се вклучени и соработнички фирми за поефикасно справување со снежните наноси.
Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег, кој е расчистен од страна на дежурните екипи.