„Никој не смееше да му каже дека ќе му ја ампутираат ногата“ – личниот лекар на Тито открива детали за последните денови на Маршалот
„Стапалото беше бледо и имаше темна, ограничена дамка – како да е истурено мастило. Ја проверив пулсацијата – ја немаше. Но не можев ништо да му кажам тогаш.“

Доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, почина на 4 мај 1980 година. Кога беше објавена веста за неговата смрт, цела Југославија заплака. Неговите последни денови ги помина во болница во Љубљана, а со него до самиот крај беше неговиот личен лекар, д-р Миломир Станковиќ, кој првпат откри како изгледале тие моменти во емисијата на Мира Адања Полак.
„Сè околу неговото лекување беше во строга тајност,“ вели д-р Станковиќ.
„Дојде сопругата да ме посети во Брдо кај Крањ, а не смеев ни да ѝ кажам дека следниот ден ќе му ја ампутираме ногата. Никогаш не знаевте кој слуша.“
Според него, дури и во клиничкиот центар им било кажано да не трчаат низ ходниците зашто новинарите гледале низ прозорците.
„Инекциите ги носевме во чантички, за да не се види. Никој од неговото обезбедување не знаеше што му даваме. Сè беше тајна.“
Прво предупредување – „Нешто не е во ред со стапалото“
Првиот контакт со Тито се случил на 15 мај на Бриони.
„Излегуваше од бањата, истуширан и избричен, и чекаше да му ја дадам инекцијата. Ми ги следеше сите движења. Секогаш имаше доверба во мене.“
При една терапија, Станковиќ забележал нешто необично на левото стапало.
„Стапалото беше бледо и имаше темна, ограничена дамка – како да е истурено мастило. Ја проверив пулсацијата – ја немаше. Но не можев ништо да му кажам тогаш.“
Откако Тито дознал дека лекарот го набљудувал стапалото, побарал објаснување:
„Му реков: ‘Друже Претседателе, имате промена на стапалото што мора итно да се прегледа.’“
Тој ми одговори: ‘Сега е Нова година, немам време за конзилиуми.’“
„Ако ми ја отсечете ногата, ќе си пресудам сам“
Дијагнозата била оклузивна ангиопатија, сериозно стеснување на артеријата што ја храни ногата.
„Јас бев одговорен. Му предложив да собереме конзилиум. Тој ми рече: ‘Да почекаме, ќе помине тоа.’“
Но, состојбата се влошила.
„Имаше страшни болки какви што никогаш не почувствувал. Го искористив тоа да го убедам аѓутантот дека е многу сериозно.“
Конечно, пристигнале и двајца светски експерти – д-р Мајкл Дибејки од САД и д-р Марат Њазев од СССР.
„Дибејки предложи бајпас и рече дека, ако не успее, мора да се направи ампутација. Но Тито не сакаше ни да слушне. Рече: ‘Ако ми ја одземете ногата – сам ќе си пресудам.’“
Тито тајно носел пиштол во чанта, кој бил тргнат пред да биде хоспитализиран. Никој не смеел да му ја каже вистината.
„Се одложуваше ампутацијата, се продолжуваше терапијата што не делуваше. Ногата на крајот се исуши и почна да го труе организмот.“
Последниот маршал
По ампутацијата, Тито бил задоволен.
„Рече: ‘Со една протеза и едно стапче ќе одам повторно на Самитот на неврзаните.’“
Но било предоцна. Телото не можело повеќе да се бори. Следеле кризи, реанимации, дијализа…
„Она што го однесе на оној свет,“ објаснува д-р Станковиќ,„беше една склеротична плоча што затвораше 50% од артеријата. Настана крварење што можеше лесно да се реши хируршки. Но нему му излегуваа во пресрет – само со лекови.“
Последните зборови
„Кога виде дека сè е готово, последните зборови му беа:
‘Што треба сето ова да значи?’“
„Не знам дали се однесуваше на лекувањето или на некои негови политички одлуки,“ вели д-р Станковиќ.
„На средината на февруари веќе не можеше да зборува. Беше во индуцирана кома. На 4 мај во 15:05 се појави рамна линија.“