Неоткриена бања со чудесни моќи и лековита вода на два часа од Македонија – и душата полна, и паричникот неиспразнет
За оваа бања можеби не сте ни чуле, но вреди - и тоа како - да се посети.

Недалеку од македонската граница, на околу 25 километри северно од Ниш, во долината на Топоничка река, се наоѓа Бања Топило, природна оаза што сѐ уште не е целосно откриена од туристите, а во себе крие големо богатство.
Ова место плени со својот мир и кристално чисти топли минерални води, чија лековитост нуди олеснување за бројни здравствени проблеми и ревитализација на телото и духот.

Минералната вода во Топило извира од околу осумнаесет извори со температура од 34 степени Целзиусови и проток од десет кубни метри во секунда. Водата е богата со минерали кои имаат позитивно влијание врз телото, особено при лекување на болести на рбетниот столб, мускулно-скелетниот систем, како и на кожата.

Водата се користи и за пиење, има благотворно дејство врз варењето и општата виталност. Ваквите својства ја прават Бања Топило идеална дестинација за рехабилитација, особено за лица кои се соочуваат со хронични болести, постоперативни состојби, невролошки нарушувања и ревматски проблеми.

Комплексот на бањата располага со два базени од затворен тип во кои минералната вода постојано се обновува директно од изворите. Престојот во вода се препорачува да трае околу дваесет минути, со едно капење дневно.

Освен капењата, гостите можат да користат и разновидни третмани кои вклучуваат хидротерапија, подводна и рачна масажа, електро и фототерапија, како и кинезитерапија. Терапиите се водат од искусен и посветен стручен тим кој овозможува индивидуален пристап при рехабилитацијата и оздравувањето.
Сместувањето во Бања Топило е прилагодено на различни потреби и буџет. Гостите можат да изберат помали приватни објекти со пријатна и топла атмосфера по многу прифатливи цени, како и модерни апартмани со сите потребни удобности за релаксиран престој. Ценовниот распон е навистина многу прифатлив, што ја прави бањата достапна за поширок круг посетители.

Гастрономската понуда во близина на бањата е богата со традиционални специјалитети кои се подготвуваат од свежи, локални и органски намирници. Рестораните и гостилниците нудат можност за уживање во автентичната локална кујна, која допринесува за целосно доживување на овој крај.
Околината на Бања Топило нуди и бројни можности за рекреација и прошетки во природа, со чист воздух и живописни пејзажи кои ги стимулираат сите сетила. Посетителите можат да се запознаат и со локалната култура и традиција, која се негува со посебна посветеност и гордост.


Ако размислувате за бегство од градскиот метеж, Бања Топило е вистинска дестинација за сите оние кои бараат квалитетен одмор со здравствени придобивки, далеку од урбаната брзина и од стресот. Нејзината уникатна минерална вода и професионалниот пристап кон терапиите ја прават исклучително вредна за посета, а нејзината природна убавина ќе ги задоволат и најпребирливите посетители.