Гламур интервју со македонската фолк-пејачка Ава Керш, во јавноста позната и како поранешна сопруга на легендарниот Пепи Бафтировски
Ава Керш е прекрасна дама, уметничка душа која и во своите 60-ти зрачи со посебна природна убавина. За себе вели дека нема некои посебни рутуали за убавина, но и дека нема никакви естетски корекции и дека се чувствува среќна и максимлно исполнета со своите работни ангажмани. Кога има време оди на танц и тоа веќе одамна не е само хоби за неа, туку нешто многу повеќе. Што друго ни откри оваа прекрасна дама, дознајте од нашето интервју со неа во продолжение…
Приватна архива
Прашање: Како Ви започнува едно утро, како изгледа Вашиот утрински ритуал?
Утрото го започнувам со утринските вести на ТВ додека пијам кафе, а понекогаш и две кафиња. Се туширам и спремам за работа.
Прашање: Сеуште важите за една прекрасна дама, ексцентрик која блеска со својата убавина. Како се грижи Ава за себе и својата убавина?
Како се грижам за себе, па не правам ништо посебно. Искрено овде животот е на трчање и немам време ни да размислувам толку околу тоа. Јас сум постојано активна. Се случува и после работните саати да продолжам и со работа дома.
Понекогаш патувам на конференции. Може и таа динамика ме одржува. Среќна сум кога сум зафатена.
Приватна архива
Прашање: Што е според Вас важно за една жена да биде во духот млада и убава?
За една жена да биде во духот млада и убава прво треба да е здрава, позитивна личност, секогаш да учи нови нешта и да биде во тек со се. Да биде опкружена со луѓе што предизвикуваат насмевка на нејзиното лице и да знае да ужива во едноставни работи.
Приватна архива
Прашање: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина?
Мислам дека искусна, самоуверена , љубезна, интелигентна , среќна и насмеана жена е убава и атрактивна жена. Што значи еквивалент на женската убавина е нешто многу повеќе од физичкиот изглед.
Прашање: Како Ава го одржува своето тело, применувате ли некои активности?
Мојата активност се различните танци. Имам редовни проби. А понекогаш земам и Зумба часови.
Приватна архива
Прашање: Кој е вашиот стил на облекување? Што е тоа што најчесто го купувате?
Малку е чудно за жена меѓутоа не обожавам многу шопинг. Се чувствувам дека времето што го потрошив по продавници можев да го искористам за нешто многу попродуктивно. Инаку мојата гардероба е претежно во црна боја и секогаш носам нешто што мислам дека мене ми стои убаво без разлика дали е модерно или не.
Приватна архива
Прашање: Колку внимавате на исхраната? Постои ли храна од која се воздржувате, а која би сакала да ја имате на менито?
Не се воздржувам од никаква храна. Убедена сум дека на нашето тело му е потребно се, меѓутоа во умерено количини. Слабост ми е овошјето и чоколадото тоблерoне. Бев многу среќна дека ги има и во Америка 😊.
Прашање: Имате ли хоби што Ве опушта?
Мислев дека играњето ќе ми биде само хоби меѓутоа прерасна во нешто посериозно. Еден период кога имав повеќе време одев на пливање, сега пешачам, обожавам да гледам филмови, секако кога имам време. Нешто што најмногу ме релаксира е масажата на телото.
Приватна архива
„Elements massage” e местото што го посетувам во Чикаго ако не повеќе барем 2 пати месечно.
Прашање: Дали имате некои естетски корекции и дали ги поддржувате ваквите зафати?
Естетски корекции немам направено се уште. И немам намера да правам во иднина. Барем така размислувам сега. На 4 февруари наполнив 60 години и не мислам дека некоја корекција може да помогне да изгледам многу помлада. А и тоа не ми е толку важно затоа што секоја возраст носи нешто убаво, нови искуства и можности. Тоа ме прави среќна. Но поддржувам луѓе што прават естетски корекции доколку е тоа нешто што го право да се чувствуваат убави и среќни.
Приватна архива
Прашање: Бидејќи сега скоро бевте во Македонија, какви емоции Ви буди доаѓањето овде и што најмногу Ви недостига кога сте во Чикаго?
Прекрасно е чувството секогаш кога доаѓам во Македонија. Затоа што имам можност да бидам со мојата фамилија, да се видам со пријатели и луѓе со кои сме соработувале јас и Пепи.
Принтскрин/ Јутуб
Многу се радувам што имав можност да се видам со Ели Танасковска, Миле Барбаровски, Орце Гелевски, прекрасни личности кои многу ги почитувам. Во Чикаго кога ќе се вратам ми е жал што нема повеќе време да останам во Македонија. Затоа што има толку многу луѓе што сакав да ги видам, но времето е многу кратко.