Интервју
COVER STORY

Нема најпопуларна диета, има најдобра индивидуална диета – бизнис приказни со жената што ја донесе науката за исхраната во Македонија, Тања Турунџиева

Од новинарство до врвен нутриционизам - 26 години професионална посветеност, дисциплина и резултати што зборуваат сами за себе.

Advertisement

Кога нутриционизмот беше речиси непозната област во Македонија, Тања Турунџиева го отвори првиот Диет Клуб на Балканот и постави стандарди кои и денес се препознаваат по резултати и професионалност.

Нејзината приказна е ретка комбинација од визија, истрајност и храброст да се тргне по пат што тогаш малкумина го разбираа. Од првичниот предизвик да најде вистински начин на исхрана за своето дете, до создавање успешен нутриционистички центар со индивидуален пристап, Тања денес е пример за женско лидерство, градење бизнис од нула и непрекината едукација.

Advertisement

Во ова интервју, таа открива како се создава бренд кој опстанува повеќе од две децении, кои се најважните вредности во нејзината работа и како гледа на иднината на нутриционизмот во Македонија.

 

фото-приватна архива

Вашата професионална приказна е навистина инспиративна, од новинарка до врвна нутриционистка. Кој беше пресвртниот момент кога одлучивте да го смените правецот и да ја следите страста кон здравата исхрана и кои беа најголемите предизвици на патот до успехот во време кога малкумина воопшто знаеја што е нутриционизам?

– Мојата професионална приказна започнува во далечната 1996 година кога мораше за сопственото дете да припремам план на исхрана, за подобрување на имунитетот. Инспирацијата позади тоа беше една подарена книга, која во тоа време не можеше да се најде во нашите книжарници. Вие може ме помните како новинар за здравство во тоа време, но тоа не беше мојата вистинска професија. По моето враќање од Германија, бев принудена да прифатам каква било работа, за да можам да го прехранам моето семејство, бидејќи токму во тој период од мојот живот започна и процесот на мојот развод.

Пресвртот се случи случајно, а не верувам во случајности, затоа што за мојата наука дојде токму вистински момент кога го отворив првиот Диет Клуб на Балканот, па дури и пошироко. Тогаш созреа желбата и се случи реализацијата на мојата идеја која што ја носев длабоко во себе уште пред заминувањето и почетокот на мојот живот во Германија.

Почетоците беа премногу тешки и макотрпни, бидејќи во тоа време немаше доволно ресурси и вооошто не беше позната науката која што се вика нутриционизам. Не можам да кажам дека имав лесен пат, но можам да кажам дека издржав за сиве овие 26 години, 26 години е и времето колку и официјално се занимавам со оваа професија.

По патот до успехот кој што денеска го имам, најголема испирација беа успесите кои што ги нижев со моите пациенти преку нивните видливи резултати. Не можам да ги заборавам и моите деца, кои беа моја поддршка за да стигнам каде што сум денеска.

фото-приватна архива

Денес сте сопственичка на успешен нутриционистички центар. Во свет каде жените сè почесто ја преземаат улогата на лидери во бизнисот, како вие го доживувате женското претприемништво во Македонија, особено во областа на здравјето и нутриционизмот?

– Жената која што има одредена идеја, со упорност и истрајност може да стигне до својата цел ако вложи максимален труд. Водењето бизнис не е вооппшто лесно, а уште потешко е во една конзервативна средина каде што речиси секој бизнис е раководен од маж. Но, јас верувам дека една јака жена која што има длабока верба во успех и истрајност, може да влезе во светот на бизнисот и тоа како успешно, ако има верба во себе и поддршка од семејството. Во тој момент жената има две улоги, мајка и успешен бизнисмен.

Кога треба некого да лекуваш преку храна, процесот носи преголема одговорност, посветеност и грижа. Треба темелно да се спознаат сите информации за здравјето на пациентот и притоа да се подготви прикладен план за исхрана кој што секогаш е изработен на индивидуално ниво.

Сето тоа бара голема длабочина и темелно навлегување во нутриционизмот, квалитетно образование и едукација, која што ќе се преточи во обид некому да му се помогне за да успешно се надмине здравствениот проблем преку исхраната.

фото-приватна архива

Вашиот центар е познат по индивидуален пристап и професионални резултати. Кои вредности и принципи се најважни за вас во односот со клиентите?

– Токму така. За целото времетраење на мојата професионална кариера, имам индивидуален пристап кон секоја личност. Барам крвни анализи и правам анамнеза за здравствената состојба, па потоа приготвувам персонализиран план за исхрана. Така функционирам сите овие години и така и ќе продолжам. На неделно ниво го менувам планот на исхрана, а по изминат период барам контролни крвни анализи, со цел да ги видам подобрувањата на здравствената состојба.

Нема поголем успех и среќа кога ќе видам подобрени контролни крвни анализи, каде здравствена состојба на пациентот е драстично подобрена. Тогаш среќата е обострана.

За да можеме да успееме во посакувана цел, мора да постои дисциплина и посветеност, за да може да се дојде до посакуваната цел. Без овие карактеристики, резултатите се најчесто непостоечки. Од секој пациент се очекува максимална дисциплинираност во врска со водењето на здравиот начин на исхрана.

Како успевате да ја одржите рамнотежата меѓу управувањето со приватен бизнис, постојаното усовршување и личниот живот?

– За мене постои само една девиза: На работа сум максимално посветена на својата професија, а дома сум едноставно мајка. За целото ова време успевам да ги разграничам работните и домашните обврски. Кога станува збор за едукација, не значи дека по завршување на студиите тука завршува едукацијата. Постојано мора да се следат светските трендови, да се објавуваат трудови, да се следи науката надвор од границите на Македонија. Човек учи додека е жив. Без постојано усовршување и читање на најновите трендови, човек не може да биде успешен во ниедна професија, а најмалку во мојата.

Дополнително, многу е важно да се има време и поддршка и од фамилијата дома. Балансот не доаѓа сам по себе, тој е резултат на свесни избори и посветеност. Искрено верувам дека кога човек работи со љубов, полесно ги надминува сите предизвици кои што се појавуват и гордо и мотивирано чекори нанапред.

Која е Вашата визија за иднината, каде го гледате развојот на нутриционизмот во Македонија и имате ли планови имате за проширување на вашата дејност?

– Иако ние сме мала држава, моето размислување е дека, за жал, изборот на квалитетни нутриционисти во Македонија е исто така значително многу мал.

Во сите овие 26 години како се бавам со оваа наука, светот се промени значително, па дури и за време на моите почетоци интернетот воопшто не беше развиен. Многу често, луѓето пробуваат да најдат решенија и веруваат на секакви луѓе и статии од непроверени извори многу наивно. Голем дел од така наречените онлајн нутриционисти, многу често нудат нереални резултати од аспект на килограми или здравје. Многу често луѓето одлучуваат да ги решат проблемите сами, следејќи диети и совети кои што ги виделе онлајн, без да се консултираат со стручни лица.

Кога се работи за здравје, останатите земји имаат поинаков начин на пристап, па тој онлајн начин е многу поредок отколку во Македонија. Можеби не е јавно достапно, но изминатите неколку години работам и надвор од границите на Македонија. Една од разликите кога станува збор за пациентите кои доаѓаат од останати земји надвор од границите на Македонија, е дека се многу попосветени и подисциплинирани кога станува збор за здрава исхрана и придржување на пишаниот план. За моите професионални обврски надвор од границите на Македонија, допрва ќе се слушне.

фото-приватна архива

Кои се моментно најпопуларни супернамирници и зошто, а кои најпопуларни диети и зошто?

– Не секоја здрава намирница треба да биде класифицирана како супернамирница. Има одредени супернамирници кои што не треба да бидат во исхраната на една индивидуа, бидејќи можеби тие супернамирници за некого ќе дадат контраефект, а за некого позитивни резултати. Затоа, точно треба да се знае што е најадекватно за индивидуата која што е на некаков план на исхрана.

Некои намирници кои што се бенефитарни и здрави за една индивидуа, не значи дека се здрави за друга индивидуа. Поради овие причини, мојот пристап кон секоја индивидуа е со индивидуален план на исхрана.

На нашите простори зборот диета е еднакво на гладување, а јас сум многу против гладувањето кога станува збор за намалување на килограмите или решавање на некаков здравствен проблем. Од моето лично искуство, не би можела да кажам дека има најпопуларна диета, поради тоа што секоја план за исхрана е создаден индивидуално за лицето кое што треба да го следи. Јас се стремам да успеам моите пациенти да го гледаат начинот на исхрана како начин и стил на живот на една индивидуа, а не тој план на исхрана да се гледа како некаква диета.

Како Вие ја одржувате Вашата топ форма?

– Здрава исхрана, физичка активност, ведар и позитивен дух. Кај мене не постои „не можам“ и „не сакам“, доколку се има желба да се има успех. Овие три принципи, се всушност вистинската формула за добриот и здрав живот. Кога телото е нахрането со вистинската храна, а умот е поттикнат со позитивна енергија, човекот многу полесно ги совладува професионалните и личните предизвици.

Физичката активност не е само задолжителна, туку претствува и начин да се освести телото, за да се смири умот. Верувам дека секој што ќе ги прифати овие навики како стил на живот, ќе почувствува длабоки и трајни промени во своето секојдневие. Сметам дека кога овие принципи се следат на дневно ниво, секоја индивидуа ќе ја има потребната енергија, среќа и умственост за да успее да ги реши предивзивиците кои што доаѓаат на секојдневно ниво. Најважното од се е на крајот на денот да бидеме здрави и среќни. И ние самите и нашето семесјтво.

фото-приватна архива

Кој е вашиот цитат, животно мото, кое секогаш го следите и го имате при срце?

– Животот е еден и треба да се живее квалитетно секој миг, со полни гради. Здравјето е нашето најголемо богатство. Се чува секој ден, а не кога ќе се наруши. Треба да се цени секој убав миг, да се заборави минатото, да се живее во сегашност, но и да се има визија за иднината.

Храната може да биде нашиот најефикасен лек или нашиот најголем непријател. Како што голем дел од луѓето се грижат за својот надворешен изглед, така сметам дека треба да се грижат за својата духовна внатрешност со помош на здрава исхрана.

Да бидеме благодарни за ова што го имаме, да чекориме низ животот со емпатија кон секој и да ја чуваме природата на истиот начин на кој што го чуваме и нашето тело.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Реклама

Поврзано

Back to top button