„Не можам да ја наречам дама“ – Харис Џиновиќ пак ја „исплука“ бившата Мелина

Десет месеци по бурниот развод, српскиот пејач Харис Џиновиќ повторно се огласи за односот со поранешната сопруга Мелина и искрено проговори за причините што, според него, довеле до крајот на нивниот долгогодишен брак.
Разводот на Харис и модната дизајнерка Мелина стана јавна тема на 25 јануари, кога беше објавено дека по дваесет години заеднички живот и десет години брак, парот официјално се разделува. Во тој период, парот беше честа тема во медиумите, особено поради меѓусебните изјави и прозивки што следеа по објавата за разводот.
Иако во јавноста долго се шпекулираше за причините, Џиновиќ сега детално објасни што всушност мислел кога рекол дека „давал премногу“.
„Не зборував за пари, туку за слободата што ја имаше. Можеше да оди и да дојде кога сака, да патува, да троши, да живее без граници. Во мојот дом никогаш немало ‘не смееш’ или ‘не давам’. Не знам што уште можев да направам. Многу ја сакав и го сакав нашето семејство“, вели пејачот.
Тој додаде дека љубовта не исчезнала, но дека нивните патишта се разделиле затоа што, како што смета, Мелина посакала поинаков живот.
„Така сакала госпоѓата… дама не може да биде. Мислеше дека некаде таму има нешто подобро. Веројатно ѝ здосадив. Дваесет години не се малку. Ако некој веќе не сака да биде со мене, нема ни да прашам зошто“, изјави Харис во емисијата „Премиера“.
Додека Џиновиќ јавно се навраќа на минатото, Мелина очигледно ја живее својата нова приказна во Монако. По разводот, таа се пресели таму, а медиумите пишуваат дека е свршена со богат бизнисмен кој ѝ помогнал да ја отвори сопствена продавница за нејзините модни креации.
Пејачот, пак, истакна дека единствено за што жали е „непочитта“, а не материјалните работи.



