Не фрлајте пари на скапи играчки – овој предмет што чини нула денари и сите го имаме е најдобар за развој на детето
Кога пред детето ќе ставите голема празна кутија, се случува нешто волшебно.

Родителите често мислат дека на детето му требаат најнови играчки за да се развива правилно. Но, педијатрите и психолозите веќе долго време тврдат дека е сосема спротивно, наједноставните предмети кои обично ги фрламе се далеку повредни за развојот на детето од скапите пластични играчки.
Зошто картонската кутија е „супериграчка“?
Ја буди имагинацијата кај детето
Кутијата може да биде автомобил, вселенски брод, замок, пештера, продавница, подморница… Детето само одлучува. Нема копчиња и звуци што му кажуваат што „треба“ да биде, мора само да размислува.

Го учи на решавање проблеми
Како да влезе во кутијата? Како да направи прозор? Дали ќе ја залепи или ќе ја исече? Секој проблем има повеќе решенија, детето учи креативно да размислува.
Го збогатува говорот
Додека објаснува „ова е моторот на ракетата“ или „ова е тајниот влез во замокот“, детето користи нови зборови и подолги реченици кои во секојдневието ретко ги употребува.
Ги развива фината и грубата моторика
Сечење, лепење, боење, лазење внатре-надвор, сите овие активности го зајакнуваат детското тело.
Претвора обична домашна работа во игра
Сортирањето на рециклажниот материјал (картони, ролни од тоалетна хартија, пластични шишиња) може да стане заедничка авантура: „Ајде да направиме гаража за сите твои автомобилчиња!“.

Што ви треба (сè е бесплатно или речиси бесплатно)
Картонски кутии од секаква големина (најдобри се оние од телевизор или фрижидер)
Ролни од тоалетна хартија и кујнска хартија
Стари весници, селотејп, лепак
Фломастери, боици, бои за прсти
Ножици со заоблени врвови (за поголеми деца)
Како да ја организирате играта
Оставете ја кутијата пред детето и не му кажувајте ништо. Само прашајте: „Што мислиш дека може да биде ова?“ Ако му треба поттик, понудете избор: „Дали сакаш да биде куќа, брод или автомобил?“
Пуштете го да води, вие само помагајте кога ќе „заглави“. Така детето учи дека неговите идеи се важни.
На крајот заедно украсете ја творбата и фотографирајте ја, детето ќе биде гордо на своето дело.

Една картонска кутија чини 0 денари, а дава повеќе за развојот на детето отколку играчка од 50 евра со батерии. Затоа, следен пат кога ќе добиете голема пратка, не ја фрлајте кутијата. Оставете ја на подот.
И гледајте како почнува магијата.




