Реклама
БизнисИнтервјуПортрети

„Научив со годините да кажам и НЕ и НЕ МОЖАМ“ – бизнис приказни со Васка Леонтиќ

„Овој период од животот на прво место и приоритет ми е да бидам, колку што се може грижлива мајка, на полето на бизнис жена се докажав и можам да ја одржувам работата, но не и да се убивам од работа, бидејќи кога ја немав Анна во мојот живот, работата ми беше само изговор да си го пополнувам вишокот на време со толку многу работа, да немам време да размислувам на осаменоста. Сега е право задоволство кога има баланс и хармонија во домот, а работата е простор и време каде се одржува плодот на веќе вложен труд со години“.

Реклама

Васка Леонтиќ (54) е етаблирана стилистка, едукатор и основач на приватниот центар за стручна обука „Академија Леонтиќ“. Зад себе има 31-годишна кариера, вложен труд, но вложена и огромна љубов кон она што го работи.

Васка е жена-инспирација и за оние кои штотуку ги прават првите чекори во деловниот свет, како и за оние кои, како неа, веруваат дека не постои возраст за среќа. На 48 години ја роди ќеркичката Анна, а како еднороден родител денес знае да направи селекција што ќе работи, односно, тоа што ѝ носи голем стрес знае дека треба да се отфрли, да каже ‘не“, а вистинските вредности ги наоѓа во духовноста и умеењето да се живее поедноставен начин на живот.

фото-приватна архива

Прашање: Можете ли да ни кажете за Вашата професионална позадина пред да започнете сопствен бизнис? Како и дали тие искуства, гледано од денешна дистанца, придонесоа за Вашиот сегашен успех?

Почетоците ми беa добар темел за сето тоа што сега можам да го работам и да се прилагодам во сите ситуации кои ми претстоеа во овие 31 година самостојна работа. Голема среќна околност што започнав многу рано, уште додека бев ученичка, и ја посетував салонската пракса и несебично своето време го посветив на изучување нови техники и се посветив на сѐ што беше поврзано со работата, што од љупопитност, а што од желбата и љубовта кон дејноста.

Маркетинг

Кога ги започнав моите почетоци ми беше како забава и сѐ ми беше многу интересно и многу убаво на работа. За големи успеси не ни сонував, бидејќи тоа ми се чинеше многу далечно, мислев дека за голем успех е потребно многу време. Започнав на свои 17 години и да одам на пракса и да работам и учам, на таа возраст, наивни, искрени, не ни бев свесна дека првите впечатоци се најсилни и темел на сѐ што допрва следува, никој од нас нема втора шанса повторно двапати да импресионира некого.

Моето неискуство, наивноста и искреноста, взаемно со огромната желба за работа и аплауз за сето што го работам во комбинација со големиот телент, тоа беа почетоци за кој ден денес моите клиенти кои ме познаваат и паметат од времето на ученичка говорат за таа Васка за која јас многу сакам да се присетувам, период кој беше најубав за мене и на тој начин, всушност, јас преставувајќи се самата себеси преку љубовта кон работата и воедно го градев сопствениот имиџ, а со тоа и брендот Леонтиќ.

Маркетинг

Ништо во животот не е случајно, ако е искрено и од сѐ срце се работи и сѐ се прави со љубов.

Како минуваа деновите, годините, како млада девојка, која буквално сѐ ја интересираше, вклучена на многу јавни настани, модни ревии, изложби, ме интересираше уметноста уште како дете, многу сакав да цртам, бев опкружена со познати сликари, гледајќи ги како работат, цртаат, сите тие техники ги испробував и сама дома.

Посебна љубов ми беа јавните настапи, модните ревии, семинари, изложби, а со тоа го развивав и одноосот кон бојата, контрастите, комбинациите и ги согледував и тие тонови и со луѓето како во салонската пракса, но најмногу на модните ревии. Пасија ми беше да бидам и моден креатор, истовремено и плетев, шиев, креирав сѐ што беше потребно за самата себе, ме интресираше што се случува на сцената, пред, но уште повеќе позади сцена.

Потоа учествував уште како дете како статист во Македонска телевизија во емисијата Носталигија, тоа беше огромно искуство, однос со камера, комуникација со соработници и целиот тим на камермани.

После сите овие искуства, бев толку многу опседната и подготвена за сцена и камера, бев активна во Комората на занаетчии уште како ученичка се натпреварував, а потоа преку секцијата на фризери продолжив со модните ревии и семинари.

Желбата за јавен настап, преставување на стекнатите вештини и вложениот труд низ работата, таа експресија на сцена ме држеше долг период, беа до таа мера големи што продолжив со организација на самостојни ревии на Саем на модата, каде имавме наш штанд, и на тој штанд ги сработувавме сите најнови техники и беа вклучени сите наши ученици, потоа други самостојни ревии организиравме во МНТ и МОБ, во Музеј на Град Скопје.

Со тек на времето, желбата растеше за нешто што е многу повеќе од еден јавен настап и лично експонирање и оттука започнаа обуките за меѓународна соработка и едукација како да работам со Европски проекти и мојот ангажман кон личниот развој и нешто повеќе.

Започнав со работа како проект координатор на Европски проекти и меѓународна соработка како домаќин и тука веќе мојот развој го гледам на кариера на интернационално ниво, кој ден денес мојот фокус е насочен со работа со Европски проекти и како домаќин и како Обучен центар кој носи ученици и наставен кадар на мобилност кај нашите партнери.

Сега, кога размислувам, гледам дека секој чекор кој сум го правела водел само кон голема слика и развој кој води само кон успех.

Во тоа време сите овие периоди и попатни промени беа само реализирање на нешто ново и непознато и како новитет, сето тоа беше огромно задоволство, не ни замислував дека ќе го постигнам ова што сум сега.

Кога им раскажувам на моите ученици, просто не им се верува, но успехот е само во трудољубивоста, посветеноста и истрајноста во работата.

Имало и падови и моменти кога сум ризикувала за работи кои не ми биле познати и сум ги започнувала, но сето тоа сум го доживувала како попатна работа, а не како неуспех.

Секоја започната работа доколку не ме исполнувала не сум ја работела, во секој сегмент од работатата, на прво место, мора многу да ја посакувам дејноста, па потоа да прифатам да работам. Ако нешто не ми се допаѓа макар и многу инвестирала или има профит во таа одредена работа, не сум жалела за средствата што сум ги вложувала ниту за времето и трудот вложен, веднаш сум прекинувала со таа работа ако едноставно не ме исполнува.

На пример, кога увезувавме козметички производи не се пронаоѓав како увозник и дистрибутер и веднаш по неколку увоза прекинав, а загубата беше огромна, фрлифме огромна количина на козметички производи, но секогаш велев дека секоја школа се плаќа.

Втората огромна инвестиција ми беше со отварање на дијзајн студиото, вложив во огромна и многу скапа опрема на компјутери и печатач, но тогаш ја научив најголемата лекција во мојот живот, а тоа е – една работа која треба да ја започнам, прво пред да инвестирам, да ги совладам вештините јас лично, а потоа да вработувам лица кои ќе го работат тоа. Тоа студио се затвори, а компјутерите не беа воопшто рационално искористени ниту печатачот и новата технологија се промени ниту можеа да се продадат, а ниту да биде капацитетот искористен.

Ете, од тука па наваму, не навлегов во ниту една инвестиција која јас не умеам да ја работам. Сето ова поминато искуство ме прави ова сега што сум денес, и како менаџер и како личност која селективно ги одбира сите следни чекори во кариерата и во развој во работата и не се залетувам да работам што било, а најмногу да вложувам во машини и апарати.

фото-приватна архива

Прашање: Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен?

Секоја жена поседува интуиција која треба да ја следи, да не се троши времето попусто на разни коментари, едноставно секој да си ја гледа сопствената работа.

И кога е невозможно да се верува во возможното, никогаш од ништо да не се откажувате, освен ако сама не почуствува дека треба да се направи мал одмор или работа со помал стрес.

Контунитет, посветенос е кључ кон успех и не ги гледајте другите што прават, бидете вие пример за другите, не ви треба потвдрда од никого дека сте добри, доволно е тоа што ви го следат чекорот, свесни сте тогаш колку вредите вие и тоа што го работите.

Перманетно да се вложува во себе и во личен развој, да се биде во чекор со промените, но да се разликува што е исправно, практично и корисно, а не слепо да се следат трендовите кои се наметнуваат и дека треба сѐ што се нуди на пазарот на труд да се прифати.

Кратко кажано, следете го сопствениот сон и бидете умерени во секој чекор што ќе се преземе, макар колку и да е трновит патот кон целта, но задоволството е големо кога ќе поминат три, четри децении во работата и имате што да кажете на идните поколенија, традиција, статус, имиџ и име кои оставаат белег и ги подигаат стандарите во општеството, белег и имиџ по кој сте препознатливи, тоа се вели успех.

фото-приватна архива

Прашање: Дали според Вас материјалното го води светот?

Кога бев помлада веднаш ќе ви одговорев ДА и дека само материјалното е најбитно на овој свет. Од оваа преспектива, парите се нужно зло да ги подмириме основните потреби за живот, но како минат годините, сите страсти што се однесуваа на материјалните добра од младоста, ги надминав.

Не беше лесно да се приземјам, морам да признам, ми требаше години да се навикнам на еден нормален начин на живот. Сега. од оваа преспектива, сѐ повеќе верувам само во квалитетот на начинот на кој живееме и не секогаш парите можат да не направат најсреќни, може во одреден период да купите нешто, но тоа не е среќа, туку моментална состојба која, за жал, многу кратко трае посебно ако немате со кого да споделите или кој да ве види во нова облека, автомобил или некој предмет ,патување или слично. Среќа е да имате добар пријател покрај себе, добар слушател, добро друштво, а за ова не се потребни материјални средства, напротив, доколку ги имате многу ги губите вистинските пријатели околу себе.

Вистинските вредности се во духовноста и умеење да се живее со многу малку и да се живее поедноставен начин на живот. Но, ова е многу тешко, бара труд и време секој да се посвети на самиот себеси, да поработи на себе, да се надмине себеси во секој аспект, тогаш секој ќе разбере колку може да се живее и со многу малку.

Но, за жал, да, материјалното ги обзема луѓето до таа мера животот им поминува во трагање брза работа за брзи пари, а при тоа времето поминува и животот поминал преку нив.

фото-приватна архива

Прашање: Каков совет би им дале на аспирантите жени претприемачи кои сакаат да се пробијат во индустријата за убавина?

Само работа, посветеност, упорност, да бидат свои и да го следат сопствениот сон. Да не се прифаќа сѐ што е трендовско и моментално актуелно, да не се плашат доколку не ги работат одредени третмани, секој да го работи тоа што најмногу го сака и умее најдобро да го сработи, само тогаш има успех.

И мој совет, кључ на успехот, е во мануелните вештини на работа, само тогаш сте оргинални и добри. Користете го талентот кој го поседувате во себе, вложувајте во себе,единствено нешто што треба е да се избегнуваат машините и апаратите, тие се моментален ефект, но не носи успех на долг период, следете ги трендовите на древната козметологија, органски производи и третмани, мануелни вештини и енергија која секој ја поседува во себе – за мене тоа е оргиналност и секој остава свој впечаток, белег и успех во работата.

фото-приватна архива

Прашање: Каков е односот кон жените лидери во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?

Зависи од професијата, има одредени професии кои се многу сензибилни, како, на пример, во политиката, жена политичар не е цената ниту респектибилна, погледнете го само бројот, односот кон мажи и жени во парламентот, сѐ ви кажува, а и колку жени политичари се успешни и останале долг период во таа професија, можете на една рака да ги наброите.

Потоа, многу други одредени професии во јавниот сектор не се праведни, за разлика во приватниот сектор каде секој сам вложува и сам одлучува. Во однос на модата и модниот свет е во ред, тука нема проблем, но сѐ зависи и од средината, мислам, сѐ уште не е во секој домен, жени лидери да се ослободени да расудуваат сами и да работат самостојно.

Но морам да признам дека во Македонија нема предрасуди, туку веќе изборот се стеснува со тоа што младата популација заминува во странство и има недостаток на работен кадар, така да не се гледа повеќе маж или жена туку кој каков квалитет поседува.

Но, тоа што забележувам во последно време, веќе женскиот пол, не толку сакаат да биат менаџери и да работат напорно. Младата популација повеќе сака да сретне некој богат маж и добро да се омажи и да седи дома, да чува деца, отколку да биде добар лидер или самостоен менаџер. Ова за жена да биде лидер и напорно посветено да работи беше тренд на генерациите од 70, 80 до 95 генерација од 2000 наваму со ученици кои разговарам ретко кој од нив сака воопшто да отвори салон или да работи, повеќето сакаат некој да им купи машини и апарати, а тие да се занимаваат со нешто друго, а салонот да им биде простор за промоција на својата тоалета и место да се покажат пред други жени.

Жената повеќе не сака да се мачи, кога постојат други и полесни начини на менаџирање со работа. Веќе многу промени има во однос на менаџирањето со нашата професија, веќе не е сонот на младите да работат напорно, бидејќи за нив да бидете посветени на работа и секоја сабота да работат, а при тоа да не може викенд да бидат слободни, е најголема казна.

Младите девојќи претпочитаат слобода и поедноставен начин на живот, ретко е да сретнете некој млад кој ќе биде пожртвуван и посветен на работата, а при тоа да има и дополнителни таленти за креативни теренски настани, тоа е за нив стрес и поместување од комфор зона.

фото-приватна архива

Прашање: Кои се Вашите приоритети како жена бизнисмен?

После 31 година вложен труд во работа по 14 часа на ден и повеќе, сега, го црпам влогот од минатото и настојувам да направам баланс помеѓу мајчинството и во одгледувањето на ќерка ми и да се посветам на семејството и исто така да бидам активна на работа и активно да работам со клиенти, но по 8 часа на ден, а сите други обврски ги работам од дома само кога морам.

Сѐ што не е потребно веќе отфрлам и одбивам.

Трудот и посветеноста на работата кој сум го вложила низ годините, името и брендот кој со години се градеше, сега ги чуствувам сите привилегии и доблести во работата и не жалам што толку години сум вложила и на себе и на фирмите, работа која била деноноќно посветена на нив.

Колку ќе работите толку ќе заработите, сѐ зависи која ви е целта поставена и во Македонија може да се заработи, но прашањето е дали сакате исто да работите со исто темпо и по 31 година самостојна работа.

Сега, работам онолку колку што ми е потребно за еден скромен и пристоен живот, ги надминав сите лудории, и „беснилоци“, ја имав таа привилегија и среќа да станам мајка во подоцнежни години, воедно можност да можам да се реализирам и како мајка и да го напаравм балансот помеѓу работата и да се посветам на семејството, а при тоа да немам грижа на совест што не работам повеќе од 7-8 часа на ден.

На 54 години го уживам трудот кој сум го вложила во минатото. Посветена сум максимално на работата која сѐ уште ја љубам и ја работам со сета страст исто како и на почетоците, но исто така свесна сум дека сега треба многу повеќе од кога било да работам бидејќи сум еднородно семејство, знам дека сега треба да направам и кочници и да селектирам што ќе работам ,тоа што ми носи голем стрес треба да се отфрли, барем во овој период кога и онака живеам со голем стрес, а посебно да внимавам на себе бидејќи ме чека уште многу долг пат до пензионирање.

На прво место е грижата кон сопственото здарвје за кое претходно воопшто не се грижев и не размислував и кога со стрес си заминував дома, сега е многу поинаку и различно, на ум имам една мисла, а тоа дека треба да сум здрава и да морам да се грижам за развојот и растот на ќерка ми и поради тоа треба да ги отфрлам сите од мојот живот кои ми придонесуваат да бидам под стрес, да селектирам со кого ќе се дружам, доколку некој ми причинува товар, умор, стрес да се дистанцирам и да се повлечам да не биде во мое опкружување и покрај тоа што може некој од нив и ми е драг, но доколку не можам тој товар да го поднесам воопшто не се двоумам и да го кажам.

Која е разликата сега од минатото, научив со годините да кажам и НЕ и не можам, сега. Зборот НЕ И НЕ МОЖЕ не сум ги прифаќала, а сега се зборови кои често ги применувам.

Многу работи ги работам и од дома, поспокојно ми е и го заштедувам времето, сите обуки и состаноци ги одржувам преку зум, од далечина. Сите новитети ги следам од далечина, без да морам да одам на контакт семинари со физичко присуство, ништо не испуштам, со сѐ сум во тек, а при тоа мојата ќерка ме гледа дома, а и таа присуствува на истите.

Овој период од животот на прво место и приоритет ми е да бидам, колку што се може грижлива мајка, на полето на бизнис жена се докажав и можам да ја одржувам работата, но не и да се убивам од работа бидејќи кога ја немав Анна во мојот живот, работата ми беше само изговор да си го пополнувам вишокот на време со толку многу работа да немам време да размислувам на осаменоста. Сега е право задоволство кога има баланс и хармонија во домот, а работата е простор и време каде се одржува плодот на веќе вложен труд со години.

Прашање: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?

Најдобриот одмор ми е дома, ништо толку не може да ме опушти како седење на тераса, цртање или некоја друга рачна изработка и ако може некоја минута за медитација, за книги нема шанси бидејќи сѐ што правам дома морам да планирам да биде во тандем.

Прошетките во парк со Анна ми се исцрпувачки, но, од друга страна, момент кога се запознаваме со другите родители и споделуваме искуства. Викендите во Волково со тета и баба се право уживање, разни прослави и сѐ што ме опкружува со ќерка ми тоа е прав одмор за мене и релаксирање.

Најубав период ни е кога двете фантазираме, планираме, тие моменти ме будат од комфор зона и тогаш се активирам да ѝ исполнам и по некоја реална желба, за која јас толку многу се опуштив и станав комформиста, а таа почнува секој ден да има сѐ поголеми желби и барања и како расте, очигледно, нема да има многу голем простор за опуштање.

фото-приватна архива

Прашање: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до Вашето срце?

Секогаш кога нешто ќе ми падне на ум и кога зборувам со моите пријателки ,а тоа се следните работи, биди својм биди оргинален, макар и да не ве прифати средината, не обрнувај внимание на другите, правете го тоа што ве прави да бидете среќни и не дозволувајте да зависите од некого, гледајте сите обрски колку што можете сами да ги завршите.

Следете го гласот на срцето и разумот, и еднаш се живее, искористете го животот во кој живеете, немојте животот да ви помине чекајќи го правиот момент.

Животот е многу убав, најдете што ве прави да се чуствувате живи и да ви побуди емоции во вас, не постои возраст за среќа, не постои стар и млад, туку постои само желба, а таа треба да се следи.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button