Гламур интервју со м-р Софија Филиповска Јордановска, директорка на приватното Меѓународно училиште Максимилијан
Меѓународното училиште Максимилијан е престижно приватно училиште кое се наоѓа во срцето на Градски парк во Скопје. Станува збор за едно од најдобрите приватни училишта во Македонија, но и водечка образовна институција која гордо го носи епитетот ИБ светско училиште, а од неодамна стана и првото и единственото училиште во регионот признаено од Оксфорд да спроведува Меѓународен курикулум на Оксфорд. И како што вели м-р Софија Филиповска Јордановска, директорката на МУ Максимилијан, оваа акредитација сведочи за заложбите да се имплементираат модерните стандарди во образованието, но и да се подигне квалитетот на програмите што ги спроведуваат, со што и ќе им се олесни пристапот на нивните ученици до училишта и универзитетот секаде во светот.
Со директорката на ова престижно меѓународно училиште поразговаравме и за вредностите што тие ги негуваат во нивната образовна институција, како и за уписите кои моментално се во тек и за кои има голем интерес, а што сé ни откри таа, прочитајте од интервјуто во продолжение…
Прашање: Што најмногу Ве мотивира кога е Вашата работа во прашање?
Најголема мотивација ми е што секојдневно сведочам за напредокот и успехот на нашите ученици. Тие се нашиот најголем успех и инспирација. Ме исполнува и тоа што можам да придонесам за нивниот личен и академски развој.
Прашање: Кои се според Вас клучните предности што ги нуди приватното училиште во однос на државното?
Она што прво можам да го издвојам како најголема предност, а воедно е и еден од основните принципи по кои се водиме во МУ Максимилијан е индивидуалниот пристап со секој ученик. Тука секако би ги споменала и посовремените методи на настава, како и ресурси и програми што се прилагодени на потребите на денешниот свет. Во МУ Максимилијан работиме во мали паралелки ученици со што обезбедуваме квалитетна настава, интеракција со секој ученик и лесно детектирање на полињата на кои треба повеќе да се работи, како и рано препознавање на талентите на учениците.
Прашање: Кои се вредностите што се негуваат во Вашето училиште?
Во Меѓународното Училиште Максимилијан негуваме култура што се заснова на почит, емпатија, креативност и критичко размислување. Учењето не е само процес на стекнување знаења, туку и развивање на човечките вредности и социјалните вештини.
Прашање: Што е она на што најмногу го сакате кога е во прашање Вашата работа?
Она што најмногу го сакам е можноста да влијаам позитивно врз иднината на учениците, да креирам средина во која тие ќе се чувствуваат безбедно, поттикнато и поддржано.
Прашање: Како изгледа една паралелка во „Максимилијан“ и како изгледаат предавањата на наставниците?
Нашите паралелки се составени од 10 ученици, што овозможува секој ученик да добие персонализирано внимание. Предавањата се интерактивни, со користење на современи технологии и методи што ги поттикнуваат учениците да размислуваат креативно и критички. Ученикот е ставен во центарот на процесот на стекнување нови знаења и постојано се поттикнува поставување на прашања и пројавување интерес за дополнително знаење.
Прашање: Кои се програмите што ги нудите?
Нудиме ИБ програма, Оксфорд меѓународен курикулум и програми што се прилагодени на локалниот контекст, но и на глобалните стандарди. Имаме и богата лепеза на послешколски активности со кои се збогатуваат знаењата и вештините на учениците.
Прашање: Кога започнуваат уписите на нови ученици?
Уписите започнуваат на почетокот на февруари. Со оглед на тоа што работиме во мали паралелки ученици, слободните места ни се многу ограничени, а интересот е навистина многу голем, запишуваме нови ученици сѐ додека имаме место во паралелките. Па така, често се случува уште во март да ни се пополнети слободните места.
Прашање: Како се одвива еден обичен ден во Вашето училиште?
Наставата започнува во 8:30 часот, со часови што траат по 45 минути. Меѓу часовите има одмори и поголеми паузи. Деновите се многу динамични и се често исполнети со дополнителни активности, посети, надворешни предавања и слично. Она што е многу специфично за нас е што уште од моментот на отворање на училиштето, мобилните телефони на учениците им се строго забранети, па часовите ги поминуваат во активно следење на наставата, а одморите во дружба со врсниците.
Прашање: Кои предмети им се омилени на учениците?
Секој ученик е различен и има свои интереси. Програмата е многу богата со предмети, наставата е многу интерактивна и лесно може секој ученик да си најде омилен предмет. Она што е најактуелно оваа година е што покрај Информатика како задолжителен предмет, воведовме и Вовед во компјутерски науки како изборен предмет од шесто до деветто одделение. Учениците покажуваат особен интерес за програмирање што е одлично имајќи предвид дека живееме во време кога технологијата е главен двигател.
Прашање: Со кои резултати најмногу се гордеете?
Пред сѐ, горди сме на секојдневниот „фидбек“ што го добиваме од родителите во поглед на тоа колку нивните деца се среќни во МУ Максимилијан, а тие како родители задоволни од напредокот што го постигнуваат кај нас. Се гордееме со успесите на сите ученици бидејќи во нашето училиште имаме навистина многу талентирани деца. Па така, имаме деца што постигнуваат резултати во спорт, деца што професионално свират најразлични инструменти, деца талентирани за математика, деца кои се мотивирани да одат на натпревари. Но најмногу од сѐ, горди сме на секој индивидуален успех на секое едно дете во која и да е област.
Прашање: Неодамна добивте лиценца од Оксфорд за спроведување на Меѓународниот курикулум на Оксфорд со што станавте единственото училиште со ваква лиценца во регионот. Исто така, вашето училиште е и светско ИБ училиште, па кажете ни нешто повеќе за ова?
Двете акредитации се посебна чест и многу голема одговорност, но и огромен доказ за нашата заложба за квалитетно образование. Неодамна станавме првото и единствено училиште во регионот признаено од Оксфорд да го спроведува Меѓународниот курикулум на Оксфорд. Оваа акредитација сведочи за нашите заложби да се имплементираат модерни стандарди во образованието, да се подигне квалитетот на програмите што ги спроведуваме, но и отвара врата за нашите ученици да можат да пристапат до училишта и универзитети секаде во светот. Оваа програма е светски признаена и препознаена и сме многу горди што сме прво и единствено училиште во регионот што ја спроведува.
Прашање: Кој е вашиот совет за родителите?
Пред сѐ, да бидат активно присутни во животот на своите деца, активно да ги слушаат и да ги поттикнуваат да ги следат своите соништа, но и да соработуваат со училиштето. Ние никогаш не би биле онаму каде што сме доколку родителите не се вклучени во процесот. Многу е значајно училиштето и родителите да соработуваат, да имаат однос што се базира на доверба и отворена комуникација.
Прашање: „Максимилијан“ се наоѓа во еден од најубавите делови во Скопје – од кога сте на оваа адреса и кои се предностите што се наоѓате тука?
Да, ова е уште една од предностите на нашето училиште. Имаме огромен двор и зелени површини, се наоѓаме во тивка, пристапна и безбедна средина, а училишната зграда е модерно опремена. На оваа адреса сме од 2017 година.
Прашање: Дали имате некое хоби? Каква е Софија приватно?
Сакам да патувам, да читам и да поминувам време со семејството. Премногу ја сакам работата што ја работам и често го поминувам слободното време во лична надоградба. Можам да кажам дека сум „воркохолик“ и често работните ангажмани си ги продолжувам и во слободно време.
Прашање: Што најмногу Ви се допаѓа, а што не во Македонија и што е она што Ве задржа да живеете тука иако сте имале можност да живеете и во странство?
Македонија има прекрасни луѓе, природа и култура. Она што ме задржа е мојата посветеност на образованието и пасијата да придонесам за иднината на младите генерации.