„Нашата Алдина никој не може да ја врати, нема да помине тагата“ – семејството бара правда по фемицидот во БиХ

Алдина Јахиќ, жртва на фемицид во Босна и Херцеговина, беше погребана во нејзината родна Калесија. Нејзините сограѓани се простија од неа, а родителите Ибрахим и Мевлида Јахиќ ја објавија својата емотивна порака во која се збогуваа со убиената ќерка
„Останавме без дете, без нашата Алдина, нашата гордост.
Нашата болка, нашата тага и раните во нашите срца никогаш нема да поминат. Ја ублажуваат стотиците пораки со сочувство и поддршка што ги добиваме од нашата родбина, пријатели, но и од луѓе од цела Босна и Херцеговина и целиот регион.
Тие пораки, како и сè што за Алдина овие неколку дена го кажаа нејзините пријатели, колеги, познаници, професори и сите што на кој било начин биле во контакт со неа, а зборуваат само најубави можни зборови, ни даваат сила да издржиме. Свесни бевме дека имаме прекрасно дете. Добродушно, вредно, воспитано, образовано, кое никогаш никому не би направило ништо лошо. Но кога толку многу луѓе ќе потврдат дека тоа не е само наше родителско мислење, туку дека нашето дете навистина било такво, тоа нè прави повторно горди. Нашата Алдина никој не може да ја врати“, рекоа Ибрахим и Мевлида.
На 16-ти ноември, млада жена од Босна беше убиена од нејзиниот поранешен партнер. Ја бркал со пиштол низ Мостар, за на крај да ја застрела и убие во хотелскиот тоалет во којшто се скрила. Со потресни пораки, блиските се збогуваат од Алдина.
Семејното насилство, кое некогаш кулминира и со фемицид, за жал, не е нешто непознато на Балканот.
Кај нас и во секоја околна земја сме гледале како жени стануваат жртви на нивните (поранешни) партнери, и покрај тоа што многупати барале помош од надлежните.
Уште полошо е што некогаш жените се дури и обвинувани за насилството што го трпеле.
Последно во низата вакви трагедии е убиството на Алдина Јахиќ – 32-годишна девојка од Мостар чиј поранешен партнер ја бркал со пиштол.
биецот на Алдина е Анис Калајџиќ, 33-годишен фудбалски судија.
На кобната ноќ на 16-ти ноември, Алдина сакал да оди во теретана, кога ја начекал убиецот Анис и извадил пиштол.
Алдина почнала да бега, а додека трчала по улицата викала дека Анис има пиштол. Но, никој не изреагирал и Алдина продолжила да бега, за да се скрие во тоалетот во еден хотел.
Анис бил со автомобил, застанал пред хотелот, влегол внатре и ја застрелал Алдина.




