Направи бебе и добиј попуст – овие хотели нудат мега попуст против демографскиот пад!

Полски хотелски синџир воведува награда за парови кои ќе зачнат бебиња во нивните објекти, со цел да помогне во демографското закрепнување на земјата, каде што стапката на наталитет е во континуиран пад веќе 12 години.
Синџирот „Arche“, кој истовремено се занимава и со недвижности, располага со 23 хотели, бројни згради и конференциски сали низ цела Полска. Компанијата вети дека покрај наградата за паровите кои ќе можат да докажат дека своето бебе го зачнале во нивните хотели, ќе понуди и бесплатни семејни прослави како, на пример, крштевање на детето.
Од компанијата исто така најавија дека паровите кои ќе купат стан од нив и ќе добијат бебе по вселувањето, ќе добијат бонус од околу 2.340 евра, пренесе телевизијата BFM.
Понудата важи за парови во кои барем еден од партнерите има полско државјанство, живее во Полска и е полнолетен.
Компанијата доделува и бонуси на своите вработени кои имаат деца.
Во Полска, во 2024 година бројот на новороденчиња бил за 157.000 помал од бројот на починати лица, а се очекува овој тренд да продолжи и во наредните години, предвидуваат службите за социјална заштита.
До крајот на јуни, Полска имала 37,4 милиони жители, што е за еден милион помалку во споредба со 2015 година.




