Доколку упорно се трудите да ослабите со различни драстични диети кои никако не ви успеваат, пробајте малку да здивнете и да се релаксирате.
Понекогаш е доволно да воведете (мали) измени во исхраната кои ќе доведат до долгорочно слабеење и одржување на линијата, за разлика од напорните брзи диети по кои исто така брзо се враќаат килограмите.
Најпрво заборавете дека сте на диета и концентрирајте се на идејата дека сакате да почнете да се храните здраво. Тоа значи дека ќе треба да ги исфрлите сите оние намирници кои се штетни за вашето здравје (а и ве дебелеат) и да ги замените со намирници кои ќе влијаат позитивно на здравјето и ќе придонесат да се забрза вашиот метаболизам, со што постепено ќе се ослободите од вишокот килограми.
Значи заборавете на газирани сокови, на половина бел леб за појадок, буреци и грисинки, и обидете се што е можно почесто да ги консумирате следниве намирници:
Лук
Лукот во историјата се користел за сé – од превенција на грип до лекување на чума. Свежиот лук е одличен за спречување на разни болести, го успорува развивањето на бактериите, т.е. успешно ги уништува бактериите, вирусите и габите, а одличен е и за намалување на холестеролот во крвта. Обидете се во периодот на вирози да изгмечите неколку чешниња со толчник, потоа измешајте ги со ладно цедено масло и додајте малку сол – и ќе добиете одличен природен антибиотик кој можете да го користите во текот на зимскиот период.
Бадеми
Бадемите се најздрави од сите јаткасти плодови. Со истражување е утврдено дека килограмите полесно се губат ако во исхраната се вклучени бадеми. Исто така, тие помагаат и во регулирањето на крвниот притисок. Денес во продавниците можете да најдете кесички со непечени бадеми кои можете да ги комбинирате со суво овошје (кајсии, грозје или урми) како замена на грицките што обично ги јадете помеѓу оброците.
Оцет
Некои истражувања велат дека оцетот го забрзува метаболизмот, а воедно го помага и процесот на варење и согорување на калории. Доколку не можете да го пиете, тогаш ве советуваме почесто да јадете свежи салата со оцет и ладно цедено масло. Една ваква салата е одличен избор за лесна вечера.
Ленено семе
Лененото семе многу брзо ќе ве засити и ќе ви го намали апетитот. Тоа содржи омега 3 масни киселини и влакна кои исто така се многу добри за вашиот организам.