Само неколку едноставно навики може да бидат клучни во разликата помеѓу фит личност и онаа на која ú се познава дека седи на каучот со чипс во раката и гледа телевизија.
А на ова поле секако постои и разлика помеѓу просечниот и дрско успешниот работен човек. Да се биде на страна на успешноста и не е толку тешко, прочитајте во што е штосот.
Мислевте дека оние со примамлив физички изглед постојано се на диети, забегани во теретана и никако не подлегнуваат на пороци, па затоа изгледаат беспрекорно? Се лажете, барем делумно. И најславните убавици и фраери тврдат дека за одличниот изглед човек треба само ’добро да знае да си ги сложи деловите во животот‘. Еве што може да се заклучи од нивните изјави:
Фит луѓето не се на строги диети
Мишел Обама добро знае дека броењето на секоја калорија нe е смислата на животот. „Вистина е дека да се биде задоволна, убава и здрава жена во добра форма не значи да се контролира секој грам на вагата и да се мери секој сантиметар околу струкот, не смееме да размислуваме на тој начин. Наместо тоа би требало да се концентрираме на она што е важно – како се чувствуваме во сопствената кожа“, рече своевремено првата дама на САД за Women’s Health.
Фит луѓето знаат во кои вежби се ужива
Фитнесот не е подеднакво добар за секого и битно е секоја личност да пронајде некоја форма на рутинско вежбање во кое ќе ужива. Луѓето кои добро изгледаат и се во одлична форма, сфаќаат дека телесната вежба е одлична терапија, катарзична и еден од најдобрите начини за ослободување од стресот. Знаат дека одењето на фитнес значи да прават нешто добро за себе и се чувствуваат многу подобро после тоа. Најважно е значи вежбањето да ви стане навика во која уживате.
Не го споредуваат своето тело со она на другите
Една од жените со ’највоспевано‘ тело од светот на пзнатите, Бијонсе – оваа пејачка, мама, мегаѕвезда има поминато бројни фази на слабеење и дебелеење, но сфатила кога најдобро се чувствува и тоа го прифатила: „Најдобро се чувствувам кога не сум ни премногу слаба, нити претешка, а кога и понатаму си ги имам облините“, изјави таа за магазинот Self. „Верувам дека секој е различен и дека секој изгледа најдобро кога ја постигне својата природна тежина со која најдобро се чувствува“, вели Бијонсе.
Внимаваат на својот биоритам
Спиењето е клучно за силен имунитет, добар метаболизам и делува против стареењето. Недоволно сон предизвикува бројни проблеми со здравјето. „Луѓето кои се чувствуваат добро и во форма, редовно спијат седум до осум часа“, има кажано познатиот американска фитнес тренер Џилијан Мајклс за магазинот Health.
Тие ’лажат‘
Дури и највитките и најздрави луѓе знаат дека понекогаш треба малку да се ’олабави‘ и да си дозволат понекогаш и да згрешат – малку лага, да се изразиме така.
„Кога вежбам и цела недела се хранам здраво, си земам еден ден – тоа обично е недела – кога јадам сé што ќе посакам“, открива прекрасната актерка Џесика Бил за Glamour UK. „Морате така, инаку ќе се мрднете“, додава таа.
Јадат појадок
„Никогаш не го прескокнувам појадокот“, има кажано атлетската ѕвезда Сања Ричардс – Рос за Huffpost. „Ако го сторам тоа, станувам несмасна“, додава таа. Појадокот не е само за да ви го подигне расположението, туку да ви даде и енергија. Луѓето кои појадуваат имаат понизок холестерол и воопшто се поздрави.
Имаат поддршка
Понекогаш ви е потребен пријател со кого ќе вежбате. Понекогаш е потребна и поддршка од семејството кои нема да ве наговараат на второ парче торта или порција јадење. Луѓето во топ форма знаат што е добра поддршка. Така на пример Џош Духамел, сопругот на пејачката на Black Eyed Peas, Ферги, признава дека таа му е најдобра мотивација. „Секогаш се мотивираме. Таа ме турка мене, јас неа. Тоа е нешто кое секогаш го правиме еден за друг, без разлика дали станува збор за работата или приватниот живот. Многу сме компатибилни во тој поглед“, изјави Духамел за магазинот People.