Најголем предизвик е да научиш да се дистанцираш – бизнис приказни со адвокатката Софија Делева
глетката на врвот е бесценета во споредба со сите предизвици што ќе наидат на патот, вели во интервју за гламур.мк Софија Делева, основачка на адвокатска канцеларија во Гевгелија.

Кога започнавме со серијалот „Бизнис приказни“, нашата мисија беше да го претставиме патот на инспиративните жени од Македонија кои успеале да се пробијат и да изградат свој авторитет во сектори што традиционално биле резервирани за мажи. Во фокусот се нивната лична визија, професионалната истрајност, предизвиците со кои се соочиле и вредностите врз кои го темелат својот успех.
Овојпат разговаравме со адвокатката Софија Делева, основачка на адвокатска канцеларија во Гевгелија и редок, но значаен пример за жена, која се наметнала како респектиран професионалец во областа на стопанското и деловното право. Со повеќе од десет години искуство и силен професионален интегритет, таа е застапник на бројни реномирани компании и институции – од банки и осигурителни друштва, до јавни претпријатија и здравствени установи.

Софија зборува искрено за своите почетоци, за важноста на самодовербата и континуираното учење, за предрасудите со кои се соочуваат жените во адвокатурата, како и за тоа колку е тешко – но и возможно – да се пронајде баланс помеѓу професионалниот успех и личната стабилност. Во продолжение прочитајте го интервјуто со оваа посветена и стратешки ориентирана професионалка, која со својот пример покажува дека лидерството во правото не познава пол, туку принципи, знаење и истрајност.
Вашата адвокатска канцеларија е редок, но значаен пример за жена која успешно се позиционирала во област каде традиционално доминираат мажи. Како започна Вашата професионална приказна и што Ве водеше низ патот до денешната позиција?
-Мојата самостојна приказна како адвокат почна пред 10 година откога отворив сопствена адвокатска канцеларија во Гевгелија , иако на истата и претходеше работно искуство на сите нивоа и тоа прво како приправник , па стручен соработник и вработен адвокат во голема адвокатска канцеларија во временски период од 7 години во Скопје, каде што можам да кажам дека стекнав односно изградив една стабилна основа за да почнам самостојно да се занимавам со оваа професија и за кое искуство особено во делот на самостојно водење предмети, застапување пред суд, изразување, комуникација и односи со клиенти секогаш велам дека е школо и искуство кое не може да се плати со ниту едни пари на светот, особено она чувство дека сте многу добро потковани за да се пласирате на пазарот и да почнете да работите сами како самостоен адвокат.
Тоа што ме водеше низ патот до денешната позиција беше, пред сѐ, постојаната работа на себе бидејќи речиси секој ден морате да поминете преку многу препреки, да се соочите со куп предизвици за да изнајдете соодветно решение за некој проблем или за да успеете во некој предмет со што вие градите дел од успесите или одбраните на вашите клиенти, а тие ве градат вас и како адвокат и како личност.
Со секој успех како и со секоја препрека или предизвик на патот кон упехот станував сѐ посилна. На поразите секогаш гледав како на можност работите да ги променам на подобро, а на победите како поттик да бидам уште подобра верзија на себе бидејќи нивото секогаш може да се подигне повисоко.
Во адвокатурата, особено во стопанското право, секој случај носи голема одговорност и деловна тежина. Како една жена-адвокат, како го градите авторитетот и довербата кај клиентите, особено кога станува збор за сериозни правни прашања со економски импликации?
-Лично сметам дека формулата за мојот успех и она што успеав во текот на овие 10 години од кога имам сопствена адвокатска канцеларија да се наметнам како адвокат кој застапува реномирани компании од различни дејности, особено во југоисточниот регион, осигурителни компании, деловни банки, финансиски и брокерски друштва, државни препријатија, приватни и државни здравствени установи, вклучувајќи и констатно застапување на физички лица во одредени правни проблематики, е исклучително професионалниот пристап, бидејќи авторитетот и довербата во оваа професија – на било кое ниво – многу тешко се стекнуваат, а особено лесно, да не речам преку ноќ, се губат.
Се трудам да изградам однос со моите клиенти давајќи сѐ од себе за да ги разберам нивните потреби и барања, практично да се ставам во нивните чевли и да им предложам решенија кои најмногу ќе одговараат на нивните правни интереси и потреби а кои пред се спроведливи во пракса.
Многу е важно на клиентот да му се предочи каква е реално ситуацијата и што може да се очекува, вклучувајќи го и најдоброто и најлошото можно сценарио.

Адвокатурата бара истовремено прецизност, храброст и стратегиско размислување. Кои беа трите најголеми предизвици што ги надминавте како жена адвокат и што научивте од тие искуства?
– Она што би го издвоила како потешка страна за една жена да се занимава со адвокатура е честото среќавање со предрасудите дека адвокатурата е машка професија, дека мажите се наводно поспособни, поубедливи, дека уживаат поголем авторитет што со доаѓањето на помлади генерации жени кои се занимаваат со адвокатура го докажува спротивното, а истото се однесува и за други професии. Солидното вршење на адвокатската дејност не е врзано за полна припадност ниту би требало така да се претпоставува.
Секоја професија во која луѓето се професионално анагажирани за решавање на некој проблем, па така и адвокатурата, бара да се научи дистанцирање. Тоа ми беше еден од најголемите предизвици за совладување, бидејќи ако адвокатот секој проблем на клиентот, а пред сѐ човек, би го доживувал лично и би си дозволил зближување со клиентите кои се наоѓаат среде различни животни искушенија, вклучувајќи ги и правните проблеми и прашања, тогаш би ја изгубил способноста да се занимава со адвокатура на објективен и професионален начин.
Адвокатурата бара реагирање во вистински момент на вистински начин, но без многу емоции. Многу е важно а понекогаш и исклучиво тешко да им објасните на клиентите дека правото и правдата не се исто и дека она што многу од нив го сметаат ,,за праведно“, судот не го набљудува и зема во предвид на ист начин.
Да се пронајде баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот , можеби и најголемиот предизвик не само за жените –адвокати туку воопшто и за жените во сите други професии , но со посебен акцент на тоа што адвокатурата пружа независност и слобода , но колку и да е во прашање предност или најубавиот дел од оваа работа , независноста често бара голема одговорност која неможе да се сподели со друг , а сепак слободата која ја пружа самостојната работа во адвокатурата и работата сам за себе е непроценливо искуство.
Она што сум го научила од сите надминати предизвици е да ја слушам својата интуиција, сметам дека интуицијата е атрибут на некоја женственост бидејќи секогаш кога не сум ја послушала сум грешела.
Судницата и деловниот свет често се сфаќаат како средини каде доминираат рационалност и ригидност. Дали верувате дека жените адвокати внесуваат поинаква енергија во пристапот – и дали таа разлика понекогаш станува предност во одбраната на правата на клиентот?
– Адвокатурата е како спринт на 100 метри со препреки, морате брзо да мислите и многубројните препреки да ги решавате побрзо од противниците. Лично сметам дека жените имаат поизразено чувство на интуиција и дека енергијата која жените ја внесуваат во пристапот кон адвокатурата подобро препознава и категоризира и луѓе и ситуации како и дека адвокатурата повеќе бара прецизност која дефинитивно им е посвојствена на жените.

Каква улога имаат жените адвокати во современите економски текови – и дали општеството ја препознава нивната експертиза доволно?
– Тоа што во моментот бројот на жени кои сериозно се занимаваат со оваа професија е драстично зголемен во поглед на изминатите години укажува на фактот дека со наметнувањето на современите економски трендови и политики сѐ повеќе жени го преземаат водството и приматот, особено во адвокатурата, со што нашето деловно опкружување доживува една трансформација во која особено акцент се става на разноликоста, инклузивноста, вештата комуникација и воспоставување стабилни деловни односи.
Една од значајните предности на жените адвокати кои современото општество сѐ повеќе ги препознава е тоа што жените му носат на деловниот свет единствена перспектива која со различните животни искуства и позадини нуди еден свеж поглед и креативни решенија и за најкомплексните предизвици.
Женските лидери ставаат приоритет на изградба на јаки тимови, негување на талентот создавајќи инклузивни работни средини во кои секој се чувствува дека е ценет и мотивиран да допринесе покажувајќи го свјот максимум.

Ако денес некоја млада девојка сака да започне кариера како адвокатка, што би ѝ порачале? Кои три принципи треба да ѝ бидат патоказ во таа професија?
– Секоја млада девојка или жена би требало да го пронајде изворот на самодоверба во самата себе. Пред сѐ, би им порачала никогаш да не се откажуваат на патот до зацртаната цел, бидејќи глетката на врвот е бесценета во споредба со сите предизвици на кои ќе наидат по патот.
Моето сигурно засолниште, односно, принцип во патоказот на адвокатската професија е вербата во себе и сопствените можности надополнет со фокуси на позитивното размислување, правилно поставување на целите, работа на сопствениот личен развој, да се опкружат со подршка и да ги прифатат грешките како дел од процесот на учење и созревање бидејќи патоказот во оваа професија многу често знае да биде трнлив.
Работите со случаи, со закони, со бизниси – но и со луѓе и нивните лични и професионални судбини. Кој е Вашиот личен начин на „исклучување“? Што Ве опушта, ве полни со енергија и Ве мотивира да продолжите понатаму?
– Кога работите професија како што е адвокатурата со сите предизвици кои истата ги носи во време во кое стандардите во деловниот свет се менуваат со брзина на светлината и во која постојат неконвенционални правила за успех сметам дека реално не постои начин на „исклучување“ адвокатурата повеќе не ви е професија или занимање таа ви станува начин или што би се рекло стил на на живот бидејќи секој нов клиент или добиен случај ви дава ветер во грб да заграбите уште повеќе или посилно.
Кога некој ќе го препознае вашиот труд и работа, тоа во вас буди некој додатен адреналин кој неможе да се опише со зборови. Да бидете препознатливи во својата работа ви дава мотив повеќе, знаејќи дека сте на правиот пат и дека вашиот труд не е залуден.
Имате ли мисла, цитат или животна филозофија која често си ја повторувате, ја чувате при срце – нешто што Ви дава сила кога ќе наидат потешки денови?
– Кога ќе наидат потешки денови или моменти секогаш прво помислувам на моите починати родители , дека ме гледаат , чуваат некаде од горе и силно веруваат во мене праќајки ми порака дека низ какви и да бури поминуваме во животот секогаш ќе ги победат сонцето , храброста и вербата во себе и тоа ми дава сила цврсто да стојам на земја , никогаш да не се откажувам и дека не треба да се споредувам со никој друг освен со самата себе.
Додека животна филозофија која често ја практикувам во последно време е ,, успехот не е случаен и не доаѓа преку ноќ затоа дозволете им на вашите соништа да процветаат ,, .