Најдобри плажи со најмалку гужва, некои се многу близу за Македонците – ова е листата на „Виз ер“
Ако барате мирна, но прекрасна плажа за потоплите денови кои се пред нас, овие дестинации според Виз ер се одличен избор, а добрата вест што неколку од нив ни се близу.

Кога избирате дестинација за летен одмор, гужвата може да биде важен фактор. Во таа насока, Wizz Air состави листа на европски плажи со најмалку гужва, а на неа се најдоа и неколку дестинации од регионот кои често се избор на македонските туристи.

Европа е полна со познати плажи, како оние на Ибица или во Алгарве. Но, исто така, крие и многу скриени бисери што нудат уникатни искуства без преголем наплив на туристи.
Во текот на летните одмори, многу европски плажи се преполни, а луѓето се борат да си обезбедат делче од песочниот рај. Затоа, Wizz Air состави листа на плажи кои нудат мирен одмор на сонце.
Листата опфаќа плажи од над 50 европски земји. За да утврдат кои се најфреквентни, а кои најмирни, аналитичарите ги мереле површините на плажите и ги споредиле со бројот на туристи кои ги посетуваат.

На врвот на листата е плажата во Драч, Албанија. Иако е една од најпопуларните во земјата, таа сепак успева да задржи релаксирана атмосфера. Пресметките покажуваат дека секој посетител има простор за околу 65 пешкири, што ја прави идеална за семејства и љубители на мирно уживање покрај Јадранот.
Advertisement
На второ место е англиската Camber Sands, додека на трето место е познатата хрватска плажа Златни Рат на островот Брач. Оваа плажа се истакнува со својот уникатен роговиден облик и кристално чисто море. Иако е омилена меѓу туристите, нејзината големина овозможува да не изгледа пренатрупано како другите хрватски плажи.
Четвртото место го зазема плажата Борш во Албанија, лоцирана долж прекрасниот Јонски брег. Оваа плажа е една од најдолгите и најживописните во Албанија, со простор за 43 пешкири по посетител, што ја прави идеална за оние кои сакаат мирен одмор.

Покрај овие, на листата се најдоа и две плажи од Црна Гора – Могрен и Плоче, и двете во близина на Будва, кои нудат одлична комбинација на природна убавина и релаксирачка атмосфера.

Грчката плажа Сан Стефанос на островот Крв е исто така меѓу најпрепорачливите на листата на Виз ер, како и уште една плажа во Албанија – Ливади Бич во Химаре.