Најчевска остро реагира: Линеарното покачување не е грижа за пензионерите, туку маска за криминалот во фондот

Професорката Мирјана Најчевска остро реагира на донесувањето ad hoc (еднократни и непланирани) закони со кои се врши линеарно зголемување на пензиите. Според неа, ваквите мерки се спротивни на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и претставуваат директен упад во правниот систем и кршење на уставниот принцип за владеење на правото.
Најчевска посочува дека ова се прави со неколку цели:
- Да се одвлече вниманието на граѓаните од крадењето на Пензискиот фонд, злоупотребите од високи функционери и недомаќинското управување со фондот.
- Да се создаде привид дека власта се грижи за пензионерите со најниски примања, иако тоа не е поддржано со реални и долгорочни политики.
- Да се разединат пензионерите и да се сврти вниманието од нивните суштински проблеми – пристап до здравствена заштита, домашна нега, недискриминација, мобилност и активен, достоинствен живот.
Според Најчевска, вистинска реформа би барала:
- Јавна расправа за најдобриот модел на пресметување пензии.
- Алтернативни решенија, како обратно прогресивно зголемување – поголем раст за малите пензии, а помал за високите.
- Целосна истрага за сите злоупотреби во Пензискиот фонд.
- Прогресивен данок на богатство, особено на екстра профитите, со кој би се зајакнал и самиот фонд.
Најчевска заклучува дека еднократните линеарни зголемувања не се вистинска социјална мерка, туку злоупотреба на власта за лично богатење на поединци и прикривање на криминалот поврзан со Пензискиот фонд.
Уставниот суд поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите, со кое редовното месечно усогласување врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатениот придонес.




