Интервју
COVER STORY

На пиво муабет со пивскиот судија Марјан Костадиновски – пивото не е само за ладење, туку и за просветление

Интернационалниот пивски судија Марјан Костадиновски го претвори хобито во културна мисија. „Стекнав интернационално искуство и тоа ме мотивира“, ни вели врвниот познавач на пива уште на самиот почеток на неговата фасцинантна пивска приказна.

Advertisement

Кога ќе го сретнете Марјан Костадиновски, тешко е да не се заразите со неговата страст. Пивото за него не е само пијалак, туку светоглед, филозофија, култура што ја гради внимателно веќе две и пол децении.

„Секој ден е посебна прилика за да се проба добро, квалитетно, вкусно, чисто и здраво пиво,“ ќе ви рече, а во тој миг ќе сфатите дека зборува со доза на посветеност што ретко се среќава во светот на гастрономските уживања.

Advertisement

Но љубовта кон пивото не почнува во некој паб или со некоја бренд кампања. Почнува далеку порано – со една новинарска задача и сосема случајно прашање.

Од медиуми до трапистички пива

„Во 2001 година работев како новинар и пишував текст за отворањето на првиот ирски паб во Скопје. Прашањето беше: ‘Дали Св. Патрик ќе се празнува и во Македонија?’ — ни на крај памет не ми падна дека токму пивото ќе стане дел од мојот идентитет.“

Advertisement

Неколку години подоцна, на патување во Будимпешта, влегува во белгиски паб и таму ја пие својата прва оригинална Stella Artois. Но, тоа не било ништо споредено со откритието што следувало.

„Кога го пробав трапистичкото пиво, направено од монаси во манастир, си реков – зошто да не пробам да ја ширам културата и култот кон овој пијалак и кај нас?“

фото-приватна архива

Од „Скопско“ во Кермес до 300 светски брендови

Сепак, таа љубов кон пивото имала корени уште од средношколските денови, кога со друштвото пиеле Скопско во паркот.

„Седевме во Кермес и се ладевме со Скопско. Подоцна ми останаа во сеќавање и пива како Стариот Лисец, а на Јадранско Море — Никшичко беше задолжително“ – се сеќава Марјан.

А потоа дошол вистинскиот шок за неговото непце: ирско црвено Kilkenny, а веднаш по него — трапистичките белгијски ремек-дела.

„Тоа беше љубов на прва голтка“ – вели.

Во 2005 година го основал првото специјализирано место за пиво кај нас — Пивотека. Започнува скромно, како веб-продавница за белгиски пива. „Имаше брендови како Chimay, Liffe, Duvel, Pauwel Kwak… Имаше дури и овошни пива од мала пиварница во Брисел.“

Но интернетот тогаш не бил на страната на малите ентузијасти. „Купувањето онлајн не беше развиено, па се префрливме на физичка продавница. Таму луѓето можеа не само да купуваат, туку и да дегустираат и да се едуцираат.“ Во еден момент, во понудата имале дури 300 брендови пиво од целиот свет – од Белгија, Канада, Австралија, Јамајка, Германија, Чешка…

Домаќин, судија, ентузијаст

По затворањето на Пивотека во 2015, не се откажува. Напротив, нова фаза почнува со порталот сакампиво.мк, каде се фокусира на едукација, дегустации и промоции на пивото.

„Сакав хобито на домашното пиварство да го претворам во семеен бизнис. Се посветив на тоа да го направиме достапно, разбирливо и охрабрувачко“ – ни раскажува.

Во меѓувреме станува и интернационален пивски судија, оценувајќи пива на натпревари низ Европа — од Италија и Белгија до Бугарија и Хрватска.

Марјан учествуваше и во Атина на Greek Beer Award каде што за првпат имаше и пиво за оценување од Македонија од двете наши крафт пивари, Бајкревски и Пиволабс.

„Контактите со овие професионалци ме поттикнаа повторно да се вратам во овој свет. Во 2020 година, и покрај пандемијата, го рестартирав Пивскиот салон. Решив – назад нема.“

Во новата фаза, акцентот е на занаетчиски пиварници. Првиот увоз доаѓа од семејната белгиска пиварница Brasserie de Silly, со 17 различни стилови. Потоа следуваат германската Schlenkerla од Бамберг – под заштита на УНЕСКО, прочуена по димените пива, италијанската Baladin, пионер во италијанското крафт пиварство, и „Bevog“, пиварница на словенско-австриската граница, која поради бирократски пречки ја преместува базата во Австрија. Па следува и „Пивџан“ од Косово. Соработката со вакви занаетчиски пиварници продолжи,“ вели Костадиновски.

Неговата мисија е да донесе уникатни и екстремни стилови, кои ќе ги срушат предрасудите за пивото како „само уште еден обичен пијалак“.

фото-приватна архива

Пивото како пасош за ЕУ?

Како увозник на пиво, се соочува со бројни административни бариери. Но не се жали — напротив, во нив гледа можност за промена.

„Би сакал пивото да биде фактор што ќе нè внесе во ЕУ,“ вели со насмевка, алудирајќи на тоа дека вкусот, страста и квалитетот можеби ќе бидат доволни за да ги срушат бирократските ѕидови.

И навистина, ако постои начин културата, гастрономијата и ентузијазмот да станат дел од националниот идентитет — тогаш приказната на Марјан Костадиновски е добар почеток.

фото-приватна архива

А на крај, ни објаснува и кое пиво со каква храна најдобро се спарува.

„Комбинирањето на пиво и храна денес е важен дел од гастрономијата и на некој начин може да се смета за уметност во која се набљудуваат боите, вкусовите, температурите на консумирање, количина на алкохол и аромите, и секако, моментот во кој се пијат одредени пива. Храната и пивото подеднакво се сакаат, како сирењето и виното.

Посебно денешните занаетчиски пива се совршен партнер и брак со храната. Дијапазонот на бои, ароми, проценти на алкохол што ги содржи и вкусот на пивото, е толку широк, што речиси со секоја храна може да се најде пиво кое совршено ќе одговара. Па дури и за чоколадото, со кое инаку оди црно пиво.

Спротивноста на вкусовите ја дава магијата, па слатките јадења, десерти кои имаат горчлива нота, како чоколадните слатки, добро се согласуваат со црните пива чиј вкус потсетува на темното чоколадо. Рибата добро се согласува со горноферментираните пива т.е „але“ пивата, кои го засилуваат вкусот на рибата и даваат чувство на свежина. Со пилешко, јунешко и свинско месо може да се пијат и „лагер“ пива, а предност се дава на пива со изразен вкус на сладот. Во нашите краишта со рибата воглавно се служи вино, додека во делови од Северна Европа често пијат горчливи пива. Сирењата се исто така во комбинација со одредени пивски стилови“ – препорачува Марјан.

На крај, нашиот пивски судија ни открива дека оваа јубилејна 20-годишнина од работење со пивото, планира и неколку изненадувања како и конечно свое пиво и некој настан во септември.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button