Краткометражниот филм со Мето Јовановски и Владо Јовановски во главните улоги е селектиран во конкуренција од повеќе од 200 пријавени дела од 40 земји, а покрај српските филмови, е единствен претставник од регионот.
Режисерот Емир Кустурица веќе втора година зема македонски филм за неговиот филмски фестивал “Кустендорф“. Во “Дрвенград” на Мокра Гора ќе патува краткометражниот “На крајот од светот” од Јани Бојаџи. Минатата година наш претставник беше “Глуварче” од Игор Христов – моралниот победник кој ги собра најголемите аплаузи на доделувањето награди.
“На крајот од светот” е селектиран во официјалната програма од дваесет филма избрани од повеќе од 200 пријавени дела на млади филмаџии од 40 земји од светот. Интересно е што од регионот, освен од Србија, нема ниту еден селектиран филм освен македонскиот.
Разноликоста на темите и нивната актуелност, како и завидниот квалитет на одбраните филмови ветува дека натпреварувањето за наградите ќе биде возбудливо и неизвесно”, се вели на интернет страница на фестивалот. Жирито, кое ќе одлучува за филмовите, е составено од иранската актерка Лејла Хатами, францускиот продуцент Пјер Еделман и познатиот српски актер и продуцент Зоран Цвијановиќ.
На “Кустендорф” се уште не е најавена голема актерска ѕвезда, но ќе дојдат великаните Ким Ки-дук и Нури Билге Џејљан.
Филмот “На крајот од светот” е работен според расказот “Бунар” од Алек Попов, а сценариото е на режисерот Бојаџи. Зад камерата е Александар Карпузовски, дизајнот на продукција го работи Тихомир Спировски, музиката е на Горан Трајковски, а дизајнот на звук на Тоше Поп Симонов. Во кастингот се Мето Јовановски, Владо Јовановски, Васил Михаил, Горан Илиќ, Владимир Светиев, Драгана Миленковска и Кире Ѓорѓиев.
Во приказната се раскажува за Татко и Син кои се обидуваат да заработат барајќи извори на вода со дрвен чатал. Еден ден случајно ќе налетаат на златножолт кабел. И покрај противењето на Стариот, за кого тоа е “ѓаволска работа што не смее да се прави”, Синот ќе го пресече кабелот кој очигледно ги напојува ѕвездите и Месечината…
“Кустендорф” се одржува петта година по ред во прекрасното етно-село “Дрвенград” на Мокра Гора, а целта е славење на авторот.
Закачете Like, споделете текст и освојте некоја од нашите вредни награди.
За повеќе информации разглeдајте го Shopping Magazine кој оди од сега и на Facebook!
Врати се на првата страна.