На кафе муабет со најубавата јавачка на коњи на Балканот, Цеце Георгиев – „јавачот и коњот се две тела, а една душа“
Убава и образована, Цеце Георгиев (36), е економистка, но животот ја одвел во сосема друга насока благодарејќи на нејзината голема љубов кон коњите.
Поранешната натпреварувачка, денес е тренер, но планира пак да се врати на натпреварувањата.
Како ја опишуваш емоционалната природа на коњите? Дали можат да ги почувствуваат расположенијата и емоциите на луѓето?
– Секако дека можат, јавачот и коњот се две тела, а една душа, меѓутоа да се изгради таа врска треба време. Коњите се многу специфични и интелегентни што ги прави посебни во секоја смисла, тие можат да ги почувствуваат расположенијата и емоциите на човекот и најчесто тие расположенија и емоции влијаат и на нив.
По што се специфични коњите како животни во однос на нивната интелигенција и способноста да изградат силна врска со луѓето?
– Интересно е што тие можат да паметат и до десет години, паметат тренинзи, препознаваат луѓе, места на кои биле повеќепати итн. Силната врска се гради со секојдневна нега, тренинзи, убав тон и разговор, тие се и добри слушатели кои никогаш нема да ве предадат.
Што те мотивира повторно, по подолга пауза, да размислуваш да се вратиш на натпреварувањето и кои цели си ги постави?
– Пред шест месеци го изгубив мојот најверен пријател со кого поминавме девет години заедно. Чарли ќе ми недостига засекогаш и благодарение на него сум ова што сум денес. Пасијата кон спортот ми е голема, па се надевам дека од наредната сезона ќе почнам повторно да се натпреварувам доколку имам соодветен коњ.
Како се подготвуваат коњите за натпревари и што е најважно за успешен настап?
– Кај спортските коњи начинот на тренинг е малку поразличен од коњите за рекреација. Има, навистина многу вежби како гимнастика, дресура, квалитети, кондициони тренинзи итн. За еден успешен настап потребно е пред се добар коњ и подготвен јавач, добар тренер и среќа како и во секој спорт.
Кој е твојот совет за луѓето кои сакаат да започнат со јавање, од која возраст и до која возраст можат да се приклучат во клубот?
– Во коњичкиот клуб „Бравадос“ повеќе од една година работам како менаџер и инструктор по јавање. Нѐ посетиле дечиња на возраст од три години, па се до луѓе од трето доба. идеална возраст за почеток со тренинзи е седум годишна, а секој кој има желба е добредојден во коњичкиот клуб „Бравадос“, да се запознае со коњите и да ги совлада основните техники на јавањето. Јавањето коњ е стил на живот и според мене секој миг поминат во клубот заедно со коњите е драгоцен.
Дали јавањето може да се користи како терапија за деца со посебни потреби, какви резултати си видела/слушнала?
– Ширум светот се практикува хипотерапијата, но кај нас, за жал, не постои некоја голема заинтересираност.
Што мислиш за иднината на јавањето кај младите? Дали интересот за овој спорт расте?
– Како за мала држава каде што јавноста не е премногу информирана за овој спорт, сме навистина на едно добро Балканско ниво. Имаме јавачи кои се вратиле со освоени медали од многу меѓународни напревари, но сметам дека треба да имаме повеќе коњи и спортисти.
Кои се најважните вредности или вештини што децата ги учат преку јавање коњи?
– Пред сѐ учат да се одговорни, да дојдат на тренинг на време, да бидат редовни, во школата за јавање има различни вежби и навистина е забавно, како за нив така и за нас. Моментот кога почнуваат сами да го водат коњот без помош на инструктор, тогаш се навистина многу горди, а тоа придонесува и да се чувствуваат храбро.
Како ги учите децата да изградат доверба со коњите?
– Најважен е пристапот кон коњот, ако коњот почуствува страв кај детето ќе биде исплашено и тој е, затоа секогаш внимателно заедно го чистиме коњот, заедно го седламе и раседлуваме, се додека не се почувствуа таа доверба и безбедност. Ме радува фактот што имаме многу храбри деца.
Дали си сведочела на трансформација кај некое дете кое било срамежливо или анксиозно, благодарение на јавањето?
– Ете можам да кажам дека тоа дете сум јас, коњите навистина знаат да го сменат карактерот на човекот, станувате похрабри, посамоуверени, упорни и најважното од сѐ е да не се откажувате.
Грижлива и емпатична си и кон домашните миленичиња, какви миченичиња чуваш?
– Навистина уживам во друштво на животните, некако ме смируваат, ме забавуваат, и нема ништо поубаво од љубов возвратена од милениче. Дома имам две мачиња, две кучиња и една игуана и сите живеат во една убава хармонија.
Каква е твојата визија за иднината на јавањето коњи во Македонија, и што би сакала да постигнеш во оваа област во следните години?
-Што повеќе јавачи – спортисти зад кои би стоела јас како тренер, навистина ми е предизвик и никогаш не би се откажала од својот сон , а јас својот сон го живеам.