Интервју со Игор Димовски
„Карактеристично за ‘Пауза за ракија 4’ е што има филмско сценарио, доста динамика и движење, и ако се прегледа целиот проект ќе се увиди промената на многу жанрови и стилови на мал терен и секако сето тоа во задржан Македонски традиционален дух и хумористичен карактер“ вели за Гламур магазин музичарот Игор Димовски
После три проекти за Пауза за ракија неодмна излезе и четвртиот кој како што вели нашиот познат хармоникаш Игор Димовски има филмско сценарио, доста динамика и движење а и промена на многу стилови на мал терен но сепак задржан е македонскиот традиционален дух. Во овој проект се вклучени голем број на музичари, пријатели и љубители на проектот, а снимен е во Охридскиот крај, Св. Наум, во градот Охрид, како и во родното место на предците на виртуозот на хармоника Игор Димовски – с.Ботун општина Дебрца, Пештани.
Приватна архива
Прашање: Неодамна излезе и „Пауза за ракија 4“, што е карактеристично за ова ново издание и колку време се подготвуваше?
Да, „Пауза за ракија 4“ за прв пат беше објавена на 2 април. Оваа епизода „Пауза за ракија“ е карактеристично што има филмско сценарио, доста динамика и движење, и ако се прегледа целиот проект ќе се увиди промената на многу жанрови и стилови на мал терен и секако сето тоа во задржан македонски традиционален дух и хумористичен карактер. Всушност приказната е како едно семејство заминува наутро на свадбена прослава на својот син каде таткото уште нестигнат ја започнува прославата со шише ракија во автомобилот кој на дадена сигнализација на полиција не ја почитува наредбата и продолжува да вози кон сватовите, всушност тука започнува целата брканицата, тоа е еден мал дел од сценариото и секако сето тоа е во хумористичен дух, за да се долови целиот филм би требало да се погледне во целост.
Принтскрин/ Јутуб
Прашање: Каде се снимаше и кој се беше вклучен?
Во овој проект се вклучени голем број на музичари, пријатели и љубители на проектот и сум специјално благодарен до сите нив. Снимано е во Охридскиот крај, Св. Наум, Во градот Охрид, родното место на моите предци с.Ботун-Дебрца, Пештани и други места
Прашање: Колку песни има и кој беше одговорен за преработките на песните?
Има 18 нумери од кои две се мои авторски композиции, преработката, аранжманите и сценарио на видеото се мои.
Прашање: Каква приказна сакавте да пренесете во ова издание?
Целта беше да се оживеат заборавените македонски рефрени и да се доближат до што помладата публика а покрај тоа и да ги промовирам своите авторски песни, се работи за материјал каде македонска музика се микса со светски композиции и во даден момент преминува во електро музика, повторни ке кажам, за да се доживее целиот концепт би требало да се одвојат 37 минути пред екран.
Принтскрин/ Јутуб
Прашање: Колку е тешко да се направи следниот проект подобар од претходните?
Прилично тешко, со секој снимен проект созревате се повеќе и повеќе и самиот од себе имате се поголеми и поголеми очекувања и барања, за моја среќа „Пауза за ракија 4“ ја снимав во моето сопствено музичко студио па имав многу време за пиши-бриши.
Доколку еднаш понудите нешто што е прифатено од публиката таа веќе очекува следниот да е подобар или во најмала рака ист како претходниот проект. Затоа материјалот треба секогаш да одлежи и да се преслуша внимателно и претпазливо.
Приватна архива
Прашање: Знам дека е рано но дали веќе се крчка идеја за следно?
Во периодов за публиката ќе следат неколку парчиња авторска музика кои ќе бидат исто така крунисани со убави видео записи.