Реклама
Интервју

На кафе муабет со Билјана Јаневска – „не сакам да бидам ничија марионета“

Реклама

Поранешната манекенка која со успехот ги надмина границите на Македонија, Билјана Јаневска, веќе речиси четири години работи во депонија Дрисла. Започна како советничка за подготовка и спроведување на развојни проекти и како советничка, како што вели, имала прилично интересна задача, постојано состаноци, подготовка на проект за пречистителна станица, а сега е референт за техничка документација во одделението за техничко одржување, бебедност и здравје при работа.

Што те задржа во ЈП Дрисла?

Маркетинг

– Тука ме задржа моето образование, како магистер по управување со отпад, со сиот свој капацитет и знаење сакам да се посветам на оваа депонија затоа што практично, „Дрисла“ е мојот живот. И да имам уште два живота, повторно би одбрала да работам тука. Дома е таму каде што ти се радуваат. Тука сме сите еден тим и неизмерно сум среќна поради тоа.

Моделството го остави зад себе, но што е со политичките амбиции, се откажа ли и од нив и зошто?

Маркетинг

– Моделството го оставив зад себе затоа што се си има свое време. Јас својата желба сум си ја исполнила, бев на пиедестал за својата татковина, Република Македонија 2020/21, кога ме прогласија за прва придружничка на Мис модел туризам во светот во Јамајка и тоа во време на ковид-пандемија, и тоа е тоа. Мисијата е успешна и тоа е едно прекрасно минато што ќе го раскажувам на своите деца. Нешто што ќе остане за мене. И освен тоа, од мали нозе настапував во детскиот хор Златно Славејче, каде што на јубилејниот 35-ти роденден пеев соло песна – Времеплов. Многу е важно само да оставите трага. Да имате што да раскажете на идните поколенија. Тоа е поентата на животот.

Од политиката, дадов оставка затоа што не сум подготвена за задкулисни игри. Не сум подготвена да ,,пливам” во лицемерие, ниту пак сакам да бидам нечија марионетка. Тоа е нешто што требаше да го сторам одамна. Сега сум спокојна и многу посреќна. Нема враќање назад.

Малкумина знаат дека, иако си дипломиран инженер, имаш завршено и две средни училишта, па во твојата деловна биографија можеш да се пофалиш дека си и медицинска сестра и физиотерапевт – две моментно многу барани професии. Би се вратила ли на овие љубови и во кој случај?

– Да, би се вратила со задоволство затоа што ќе спасам многу животи. И двете средни се многу барани и се сакани професии, и двете со љубов ги завршив. И секоја чест за лекарите и за нивните напори да спасат човечки живот. Тоа е голема жртва. Сакам да им помогнам на луѓето. Помагај ама немој да одмагаш.

Магистер си по управување со отпад, како гледаш на отпадот кој ни ги задушува градовите и какви мерки треба итно да се превземат?

– Крајно разочарана сум од аерозагаденоста, тоа е веќе секојдневие. Скопје во топ 10 листата по загаденост на воздухот. Штета е тоа што ни се случува. Најзагадени во листата на градови. А во однос на отпадокот, свеста на граѓаните е на најниско ниво, крајно непочитување на закони. Се фрлаат отпадоци на сите страни. Апропо муабетов, насекаде се поставени три контејнери. Стакло кое се фрла во зелените контејнери, пластиката и лименките во жолти, хартија и тетрапак се фрлаат во сините контејнери и нели имаме дрвена амбалажа (палети). Само треба да се почитува и правилно да се селектира. Треба час поскоро поригорозни мерки да се спроведат за да се заштитиме затоа што во спротивно ќе има директни и долгорочни негативни ефекти врз здравјето на граѓаните. Со правилно селектирање на отпадот ја зачувуваме животната средина, а животната средина е практично местото каде што постоиме, се движиме, работиме, дишеме. Тоа е основна човечка вредност и право кое сме должни  да го заштитуваме и унапредуваме. Тоа е темелна вредност дури и на уставниот поредок на нашата држава.

Да се вратиме на порелаксирана тема, кои се твои три омилени модни парчиња од гардероберот?

– Модни парчиња без кои не можам да ја замислам оваа зима и кои ми се омилени се бордо шеширот, црната бунда што можам секако да ја комбинирам и моите омилени чизми што секој ден ги носам, во секоја варијанта. Едноставно врв ми се!

Што бараш од еден маж и со што може да те привлече?

– Искреност барам и тоа е нешто што најмногу ме привлекува. Со поглед да се разбираме, да ме почитува. И да ме сака таква каква што сум, да бидам своја пред него.

Како убава жена нурната во деловниот свет како гледаш на женската солидарност?

– Да бидам искрена денес тешко е да наидеш на женска солидарност. Но не се плашам од конкуренција!

Секојдневно слушаме како жените заслужуваат многу повеќе. Тоа „многу повеќе”, всушност, треба да значи рамноправност. Тука настапува феминизмот и сите дилеми околу него. Жената е ,,мултитаскинг” уште пред тој израз да стане ,,ин”. Важно е да се прекине омаловажувањето на жената, бидејќи и жените треба да седат на иста маса со мажите и да донесуваат важни државнички одлуки. Жената е свое битие со неверојатно моќни интелектуални капацитети и има своја вредност. Со едно големо ,,Ж”!

Кој е најстрашниот муабет кој си го чула за себе и дали те вознемируваат озборувањата, гласините?

– Се уште не сум чула ништо лошо за мене, нешто што ќе ме извади од кожа. Но, тоа е сосема нормално, затоа што сум јавна личност. Ќе има и добри и лоши коментари. Некогаш многу ме погодуваа лошите коментари, и дома честопати со моите родители во разговор се обидував да се утешам. Имало и ќе има провокации. Важно е само да се остане смирен, отрпнав веќе и се научив да живеам со тоа. Искуството си го прави своето.

Се подготвуваш ли за новогодишниот период, со кого и каде ќе го поминеш?

– И тоа како се подготвувам за Нова година и за новогодишните празници. Четири недели до крајот на годинава. Едвај чекам да ја испратам 2024 година. Сама по себе, како престапна година, ми беше брутална, тешка, полна со интриги, тешки одлуки, револт. Го паметам секој ден и секој месец. Златибор како зимска дестинација ми е идеален избор за оваа зима, а со кого ќе ги поминам празничните денови, тоа ќе го задржам за себе.

Што си посакуваш во новата 2025 година?

– Во новата 2025 година, на сите им посакувам да биде година на просперитет, на напредок, на успеси, им посакувам на сите да бидат во добро здравје. Да ја подобриме екологијата, да бидеме подобри луѓе, да се почитуваме. 2025 година да биде година на триумф, да донесеме повеќе радост, светлина и среќа во секој еден дом. Да има благосостојба и стабилност. Празничните денови сите да ги поминеме во добро здравје, хармонија и семејна радост. Да бидеме хумани, чесни и праведни, и што е најважно- да простуваме!

А за себе, си посакувам да бидам жива и здрава, и тоа што го чекам речиси четири 4 години, конечно да се исполни.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button