Интервју

На голем одмор трчав до Драмски да си купам карти и навечер одев на претстави – искрено со Магадалена Ризова Черних

30 години работен стаж имам направено 82 премиери, а за изведби да не правиме муабет - преку 9000 изведби се сигурно вели Ризова Черних во интервјуто за Гламур

Реклама
Реклама

Mагдалена Ризова Черних е наша многу позната театарска, филмска и телевизиска глумица и редок талент која е многу посветена на својата професија. Минатата година прослави  јубилеј од 30 години со  повеќе со 82 премиери, преку 9000 извадби на претстави. Препознатлива е и по  македонските народни приказни каде брилијантно ја има одиграно секоја улога, и  една е  од основачите на патувачкиот театар “Хит”, заедно со Сашо Ристовски, каде веќе неколку години успешно ги изведуваат претставите ширум земјава и надвор.

Ја паметиме по Божица од „Салон Хармони“ но исто така и Благето од „Погрешно време“, кои своевремено беа  најгледани ТВ серии на МТВ. Со Магдалена овој пат поразговаравме како за професионалниот, така и за приватниот живот, а што сé ни откри за себе оваа извонредна жена, прочитајте во продолжение.

Маркетинг
Приватна архива

Минатата година прославивте 30 години работен стаж, од кога се Вашите почетоци и дали се сеќавате која беше првата претстава која ја игравте и која улога?

Се вработив во 1993 во МНТ а првите почетоци ми се Ништо без Трифолиум во Кумановски театар тогаш бев на факултет 3 година на Драмски уметности, режисерот Коле Ангеловски правеше претстава и му требаше таква една млада глумица, ме знаеше Коле мене заедно Со Драган Спасов Дац гостуваваме во Кумановски театар, во 89 година не се сеќавам на улогата но во претставата му бев девојка на Дац.

Од каде талентот за глума, со оглед на тоа дека никој во Вашето семејство не е актер и кога ви се јави желбата да станете актер?

Желбата ми се јави уште во училиште додека бев, цело време мене ме земаа учителките кога имаше приредба, да рецитирам, да пеам, после во средно школо почнав да одам по театри да ги гледам претставите, а средно учев во ГУЦ Архитектура бидејќи моите се сите архитекти и машински инженери. Но на голем одмор трчав до Драмски да си купам карти и навечер одев на претстави. Знам 4 година кога бев професорката по македонски не ме испрашуваше туку ме праша ќе одиш на претстава во Драмски и викам да, еве ти петка.

Маркетинг

Во средно немаше некои приредби но се истакнував по тоа што сите лектири ги имав прочитано, особено по македонски јазик, инаку математика, статика тоа воопшто не ми одеше. Така ми се јави желбата уште додека бевме деца пред зграда кога игравме ние не игравме обични игри туку игравме интересни игри партизани и Германци. И сите тие околности придонесоа да станам актер а после тоа ја заразив внука ми Дарја Ризова која е денес и таа успешен актер.

Приватна архива

Имате многу култни улоги но ми се чини дека Божица од Салон Хармони некако како да Ве одбележа?

Да така е Божица од Салон Хармони но исто така и Благето од Погрешно време. Но имаше и други улоги во други серии со помалку епизоди во кои секогаш ме викаа да бидам дел, а тоа беа многу серии кои се снимаа 2006, 2007 во МТВ кои не поминуваа без мене. Во некои главни улоги во некои помалку но знам дека бев присутна во сите. А во 1994 година ни дадоа со Тони Михајловски да водиме некој квиз се викаше Досетко и тој беше доста успешен, па потоа ни нудеа повеќе но јас тука застанав затоа што ми беа големи обврските во МНТ. Инаку којзнае можеби и ќе бев некоја водителка во МТВ хаха.

Претставите се едно, филм друго, ТВ сериите трето, што е покомплексно снимање на филм или подготовка на претстава?

Претставата е покомплексно да се подготви, затоа што 40 дена го вежбате тоа и после сте препуштени сами на себе на сцена и не се дозволува грешка и грешката не може да се поправи затоа што играме овде и сега. За импровизации нема место во секоја претстава, не можете да импровизирате во Шекспир или Чехов, но да се случува во некоја претстава каде може да се импровизира импровизираме. А на филм ти се подготвуваш и кога доаѓаш на снимање да но ако тоа не е така може да се повтори повеќе пати па и до 30 пати се додека не се добие тоа што треба да се добие. Тоа се работи малку постепено и океј е, а театарот е сработено и си пуштен на сцена каде што ако те прифати публиката добро ако не те прифати уште полошо е.

Приватна архива

А што Вам Ви е поголем предизвик?

Театарот отсекогаш да, отсекогаш. Еве 30 години работен стаж имам направено 82 премиери а за изведби да не правиме муабет преку 9000 изведби се сигурно. Имаше период од неколку години каде што одев само на спиење, буквално репертоарот го носев од понеделник до сабота, во недела не игравме само до сабота и 6 дена шест претстави и сите различни и више не ги памтев туку кога одев на работа кога ќе влезев во грамиорна гледав по костимот и кога ќе го видев костимот знаев која претстава треба ја одиграм. И кога ме прашуваа каде, еве на претстава и кога ќе ме прашаа која претстава им викав не знам.

Приватна архива

Многу од наградите што ги имате добиено повеќе ви се однадвор отколку од дома, зошто е така, зошто не знаеме да си ги вреднуваме нашите уметници?

Знаете што. Сега ќе Ви кажам една приказна. Ние сработивме една претстава тука во МНТ одлична претстава, и обично имав среќа да играм во некои такви култни претстави со кои што одевме надвор на некои фестивали. Отидовме во Бугарија и таму добивме награда за најдобра претстава на Балканот значи ја добивме наградата а јас пак добив награда за најдобра женска улога, значи две награди доби таа награда претставата. Се враќаме од таму и после 10 дена одиме на фестивалот Војдан Чернодрински со истата претстава за да на Војдан Чернодрински добиеме награда за плакат. Така да што да Ви кажам. Надвор не ги интересира дали режисерот бил СДСМ или ВМРО, така да политиката е навлезена и во уметноста.

Што за Маги е позначајно наградите или аплаузот на крајот од претставата и зошто?

Аплаузот секако. Видете имаше еден период од 3,4 години не играв ништо, бев во театар па малку уметнички директор, па генерален директор, и реков веќе од сабајле не играм претстави за деца и низ Македонија и сега повторно се вратив на тоа, значи луѓето не не заборавиле. Отидовме во едно село на југот на Македонија кое што ретко кој го знае, и отидов на сретселото да се напијам едно кафе и кој како поминуваше сите се поздравуваа со мене и бараа телефони кој има да се сликаме.. Значи уште не знаат уште ги гледаат сериите, приказните ги гледаат, значи сум оставила многу зад себе. Е тоа ми е мене најголемата награда. И тој ден се вратив многу среќна дома.

Приватна архива

Го спомнавте директорувањето, од оваа перспектива кога повторно би ви понудиле, дали би прифатиле?

Грешка ми било тоа, затоа што прво ме излажаа дека нема кој, па ти си најписмена, не знам што и во тој момент навистина јас ги имав сите сертификати, сите дипломи, магистерски и не знам што . Реков добро и прифатив, но ми било грешка. Сум испуштила толку години да не бидам актер за да се занимавам со некои бирократски работи кои не се за еден уметник. Тие места се за економисти и други. Единствено можеби актер би можел да биде уметнички директор но не и генерален.

Какви улоги повеќе преферирате комични или сериозни?

Јас затоа и се префрлив во театар Комедија си реков ајде сега пред пензија да завршам со комедија, инаку јас во мнт играв се и сешто, затоа што во МНТ многу ретко се правеа комедии, затоа јас специјализирав и за Шекспир и за Чехов. И доста ми беше од корнење коси и плачење на сцена си реков дај малку да се смееме и само ради тоа се префрлив во театар Комедија. Тогаш беше министер за култура Роберт Алаѓозовски и само што му спомнав тој веднаш ме префрли таму. Значи моето префрлување беше во две минути, а знам колеги што молеле да ги префрлат од еден во друг театар. Тој само ме праша дали сум сигурна и тоа беше тоа, ме префрли во театар Комедија.

Приватна архива

Неодамна имаше информација дека Филмскиот фонд нема пари за филмови, многу реакции имаше од ваши колеги. Имаме ли ние добра филмска продукција и дали недостигаат филмови за ангажирање на актерите?

Ние имаме добра филмска продукција но тие што одлучуваат кој да работи и како да работи се на погрешни места ангажирани и тие пари што се потребни за еден филм се кратат пола а другите ги земаат тие за кампањи, за не знам што друго. Тоа го осетив на наш грб со тоа што ние добиваме еден мал хонорар заради некои кампањи кои ги прави некој. Така одат тие пари. И се разочарав многу. Два три пати имам снимено и пола пари од тие што се наменети за филмот одат во непотребни нешта.

Но исто така и нема многу театарски претстави нови, колегите се жалат дека некој неколку години немал премиера?

Тоа е повторно поради тоа што го кратат буџетот предвиден за еден театар кој вклучува нови претстави.

Приватна архива

Се живее ли од актерството кај нас?

Па ако се работи се живее да. Еве јас на пример не работам ништо друго, цел живот само тоа. И секогаш велам кога ќе отидам во пензија ќе станам земјоделец. А тоа во однос на нашите плати сите сме различно платени, колку повеќе сте ангажирани толку поголема ви е платата. Затоа сите викаат нема пари, но треба да се седне да се сработи за да се добие и некоја награда па и повисока плата.

Што правите за да се одморите од напорните обврски?

Ќе обработувам земјиште доле на југот имам оставнина од татко ми и дедо ми и тоа е нешто што ме релаксира најмногу.- Кога ќе појдам во Валандово на викендичката од татко ми таму ми е најубаво. Не можам да направам некоја бавчичка таму бидејќи одам само викенд но летно време одам на подолго имам посадено јаболка , киви и некои работи кои можат да се одгледуваат 7 на 10 дена што не бараат многу внимание, вода.

Приватна архива

Препознатливи сте и по македонските народни приказни, каде брилијантно ги играте сите улоги?

Да тоа беше далечната 2008 тогашната А1 ТВ рекоа дека ќе прават приказни Драги Савески покоен беше тогаш главен режисер. Јас кај него до тогаш имав снимено 2,3 драми и господинот Драги многу ми веруваше затоа се покажав како актер а и многу му помагав и околу режирањето и околу другите актери. Тој ме викна и ми рече дека сака да правиме македонски приказни ми ја даде довербата јас да посочам кои актери ќе бидат вклучени и тогаш јас го земав Сашо уште никој не го знаеше , го земав во првата епизода, земав и други мои колеги и така некако кликнавме на таа првата и имаше позитивни реакции и тогаш рекоа ајде нас двајца да не стават како маж и жена па за другото ќе видиме и така падна договор да се снимаат

Препознатливи сте по вашето детско драмско студио кое што го водите долги години и сеуште функционира, има ли заинтересираност од младите да станат актери?

Има да голема заинтересираност долги години, и сите деца кои се од моето студио кои поминаа низ моето детски драмско студио веќе половина и повеќе се вработени по театрите и веќе работат. Еве да споменам некои кои се веќе докажани Атанас Атанасовски, Бранко Атанасов кој лани зема награда за најдобра епизода на фестивалот на Комедија во Куманово, Ема Давчева, Изабела Пан се мои од тие што играат, Мирјана Трпковска, Елена Кузманов сега игра во три претстави во Комедија, Дарко Богески и Стефан што играше во Преспав, после Денис Абдула така да ги има доста.

Приватна архива

За што мечтае детето во Вас?

Детето во мене посакува и мечтае само да се смее. Кога одам во детското драмско јас таму сум дете и се прилагодувам на возраста на децата кои се таму, си играм со нив. Значи цело време мечтаам да си останам дете во душата.

Се плашите од нешто?

Па не немам од што конкретно да се плашам, но сепак се плашам само од лошите луѓе да не се околу мене и се трудам да ги елиминирам.

Приватна архива

Колку Вашиот сопруг има разбирање за Вашата професија и колку Ви е важна поддршката за да можете да се дадете 100 проценти?

Јас имам голема среќа што ми се погоди партнерот, всушност ние така и се запознавме во театар на една премиера, тој некако не ја разбра претставата, па јас му до раскажував што би било како би било и ми рече е супер сега разбрав, но потоа ми рече и една друга претстава не ја разбрав па јас го поканив да дојде во среда во театар и така почнав да му давам карти за сите претстави, па почнавме да пиеме кафе и така почна се. Значи имав среќа да ја разбира професијата и секогаш ме поддржува, нешто што е многу важно за да немам никакви препреки. Ме носел у 5 сабајле на автобуска за да фатам автобус за Струмица бидејќи играв и во Струмички театар , па се враќав у 3 ипол да стигнам и овде во матичниот театар, е тоа секој не го разбира цел ден да си ангажиран.

Што ве прави среќна а што ве растажува ?

Ме прави среќна кога ќе ги видам луѓето насмеани и расположени, ме прави среќна кога одам на одмор, ме прави среќна кога одам доле на југот во Валандово кога се занимавам со дворчето а несреќна ме прави тоа што нема почит кон постари од страна на помладите и што сите традиции што ги имам јас од татко од баба и дедо тоа се е изгубено. Значи сега колку си по злобен, колку си по некултурен толку повеќе си познат. И тоа ме прави многу тажна. И си дозволува секој да коментира за се и сешто. И тоа што неписмените се на места каде што не треба.

Приватна архива

Имавте проблеми со стапалата ги надминавте, дали сте сега добри?

Да со многу напор со многу вежбање сега можам да кажам дека сум добра, не скроз но можам да функционирам сепак сеуште не можам да го свиткам скрос стапалото.

Кое е Вашето животно мото?

Јас сакам само да си ја работам професијата и да мие здрава и жива фамилијата. Не сум мегаломан.

Приватна архива

Готви ли Маги и дали е вешта во кујна?

Не сум вешта во кујна ама многу голем гурман сум. Инаку претежно готвам италијанска храна.

Знаат ли нашите граѓани да го посетуваат театарот, какви претстави според Вас сакаат љубителите на театарот?

Сметам дека повеќе сакаат комедија, на луѓето им е преку глава од лоши и неубави информации и се што се случува во секојдневието и сакаат да се насмеат, па макар и на добри шеги. Иако и во МНТ има преубави претстави кои се на репертоарот.

Приватна архива

Ако не би биле актер што би биле?

Би била хирург, и тоа абдоминален, сакав да одам на медицина, но ме примија на ФДУ, а и фамилијарно имам многу доктори и ако не ме примеа на ФДУ сигурно ќе бев во медицината.

Како би се опишале со неколку збора?

Маги е една весела ведра и темпераментна личност која сеуште сака многу да учи за се за билките на пример, сакам да научам некои други правци во нашата уметност, сакам да цртам , сакам скулптури да правам од дрво, сакам да правам полици. Не сум некој захтевен лик. Скромен човек сум. И секој кој влегол во мојот дом ми рекол леле колку убава позитивна енергија има, се ми е скоцкано и наместено но не за другите туку за себе.

 

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button