На „Дубаи ордевер“ кај Шоте: Гладни сме за малку муабет и човештина
Неговото име Саша Шотаровски – Шоте се поврзува со повеќе култни градски места, од „Кристијан“, „Галерија 8“, „Безистен“, до „Децата од нашата улица“ во Дебар Маало, сега „Бифе Тафталиџе“. И во сите овие места градското и уметноста одат рака под рака.
Здраво Шоте, како си деновиве?
– Празнично. Со оглед на возраста на гостите и на вработените внимателно следиме какви сѐ промоции има по апотекиве (се смее, н.з). Сериозни дискусии кај има најубави чварки у маало.
Како деновиве е во маало Тафталиџе?
– Си има маалскиот живот, свои строги правила. Не можеш да бидеш некој што не си. Одма те спуштаат на земја. За у „град“ не знам. Преку Рузвелтова одам само кога морам. На лекар, и ептен кај некој пријател на изложба или на концерт.
Како Бифе Тафталиџе се подготвува за празничната сезона, кои настани се на распоредот?
– Ништо посебно. Секој ден е овде Нова година. Ќе направиме некоја забава денски со фанк ако има сонце напред на сончевата тераса, а ќе има бидејќи господ ги чува будалите и сиромавите. Позади е безицирано за „постарите” со специјална понуда за простамол и коњска маст… Вечерта имаме сикрет руска парти за најверните (се смее,н.з).
Што е тоа што ги прави овие настани, во твоето Бифе Тафталиџе, посебни и различни од останатите забави низ градот?
– Не се посебни. Само се нормални, човечки, без претензии. Секогаш кога се направило нешто со претензии, се приметува. Да се осеќаат луѓето ко дома. Тоа е.
Што најчесто се нуди на менито за време на претпразничната сезона?
– Ние нудиме „Дубаи ордевер”. Смоки, соленки, чварки и наполитанки. Толку (се смее, н.з). Секој од дома може да донесе што сака. Прејадени сме, препиени сите. Гладни сме за малку муабет и човештина.
Ќе се слави ли Нова година во Бифе Тафталиџе?
– Ќе славиме, уште малку ни останаа. Уште две три кречења. Мораме да дадеме се од себе (се смее, н.з). Божиќ по дома ќе си седиме да видиме што има ново.
Има ли нови идеи што ги планираш за 2025 во однос на културно-уметничкиот живот?
– Здравје само. Има план. Бифе да си остане место за маалска дружба, а нов простор за изложби, промоции и мултимедијални проекти. Ги измешавме лончињата малку годинав, се изгубивме во ‘преводот” како да се изгуби душата. Ќе ја опраиме работата. Ваљда. Само здравје. Среќна Нова година на читателите на Гламур. Само здравје, сѐ друго ќе си дојде.