Таа е еден од најдобрите женски вокали кај нас со бисерно грло, која е и мајка и сопруга, но и долги години професор по хармоника во ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј”, и успева успешно да ги менџира сите работи. За себе вели дека не е строг професор и им пристапува на децата со љубов. За љубовта со Наум вели дека сaкањето те учи да го прифатиш партнерот со сите негови доблести и мани, и во мир да научиш да живееш со нив-искрено со Зуица Лазова.
Приватна архива
Многу долго сте на нашата музичка сцена, еден сте од најдобрите женски вокали кај нас , отпеавте многу песни но “Утринска коба” како да ја одбележа Вашата кариера и беше прогласена за песна на годината. Тешко ли е да се опстои толку години на сцената?
Најпрво, ви благодарам за убавите зборови, а морам да кажам дека песни како “Утринска коба”се навистина ретки и мене ми е многу драго што ми се случи. Од друга страна, после таква песна сте поставиле висок стандард и навистина е тешко да се одржите околу врвот.
Приватна архива
Што е потребно еден изведувач да поседува за да стане звезда и да опстои толку долго на сцената ?
Секако дека треба да има талент, но и многу повеќе од тоа. Треба да е харизматичен, допадлив кај публиката, да го прати и среќа и хитови, едноставно да има нешто плус.
Дали фолк изведувачите се доволно ценети и платени кај нас?
Ова е горливо прашање за сите нас фолкери во ова време невреме за сѐ, а посебно за фолкот. Воопшто не е ценет и платен онака како што треба и како што многумина мислат.
Ви недостигаат ли оние времиња кога фолк музиката беше во подем, што Ви недостига сега , како да се сменија времињата?
Да, иако малку, јас фатив од среќното време на фолкот, а генерално, мислам дека сега недостигаат повеќе фолк емисии, почесто пуштање на песните, недостига медиумска покриеност.
Работите на два фронта, како професорка по хармоника и како пеачка. Како ги менаџирате двете нешта?
Долги години успешно ги менаџирам работата како професор по хармоника во ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј”и кариерата како пеач, тешко е навистина, но сѐ се може ако се сака.
Приватна архива
Како Ве доживуваат учениците, дали сте строга професорка?
Не сум многу строг професор, знам да ги држам работите под контрола и да постигнам тоа што треба без да тренирам строгост. На децата треба да им се пристапи со љубов и трпение, па така и тие возвраќаат со љубов кон музиката и инструментот. Има некои ученици кои знаат дури да бараат и автограм, слика, но многу ретко, посебно во денешно време. Јас сум таму само наставник, така и се однесувам.
Приватна архивa
И керката Македонка и синот Стефан ги следат Вашите професии. Чувствуваат ли притисок поради тоа што и ти и Наум сте успешни музичари, и што се Вашите совети?
Македонка е апсолвент на ФМУ по соло пеење и тука е насочена, дури сега покажува желба да снима, но поп музика. Додека Стефан иако е прва година на фолклорниот оддел, веќе крои планови како ќе станел пеач. Мислам дека колку им олеснува тоа што не имаат нас за родители, толку ќе им биде и потешко оти ги споредуваат и бараат сличност со нас
Приватна архива
Во што сте слични, а во што најразлични со Наум, како се разбирате меѓусебно?
Нели спротивностите се привлекуваат! Најразлични сме кога е трпението и трпеливоста во прашање, јас сум по трпелива тој помалку.
Во секој случај сите наши маани и доблести се надополнуваат една со друга и затоа функционираме до денес.
Вашата љубов е многу одамна и пред две години после 16 години заеднички живот се венчавте тајно. Зошто чекавте толку долго време да го официјализирате бракот?
Не се венчавме тајно, едноставно го направивме тоа онака како што сакавме и ни доликуваше, без многу публицитет .
Која е тајната на оваа голема љубов да опстои при толку предизвици?
Љубовта сама по себе, трпеливоста, разбирањето, довербата. Љубовта те учи да го прифатиш партнерот со сите негови доблести и мани и во мир да научиш да живееш со нив.
Приватна архива
Мајка сте сопруга, успевате ли да најдете време за себе и што најмногу Ве исполнува ?
Многу малку време имам за себе, но не го прескокнувам утринското кафе сама на тераса. Тоа е само мое време.
Приватна архива
Знаете ли да запеете сите по дома ?
Ретко, но се случува, а најчесто иницијатор е мајка му на Наум која божествено пее.
Ќе имате ли фестивалски настапи во наредниов период, какви ангажмани те очекуваат?
Подготвувам интересни дуети, нови песни, ама како стари и обработка на една помалку позната староградска песна, но затоа потоа, ќе слушнете. Во секој случај ќе бидат интересни и необични дуети.