Го намамиле во автомобил и му пукале во глава – Откриен еден од убијците на Ѓело Ѓошев во Велес

Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека е соизвршител во кривичното дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, како што велат од Обвинителството, на 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, заедно со уште едно неидентификувано лице, го лишил од живот велешанецот Ѓело Ѓошев.
Според доказите, осомничениот најпрво го намамил оштетениот и со својот автомобил го однел на локацијата.
Потоа, заедно со другото лице, пукале во жртвата со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која Ѓошев починал.
Обвинителството побарало мерка притвор за осомничениот поради опасност од бегство, можност за влијание на сведоците и ризик да го повтори делото. Оттаму додаваат дека осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво.
Исто така, Обвинителството нагласува дека осомничениот се обидел да ги прикрие трагите по убиството и со тоа да влијае на постапката.
По наредби на јавниот обвинител, МВР интензивно работи на откривање на другиот соизвршител во убиството, како и на утврдување на точните мотиви за убиството.



