Мојот син има 9 години и се плашам дека ќе нè убие додека спиеме – морничава исповед на мајка на три деца, а еве што велат психијатрите
Најмладиот син има сериозно психичко нарушување, а оваа жена живее во постојан страв.

ТикТок-профилот на Кели Деринг во последните месеци стана едно од ретките онлајн места каде јавно се зборува за тема за која најчесто се молчи – дека родителството не е секогаш бајка, дека не секоја мајка е среќна и дека „природната љубов“ не доаѓа секогаш сама по себе.
Кели нема деца и отворено вели дека поради тоа не чувствува ни вина ни срам. Токму затоа, нејзиниот профил стана безбедно место каде мајки (и понекој татко) анонимно ги споделуваат своите најдлабоки стравови, каења и емоции што не се осмелуваат јавно да ги изговорат.
Најпотресна меѓу нив беше исповедта на мајка на три деца. Нејзиниот најмлад син има сериозно психичко нарушување и таа секој ден живее со страв.
„Го сакам синот, но се плашам дека ќе ме убие“
„Имам три деца. Двете се добри и здрави. Најмладиот е ноќна мора“, започнува нејзината исповед.
Првите знаци ги забележала кога детето имало три години. Зборувал работи што ја плашеле, се однесувал необично. На почетокот, некако се држела работата под контрола, но со заминувањето на училиште, како што вели, било како отворање на вратите на пеколот.
Од училиште постојано ја повикувале на разговор. На крајот, таа ја изгубила работата.
„Со сопругот решивме јас да останам дома, затоа што едноставно немаше шанса да работам.“
Дијагнозата на детето стигнала подоцна, психотично нарушување. Имено, детето измислува обвинувања, манипулира и лаже многу убедливо. Социјалните служби повеќепати им затропале на врата, а многу невини луѓе завршиле на суд поради лажењето на детето, се додека не била откриена вистината.
„Кога е хоспитализиран, тогаш првпат можеме да земеме здив“ – признава мајката.
Мајката признава и дека живее во постојан, исцрпувачки страв:
„Има девет години и се плашам дека една ноќ ќе ме убие мене и неговите сестри“.
Во домот имаат поставено камери, не за безбедност, туку за одбрана. Како доказ, кога ќе се појават нови лажни обвинувања.
@kelleydaring
Се плашам да не стане сериски убиец
„Никогаш не знаеш какво дете ќе добиеш. Сите велат дека сакаат ‘здраво дете’, но мислат само на физичкото здравје. Јас сум мајка на дете од кое се плашам дека може да стане сериски убиец.“
Таа додава дека терапиите, лековите и времето не носат видлив напредок. И веќе шест години, не само што сè е исто туку и полошо.
Видеото го подели мислењето на јавноста, а следуваа лавина коментари. Некои ѝ даваат поддршка на мајката, други ја осудуваат.
Еден коментар е брутален: „Ако се плашиш дека детето ќе те убие, време е да се откажеш. Твоите други деца заслужуваат заштита.“
Друга жена пак, пишува: „Мајка сум на возрасен син со ментална болест. Животот ми е уништен. Во група сум за поддршка, затоа што ова е премногу тешко.“
Имало и осудувачки тонови: „Зошто роди трето дете кога ни со првите две не било лесно? Тоа се чувствува.“
Сурова вистина за родителството
Оваа приказна ги шокираше корисниците на социјалните мрежи затоа што го руши митот за совршената мајка и совршено дете.
Таа отвора прашања што многумина не сакаат ни да ги чујат, на пример, дека не секоја мајка е среќна, дека не секое дете е лесно да се сак, дека љубовта не доаѓа секогаш автоматски, семејството понекогаш може да биде место на страв, а не на среќа…
И токму затоа, иако непријатни, ваквите исповеди се неопходни. Тие не повикуваат на осуда, туку на разбирање, системска поддршка и отворен разговор за менталното здравје, тема што предолго се турка под тепих.
Што велат психијатрите
Според стручњаците од областа на детската психологија и психијатрија, тешките психички нарушувања кај деца се редок, но исклучително сложен предизвик, не само за детето, туку и за целото семејство. Ваквите состојби можат да вклучуваат губење контакт со реалноста, импулсивно однесување, манипулативни модели и недостаток на емпатија, што создава чувство на постојана небезбедност кај родителите и браќата и сестрите.
Експертите нагласуваат дека стравот кај родителот во вакви ситуации не е доказ за отсуство на љубов, туку сигнал дека семејството е исцрпено и дека се потребни системска поддршка и континуирана професионална грижа.
Родителите често се соочуваат со вина, срам и социјална осуда, поради што ретко зборуваат јавно за својата реалност.
Дополнително, специјалистите предупредуваат дека грижата за дете со сериозно ментално нарушување без соодветна институционална поддршка може да доведе до целосно прегорување на родителот, како и до ризик по безбедноста на другите членови на семејството.
Затоа, навремената дијагностика, долгорочниот третман и вклучувањето на социјални и здравствени служби не се знак на неуспех, туку неопходна заштита, и за детето, и за семејството.
Она што експертите го потенцираат како клучно е отворањето на јавен дијалог: да се зборува без осуда, без романтизирање на родителството и со разбирање дека менталното здравје е исто толку важно како и физичкото.




