ИнтервјуНаши ѕвезди

„Мојата мисија е да помагам на луѓето – во музиката со песна, во психологијата со разговор“, вели Тања Јовановска

Како училишен психолог би можела само да дадам совет на родителите на дечињата: Немојте никогаш да ги ставате вашите деца во средината на вашите проблеми. Тие се мали недолжни, нежни битија кои само бараат внимание и љубов- искрено за Гламур со пејачката Тања Јовановска

Реклама
Реклама

Тања Јовановска е нашата позната фолк дама, која кога ќе ја видите на прв поглед е како  една вистинска џепна венера. Таа е велешанка мажена во Куманово и музиката е постојано присутна во нивниот дом, бидејќи покрај Тања музичар е и нејзиниот сопруг Младен а и нејзината ќерка Драгана која веќе сигурно плови во поп водите. Вели со музика почнала сосема случајно но талентот постоел отсекогаш.

– Некаде на 7 годишна возраст мајка ми и татко ми ,ме снимале на касетофон каде што ја пеам ,,Низ корија зелена“ и откога почнав да се занимавам професионално со музика некако магично ја извадија снимката да ја слушнам. Никогаш не помислував дека музиката ќе биде моја прва љубов, и дека покрај музиката ќе го запознаам мојот животен сопатник, вели во интервјуто за Гламур Тања. Што друго ни откри нашата позната фолк пејачка прочитајте во продолжение.

Приватна архива

Прашање: Тања, вие сте родена велешанка, но мажена сте во Куманово. Кога ќе се сетите на детството и родниот град какви спомени Ви буди, што е тоа што Ви недостига во Куманово, а го има во Велес?

За мојот Велес, за моето преубаво и безгрижно детство би можела да зборувам со денови. Знаете, како одминуваат годините се повеќе станувам носталгична и кога ќе видам некој прилог или некоја статија поврзана со Велес, а посебно со моите маала Којник и Бузаана знам да пуштам и некоја солза. Не можам да кажам дека нешто ми недостига во Куманово. Градовите се различни сами по себе. И двата града имаат богата историја, имаат преубави места кои што би требало да се видат и да се посетат, но она што највеќе ми недостига се моите родители, сестра ми и внуците.

Маркетинг

Прашање: Како започна приказната со музиката? Од каде талентот и кога беше Вашиот прв професионален настап?

Со музика започнав сосема случајно. Отсекогаш сум го имала талентот. Некаде на 7 годишна возраст мајка ми и татко ми ме снимале на касетофон каде што ја пеам „Низ корија зелена“ и откако почнав да се занимавам професионално со музика некако магично ја извадија снимката да ја слушнам. Никогаш не помислував дека музиката ќе биде моја прва љубов, и дека покрај музиката ќе го запознаам мојот животен сопатник. А поточно се и започна кога се запознав со него. Тоа беше далечната 2001 година. Првиот настап ми беше некаде во август месец, но на датумот не се сеќавам точно.

Маркетинг
Приватна архива

Прашање: Што е тоа што недостига на македонската фолк сцена?

Видете…во моментов не недостига нешто премногу. Пред неколку години фалеа емисии, фалеше медиумска покриеност, сега мислам дека освен враќањето на фестивалите и нивна подобра промоција не ни недостига ама баш ништо. Фали тоа што на емисиите не си ги пееме нашите авторски песни, пееме најчесто староградски песни, но така налагаат уредниците на емисиите.

Приватна архива

И баш поради тоа одамна сме немале хит на Македонската естрада. Ние правиме и создаваме нови песни но за жал истите не ги промовираме доволно.

Прашање: Вие сте едно музичко семејство, Вашиот сопруг Младен кој е образован музичар а исто и Вашата ќерка Драгана која навистина многу брзо се пробива на македонската поп сцена. Па, како музипчари, весело ли ви е по дома, знаете ли заедно да запеете и засвирите?

Во последно време да бидам искрена не сме седнале онака за душа да си запееме. Но денот не може да помине без разговор за музика. Дали е тоа некоја консултација или пак излегла некоја нова песна па ја слушаме заедно… Во секој случај постојано има музика, или е тоа телевизорот кој е секогаш пуштен на некој музички канал или пак Драгана вежба пијано.

Прашање: Дали можеби Тања освен што пее знае и да свири на некој инструмент?

Јас сум единствената дома која не знае да отсвири ниту една нота. Не дека не сум пробала, ама некако не ми оди.

Прашање: Како го негувате гласот, со оглед на тоа што имате многу настапи па сепак гласот е еден инструмент кој не може да се поправи освен да се негува?

Нема некоја посебна формула за одржување, можеби добар сон ,добро расположение…добро и по некое чајче ха ха ха.

Приватна архива

Кај секого е различно. Јас само молам Бога да не настинам, да не ме фати некој вирус, тогаш ништо не помага.

Прашање: Како се запознавте со Младен и со што Ве освои?

Со Младен се запознавме сосем случајно. Отидовме со другарките на музика од Велес во Куманово ,и ….еве не денес . Со што ме освои…ќе бидам искрена. Прво што ми падна во очи беше неговата долга (до половина) коса, неговата зрелост и неговата искреност.

Прашање: Која е тајната за успешен брак?

Нема тајна или посебна формула за успешен брак. Едноставно треба само да имате разбирање, да си верувате и да си бидете поддршка еден на друг, да се почитувате. Да растете заедно. И кога велам да растете заедно, не мислам на години,туку мислам да се надградувате и да целите кон нови предизвици и успеси заедно.

Приватна архива

Прашање: Каква мајка е Тања и на што најмногу ја учите Драгана, со оглед на тоа што и таа е веќе позната и дел од нашата сцена, кои се животните мудрости што сакате да и ги пренесете?

Хммм,каква мајка сум ха ха ха. Тоа мислам дека треба да ја прашате Драгана. Понекогаш сум строга, понекогаш многу попустлива, понекогаш знам и да викнам.. но сето тоа е дел од родителството. Секогаш и кажувам да биде своја, да го следи својот инстинкт и да не избрзува во носење на било какви одлуки. Ако за нешто не е сигурна, подобро да  донесе одлука малку покасно отколку да донесе избрзана одлука која нема да оди во нејзина полза. Доколку е во можност да помогне на било кој. Пред се ја советувам да биде добар човек. А најважно од се – да не брза во животот, да научи да се сака себе си,за да знае што заслужува, и да сака како што би сакала таа да биде сакана

Прашање: Покрај тоа што сте активна во музиката многу малку знаат дека Вие сте дипломиран психолог и некако примарната работа Ви е како психолог, односно психологијата? Од каде пак љубовта кон оваа професија?

Точно така. Покрај музиката моја љубов е и психологијата. Несосмнено овие две професии се поврзани на некој начин. А мојата мисија на земниот свет е очигледна – да помагам на луѓето. Во музиката со песна ,а во психологијата со разговор.

Прашање: Од секојдневната работа како психилог какви се вашите сознанија кои се најчестите психолошки проблеми на луѓето?

Оффф,не би сакала да зборувам со кои се проблеми се соочуваат и децата и возрасните. Како училишен психолог би можела само да дадам совет на родителите на дечињата.

Немојте никогаш да ги ставате вашите деца во средината на вашите проблеми. Тие се мали недолжни, нежни битија кои само бараат внимание и љубов.

Прашање: Ако треба да бирате да работите само едно што би било тоа?

Тешко прашање. Навистина не би можела да одговорам. Што и да ви одговорам ќе се излажам прво себе си, а потоа и вас. Подеднакво ги сакам и двете професии.

Прашање: За вашите години изгледате преубаво, како успевате да ја одржите идеалната тежина и како Тања се негува, кои се Вашите ритуали за убавина?

Ви благодарам на комплиментот. Изгледот и го препуштам на генетиката. Знаете, колку е тешко да симнеш килограми ,толку е тешко и да ги ставиш…

Е јас сум од овие вторите .Стандардно ја  имам истата тежина. На исхрана пазам во последно време, а до пред некој месец не се воздржував од ништо.

Прашање: Дали сте поддржувач на естетските корекции и дали имате нешто направено, ако немате дали во иднина би направиле?

Да. Потполно поддржувам. Зошто да не направите нешто за себе и на себе ако не сте задоволни од тоа што го гледате во огледало. Е сега не да се претерува, па да си го смениш личниот опис, но се што е во граница на нормалното и природното ДА. Сеуште немам направено ништо, Но во моментот кога ќе мислам дека треба да „поправам“ нешто би направила корекција.

Прашање: Многу патувате, досега сте посетиле многу дестинации, каде најубаво сте си поминале и која е следна што ја имате на ум?

Патувањето не исполнува, зближува како семејство и не подмладува. Единствено кога сме некаде тогаш сме посветени едни на други ,и верувајте дека тогаш постоиме само ние и никој друг. Тоа е единственото време каде што нема обврски, нема телефонски разговори, нема никој освен ние тројца. Секаде е убаво кога си со тие што ги сакаш…Секоја дестинација е посебна и различна. Малдивите  се нестварни, парче рај на земјата. Дубаи и Абу Даби се како од иднината…Италија е љубов…Шпанија е посебна по многу нешта…Русија е како бајка…Австралија ми беше остварување на детски сон…и да не набројувам….Повторно ќе ви кажам, секое патување е приказна само по себе и незаборавни моменти со семејството.

Прашање: Тања во овој брз живот и сите овие стресни околности како се релаксирате и ги полните батериите?

Со патување. Само така се рестартираме, полниме батерии и се враќаме одморени со чисти умови. И да ќе заборавев. Мирот и спокојот го наоѓам и во Лесновскиот Манастир. Таму некако се пронајдов, и секогаш кога чувствувам тежина или пак радост знам да одам таму .

Прашање: Што Ве прави среќна а што ве нервира најмногу во секојдневието?

Најголема среќа ми е да ми се сите здрави и живи, а  се трудам да се нервирам…избегнувам луѓе кои што се негативни, луѓе кои не се задоволни од ништо, луѓе кои што и во најубавите нешта бараат влакно за да од убавото направат не убаво.

 

Прашање: Ако имате можност да побарете нешто од универзумот што би било Тоа?

Доколку имам можност би побарала свесност и мир за сите. Луѓето да живеат во хармонија едни со други и во склад  со природата.

Приватна архива

Прашање: Кои карактерни особини се оние кои се Ваш белег?

Организираност, дисциплина, дружељубивост, енергичност, сочувствителност и доверливост.

Прашање: Кои се следните планови? Дали може да очекуваме нешто ново после последната Ваша композиција на „Роса фест“ –„Север кон југ“ која многу ми се допадна и можам да кажам дека има повеќе примеси на поп ритам, дали можеби и следната ќе биде во овој стил?

Баш се радувам што ви се допаѓа Север кон југ. До сега немам отпеано песна во тој стил, но секогаш има прв пат нели? Веќе подготвувам нов материјал во соработка со Златко Миладиновски и Анита Даева со  староградски песни, но во модерен аранжман и  4 новокомпонирани. Се надевам дека ќе им се допаднат на слушателите и гледачите и дека секој песна ќе си го пронајде својот пат.

Прашање: Кое е Вашето животно мото?

Смислата на животот. Среќа и задоволство…

Потрага по живот исполнет со радост, спокојство и задоволство. Потрага по цел и смисла во тоа што го правиме, без разлика дали е преку кариера, семејство или личен раст.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button