Времето полека се стоплува и веќе почнуваме да набавуваме пролетна гардероба.
Ако сте ставиле некое килце во текот на зимата, не очајувајте. Ќе треба малку да се потрудите со диета и физички активности и работите ќе си дојдат на свое место. И ќе можете слободно да си купите нови фустанчиња, (по)кратки здолништа или (по)тесни панталони. Имате голем избор на најразлични диети, и на вас останува да одлучите која најмногу ќе ви одговара, според вашиот животен стил, колку килограми сакате да изгубите, за колку време, што најмногу сакате да јадете/ пиете и сл.
Млекото содржи многу витамини и минерални и позитивно влијае на целиот организам. Ако секојдневно се пие, млекото го намалува нивото на холестерол во крвта, ги зајакнува коските, нервниот систем, цревната флора, позитивно влијае на кожата. Млекото е добро за намалување на килограмите затоа што содржи комбинација од витамин Д и калциум. Млекото е омилена храна на многу луѓе, евтино е, достапно насекаде, и доаѓа во различни форми. По аферите за (не)присуство на афлатоксини во млекото, се утврди дека млекото на нашиот пазар е чисто и безбедно за пиење. Значи нема никакви пречки да спроведете една брза и ефикасна диета заснована на млеко и млечни производи. Ако се придржувате на храната која е предвидена за млечната диета, за само 3 дена можете да изгубите 3 килограми. Вреди да се помачите, нели?
План за исхрана:
Во текот на млечната диета важно е пред секој оброк да се испие една чаша негазирана минерална вода.
Појадок: 1 јогурт, 1 банана, чај со мед или кафе со млеко, без шеќер
Ужина: 1 круша, 1 јогурт (2оо мл.)
Ручек: 100 гр. овесна каша во млеко, 200 гр. сирење, 1 чаша меко
Вечера: 1 варено јајце, салата од краставици и јогурт или младо сирење со овошје, 1 чаша кисело млеко.
Во текот на млечната диета се препорачува лесна прошетка, околу дваесетина минути. Поради малиот број на калории што се внесува треба да се избегнува поголем физички напор. Обидете се почесто да се туширате за да го намалите стресот и чувството на глад.
Диетата може да се повтори 7-10 дена по првиот тридневен циклус.