Мишел Дјугар е мајка на 19 деца – инспиративна животна приказна која ќе го приземји вашиот постојан замор
Ако само се пожалите дека сте презафатени со своите две или три деца и дека сте „капнале“ од умор, сетете се на Мишел Дјугар, мајката која одгледа 19 деца, а денес е баба на 35 внуци (за сега).

Мишел Дјугар стана една од најпознатите мајки во светот, благодарение на нејзиното семејство кое постојано се проширува, односно како таа стануваше од година в година мајка на уште едно дете.
Откако се венчаа во 1984 година, Џим Боб и Мишел го добија своето прво дете, синот Џошуа, во 1988 година. Парот со текот на годините станаа родители на уште 18 деца, а нивната најмлада, ќерката Џози, се роди во декември 2009 година. Денес пак, Мишел е и баба на 35 внуци, а уште внуци се „на пат“ во 2025 година.
„Го изградивме нашиот дом така за да биде дизајниран за децата. Ги сакаме децата и навистина веруваме дека секое дете е посебен дар од Бога“ – објаснува Мишел, која до денес е сензација во светските медиуми.
Средбата со Џим Боб
Мишел станала посветена христијанка додека одела во средно училиште. Токму преку посетување на часови по веронаука се сретнала со Џим Боб Дјугар. Додека Џим Боб тврди дека тоа за него било љубов на прв поглед, Мишел не се сеќава на првата средба.
Таа се сеќава дека го запознала сегашниот сопруг следната година, кога се пријавила за работа во локална продавница со која случајно раководела мајката на Џим Боб. Почнале да излегуваат, а на Божиќ, во 1983 година, Џим Боб ја запросил Мишел, на што таа рекла „да“.
Кога се венчаle, мислеле дека ќе имаaт можеби две или три деца. Мишел пиела апчиња за контрацепција за да можат да планираат кога сакаат деца. По три години, Мишел се откажала од апчињата и го добиле нивниот прв син Џошуа. Сакале да се посветат на Џош, па Мишел се вратила на апчињата за контрацепција.
Спонтан абортус, па благослов
Тогаш се случило неочекуваното, а потоа и незамисливото: Мишел забременила, иако сè уште пиела апчиња за контрацепција.
„Мислевме дека тоа е невозможно, но бевме изненадени кога дознавме дека навистина е така“ – се сеќава Мишел.
Помеѓу вториот и третиот месец, Мишел имала спонтан абортус. Докторот ја информирал дека спонтаниот абортус се случил најверојатно затоа што таа забременила додека сè уште земала апчиња. Таа вест го скршила срцето на Мишел, но и на Џим Боб.
„Во тоа тешко време, почнавме да читаме во Библијата дека децата се благослов и дар од Бога (Псалм 127:1–5). Го замоливме Бог да ни даде љубов кон децата како што Тој ги сака децата и да ни прости што не сакавме да ги примаме Неговите дарови! Тогаш го замоливме Бог да ни даде онолку деца колку што смета дека е потребно. Една година подоцна, Господ не благослови со близнаци! А потоа, со уште едно бебе, и уште едно, и уште едно!“ – раскажува мајката на 19 деца, од кои 10 се ќерки, а 9 момчиња.

Домашно школување
Мишел морала да се откаже од работата како агент за продажба на куќи, и сосема да се посвети на децата.
Во едно интервју таа детално го опишува распоредот на домашни активности. Имено, Мишел ја прифатила програмата за домашно школување, Адвенс тренинг, на Институтот, и станала истовремено и мајка и учителка и воспитувачка на своите деца.
Денот почнувал во 7 часот наутро. Сите се будат, се облекуваат, ги местат своите кревети и набрзина ги чистат своите соби.
Во 8 часот е појадокот кога сите деца се собираат околу масата. По појадокот следува брзо средување на куќата, при кое секое дете има свои обврски, едно го фрла ѓубрето, друго ги мие чиниите по појадокот, трето ги собира валканите алишта и ги носи на перење и тн.
Точно во 9 часот почнува домашното училиште според програмата од Институтот.
Денот обично го започнувале со математика, англиски и правопис, а потоа следува музичко.
Во 12 часот, следува пауза за ручек. Додека се подготвува ручекот, се прават вежби за меморија. Тоа е едно од омилените периоди во денот за повеќето деца, но и за самата Мишел.
Во 14 часот сите се веќе назад на училиште. Следуваат часови по наука, историја, право и медицински познавања.
„Многу пати сите ги проучуваме истите информации, само ги читаме заедно, така што сите сме на иста страница. Потоа децата прават сопствени ресурси за секое ниво на одделение. Тоа се нарекува „метод на автобуска постојка“, каде што моите малечки се симнуваат малку порано, а поголемите продолжуваат да работат. Тие се упатуваат кон нивните посебни области каде што можат да работат на нивните проекти поединечно“ – објаснува Мишел.
Пред 17 часот, праксата завршува со музичка секција. Вообичаено, слободното време за децата е откако ќе завршат со сите училишни задачи, а тоа е после 17.30 – 18 часот.
Следуваат надворешни активности, време за себе, па повторно собирање околу масата за вечера.

Светска популарност
Во 2002 година, кога фотографија од бројното семејство како влегува во избирачко место за време на трката на Џим Боб за Сенатот на САД, завршила во весникот „Њујорк Тајмс“, за Мишел и нејзините деца дознала пошироката јавност.

„Таа фотографија доведе до приказна за нашето семејство објавена во списанието „Перентс“. Потоа, некој од Discovery Health Channel ја виде статијата од списанието и набрзо добивме телефонски повик во кој не прашаа дали можат да направат едночасовен документарен филм за логистиката на одгледувањето деца (тогаш) 14 деца. Чувствувавме дека тоа е можност да споделиме со светот дека децата се благослов и дар од Бога“ – зборува Мишел.

Отприлика во истото време Мишел и Џим Боб сфатиле дека со бројноста на децата домот им станал претесен.
Така, се посветиле на градење на нов дом, нова куќа. Во тоа време популарна телевизиска куќа почнала редовно да ги снима работите што ги правеле заедно како семејство.
„Не знаевме дека наскоро ќе бидеме вклучени во она што ќе стане една од најдолгите реални телевизиски серии во историјата. Многу сме благодарни на екипата на Figure 8 Films – тие ни станаа како семејство. Тие го вложија своето време и енергија во нашите животи и беа толку трпеливи“ – раскажува ангажираната мајка.
По оваа серија, следуваше уште едно реално шоу за семејството кое ги направи светски ѕвезди. Реалното шоу 19 Kids and Counting, се емитуваше на кабелскиот канал TLC цели седум години до нејзиното згаснување во 2015 година.

И денес, Мишел, Џим Боб и нивните 19 деца, па дури и 35-те внуци што ги имаат, привлекуваат внимание, а нивните животи се следат од бројни медиуми. Во текот на 2025 година, Мишел и Џим Боб ќе станат баба и дедо на очекувани уште две внуци. Во меѓувреме, остануваат активни и на социјалните мрежи.