Мило ми е што не ја напуштив земјава, затоа што никаде не е како дома – искрено со Стефан ЛАЗАРОВ
Најтежок за подготовка ми беше поткастот со Игор Џамбазов, вели јутјуберот.
Најпопуларниот јутјубер Стефан Лазаров е и еден од најшармантните мажи во Македонија. Ова младо момче во последните години направи бум во својата кариера со појавата на Јутјуб, Со својот поткаст ги руши сите бројки на гледаност, а во последно време кај него како гости доаѓаат и политичари.
Лазаров јавноста го запозна како тв-водител, своевремено се проба и во музиката, но се чини како јутјуберството да е неговото место. Дали е тоа така ќе дознаете низ разговрот што го направивме со него.
Зборувавме и за тоа како е да си во брак, дали би се отселил од земјава, го прашавме која е неговата најголема слабост…
Уживајте низ интервјуто со Стефан Лазараов во продолжение.
За почеток да ве прашам како е во брачниот живот? Колку ви се смени секојдневието откако стапивте во брак со Марта?
Можам да кажам дека е одлично. Од неодамна почнавме и да живееме одвоено од моите родители, односно сами и колку што имаме поголеми одговорности толку имаме и повеќе слобода.
Посветени сме двајцата на тоа што го правам, покрај тоа што живееме, веќе и работиме заедно и многу се радувам што буквално функционираме како заедница.
Моментално сте најпопуларниот јутјубер во земјава, имавте и падови и подеми и пак сте на врвот. Што мислите на што се должи вашиот успех, на кого или на што му ја препишувате благодарницата што сте денеска на најгледан на Јутјуб?
На луѓето кои останаа со мене во моментите кога дури и сам мислев дека до тука било и нема да можам повеќе.
Но, нескромно ќе кажам дека се гордеам на својата упорност и секогаш кажувам дека единствено губиш ако се откажеш.
Животот е долг, кога работиш нормално е и да грешиш,
но голем стануваш кога ќе учиш од своите грешки и ќе се подобруваш.
Kој поткаст ви беше најтежок за подготовка?
Најтежок за подготовка ми беше дефинитивно со Игор Џамбазов. Не дека е тешко да се дојде до информации или многу време ми требало, туку толку многу сакав да бидам 100% подготвен што
се спремав десетина дена и му изгледав над 10 интервјуа, се консултирав со луѓе околу неговиот живот…
А, кој ви беше најинтересен поткаст?
Најинтересен исто така со Игор Џамбазов, и бројката од близу 600,000 прегледи тоа
го потврдува…
Може ли да ни откриете ексклузивно кој е следен гостин кај Лазаров?
Можам да ви најавам дека во месец Март ќе биде многу интересно. Очекувајте рекордни бројки :)
Се чини како постојано да снимате, да работите, имате ли слободно време во животот? Како и каде сакате да ги поминете слободните мигови?
Нека не ви се чини, така е :) хахах… Буквално работам 24/7, многу ретко имам слободно време, а кога го имам го користам да се видам со малкуте пријатели кои останаа со мене и со кои
сакам да поминам време.
Сите што ме пратат знаат дека одам и во теретана, а понекогаш знаеме и со Марта да избегаме на некое планинско место и да се изгаснеме на 24 часа ако и толку е
возможно…
Драмата меѓу Антонија Гиговска се чини како да стивна, дали во меѓувреме се слушнавте со неа, дали таа изреагира откако и вие јавно ѝ се обративте?
Не би сакал да коментирам повеќе на оваа тема. Кажав се што имав, не сме се чуле.
Што му е ахилова пета на Лазаров?
Семејството. Тие ми се се и заради нив правам се што правам.
Дали да очекуваме нова музика од Лазаров?
Уф…искрено не знам..пробав неколку пати годинава и едноставно имам чувство како да си го пронајдов патот, а музиката не е дел од него. Здравје, можеби понатаму..
На која јавна личност од Македонија и симнувате капа? И зошто?
Му симнувам капа на Зоки Фаци. Затоа што во моменти кога боледуваш од рак, успеваш да стоиш исправено и да смееш илјадници луѓе, а притоа носиш огромен терет на грб. Фала му што е
заедно со мене секојдневно и од него научив колку луѓето не се благодарни кога си вистински пријател со нив.
Како еден млад човек, што е она што најмногу ви пречи во нашето општество? Што посакувате сега и одма да се смени?
Системот, нормално. Се би дал да се создаде систем во кој секој ќе го добива тоа што го заслужува по труд и исклучиво по труд.
Сте размислувале некогаш да се иселите од Македонија? Каде би сакале да живеете?
Кога се повредив и ми заврши фудбалската кариера да. Не гледав излез и не знаев што ќе биде со мене и тогаш сакав да заминам. Не знаев каде, но сакав. Мило ми е што не го направив тоа,
затоа што сметам дека никаде не е како тука.
Да не ме разбере некој погрешно, гласно зборувам дека човек треба да даде се од себе и да проба да успее дома, но за жал има многу примери на
луѓе кои морале да си заминат од тука, најчесто и не поради финансиски причини, туку токму поради лошиот систем и неправдата која владее во Македонија..
Кој ви е омилен дел од Скопје?
Ново Лисиче и Аеродром, тоа се местата каде што израснав и таму се чувствувам најубаво.
За крај, кога последен пат се почувствувавте најсреќен на свет?
8 јули, нашата свадба. Еден од ретките денови кога заборавив кој сум, што сум и како сум. Сите што ги сакав беа до мене и никогаш не сум се чувствувал толку слободен како тој ден.
Ви посакувам на сите да го искусите тоа.