Реклама
Интервју

Мегаинтервју со Сузана Спасовска (2 дел) – „Терирем му го подарив на народот“

„Повеќе може да ве исцрпи литургиската химна од народната песна, која и да е, најтешката. Повеќе исцрпува, како сета душа да ја давате, толку многу концентрација треба, толку посветеност во тој момент“.

Реклама

Нејзината биографија се состои од над дваесет страници, со бројни награди и признанија, а догодина, во 2026 година ќе ја прослави 40 годишнината од нејзината музичка кариера. Ако почнете да ги пребројувате нејзините песни, да ги прелистувате проектите што ги направила или да ги прегледате видеата што ги снимила, веројатно треба да земете продолжен годишен одмор. Ако ви стаса и тоа.

Гласот кој веднаш ќе ве обземе, потоа долго ќе ви одѕвонува. И сакате повторно да го чуете.

Но можеби, барем за мене, најпривлечното нешто во Сузана Спасовска е нејзината чудесна моќ за трансформација. Нејзиното неверојатно убаво брусење, како дијамант. Самобрусење. Од почетоците, до денес, до „Терирем“.

Маркетинг

Колку верувате во Бог?

„Најмногу, мислам дека тоа се чувствува. Мислам дека единствениот Тој може да каже и кажува што било, што е, што ќе биде. Верувам исклучиво во Него. Тоа е единственото нешто во кое што верувам, а не го гледам. Инаку, не сум некој човек којшто верува во сѐ, искуството ме направило така, да не верувам многу, бидејќи на овој свет денес има многу злоба, многу пакост, нема љубов, нема почитување.

Маркетинг

И тешко е за оние коишто ги имаат тие вредности и ги сакаат тие вредности, тешко е за опстанок. И мислам дека ќе биде сѐ потешко.

Повторно, се надевам дека Бог ќе си ги нареди работите како што треба, секому ќе му даде тоа што му треба и тоа што е негово. Јас го сакам само тоа што е мое. Не го сакам туѓото, од туѓото немам некоја полза. Си го сакам моето, сакам да си заработам, сакам да си научам, сакам да си напредувам, сакам да се менувам на подобро, бидејќи промената е дел од жвотот. Ние не можеме да избегаме од тоа“.

Кај вас се очигледни промените и трансформациите?

„Јас ги сакам трансормациите. Не ги разбирам луѓето коишто живеат едноставно само да го одживеат животот, да не сакаат напредок, да не сакаат да се потрудат, да не сакаат да воведат нешто ново. Јас сум поборник за тоа да се оди напред, да се носат нови работи. Му благодарам на Бога што некако секогаш ми доаѓале нови идеи, нови работи кои сум ги донесувала и на естрадата и во музичкиот свет“.

На што ќе се сеќавате емотивно најмногу од 2024 година?

„Во 2024 година ми се случи најубавото чувство кога го имав концертот, на денот на Покров на Пресвета Богородица и Свети Јован Кукузел. Концертот се одржа во црквата „Света Петка“ во Прилеп, во населбата Точила, на 14 октомври.

Се чувствував некако вонземски, тоа беше нешто божествено, чувство што никогаш нема да го заборавам бидејќи тоа беше моето прво настапување во црква со тие за мене нови теми.

Знам само дека секогаш во животот пред настап сум имала трема, која ја имаме сите, трема како одговорност, но јас тогаш само реков “Господе, сѐ е во твои раце“ и без трема си го отпеав целиот материјал. Луѓето уживаа со солзи во очите. Благословот за тој концерт го имавме од владиката Петар кој беше присутен на концертот. Како гости на неколку напеви како пратечки хор беа хорот „Света Петка“ при истоимениот храм.

Се чувствував како да сум на еден испит што, ете, успешно го поминав. И сум му благодарна на Бога што ми ги даде и тие луѓе околу мене што ми помогнаа во сѐ тоа. Бидејќи знаете, кога влегувате во една нова сфера мора да се консултирате со некого, не може така само да си направите како што вие мислите. Си има правила, во таа музика си има правила од кои не смее да се излезе. Од секоја музика може да се излезе, од таа, не“.

Со кого се консултиравте?

„Мојот консултант што Бог ми го прати е протопсалтот м-р Георгиј Секулоски. За сѐ се консултирав со него, за секоја композиција, заедно влеговме и во студио, беше присутен додека го снимав. Ја имав таа среќа да соработувам со него и да ми открие многу нешта во таа музика, зашто само стручен човек може да ти објасни.

А, инаку, це-дето е со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан.

фото-приватна архива

На самото це-де се наоѓаат 16 древни напеви, црковни химни. Песни и стихотворенија кои се пеат на чинот на осветување, на петолебие, на Рождество Христово, на Воскресение Христово, на литургии, и што е многу важно, на Светата Литургија на Свети Јован Златоуст.

Песните се реализирани во соработка со црковниот клирос Пелагонитиса (протопсалт м-р Георгиј Секулоски, Бранче Трајкоски и Александар Трајкоски).

Времето е од древни напеви до нешто современо – а тоа е композицијата од Свети Нектариј Егински којшто е светител од нашите дни, „Света Дево Владичице“ или некаде наречена „Радуј се невесто неневестна“.

Исто така, многу ми е драго што ја застапивме и композицијата „Единородни Сине“ која е дело на Светиот цар Јустинијан Први и таа е од шестиот век. Од сѐ по нешто е застапено“.

Вие се потпишувате на це-дето и како извршен продуцент?

„Да. Имав голема работа. Снимено е во студиото „Сити Саунд“, спотовите ги направи продукцијата „Арт Студио“ (16 видеа), а се снимени во црквата „Свети Димитрија“, која е моја омилена црква и во црквата „Свети Пантелејмон“. Инаку, има додадено и некои снимки и од „Марков манастир“ и од „Света Богородица“.

фото – приватна архива

Каде се продава це-дето?

„Ова це-де јас го подарив на верниците преку црковното списани „Премин“, подарив 1.100 парчиња од издадени 2000 парчиња, останатиот дел го подарив на луѓе кои сакаат да слушаат ваква музика. Значи, можеше, преку „Премин“, да се најде и во црквите.

Инаку, како еден вид на сувенир што го купуваат може да се најде во Матица ексклузив, но тоа се многу малку примероци.

Сакав овој прв тираж да го подарам на народот, го направив за да има едно образовно и терапевтско дејство. Колку што можам да слушнам од тие што го слушнале, сите ми се благодарни, и на Бога му се благодарни првенствено, бидејќи ова е божја промисла, не е мое, ова е на Бог.

Затоа не сакав да го продавам. Сакав да го направам, вложив во него, лично јас, и не побарав ниту спонзор ниту поддршка ниту ништо, освен благослов од нашиот поглавар. Драго ми е што на многу луѓе кои навистина имаат желба да ја слушаат оваа музика им го овозможив тоа“.

Дали ќе добие второ издание це-дето, продолжение?

„Веќе се работи на второто издание, меѓутоа малку постудиозно, малку побавно ќе тече работата мислам, но повторно како Господ ќе каже така ќе биде, јас не можам ништо да кажам“. Ќе биде втор дел, со уште 15 химни“.

Почнавте да снимате?

„Не, сѐ уште не сум почнала. Не се почнува така, се почнува кога ќе бидете потполно подготвени. Значи, треба мир, треба спокој, и да ги тргнете сите други работи настрана, да се насочите само на тоа. Ќе имам еден дел од оваа година, така е мојот план, но Божјиот план не знам каков е. И затоа оставам сѐ во негови раце и за второто издание, како што оставив и за првото.

Ми зборуваа зашто не направиш промоција. Не, јас го пуштив на сите дигитални платформи да го има, на Јутјуб, да може секој да го гледа, сакам да го има бесплатно за мојот народ, за православниот свет. А не да заработувам од тоа. Во доста цркви веќе „Терирем“ може да се слушне после литургија“.

Колку различно се чувствувате кога ги пеете овие мелодии во однос на тоа кога пеете народна музика?

„Народната музика ми е како вродена, бидејќи моите родители ја слушале таа музика и јас уште од малечка сум ја слушала и само по себе ми навлегла во порите. Ја пеам без никаква тежина, можете и на полноќ да ме разбудите и да ви ја отпеам најтешката македонска песна. И уживам кога ја пеам, уживам и кога ќе пеам некоја тажна песна кога гледам дека народот се расплакува, уживам и кога пеам весела песна кога гледам колку многу се веселат и колку се искрено весели луѓето, и тоа ме прави пресреќна. Зашто ако јас сакам да бидам среќна знам колку и другите луѓе сакаат да бидат среќни.

Ги разбирам луѓето, го разбирам народот и многу искрено му приоѓам. Можеби затоа чувствувам дека ме сака народот, затоа и ме нарекле Сузе Национале. А литургиските химни се доживуваат на поинаков начин“.

Сосема е друга и публиката?

„Сосема друга публика е. Второ, самото доживување во црква кога сте внатре, е нешто многу поинаку“.

Како на Бога да му пеете?

„И на Бога и на Мајчица Богородица и на сите светии. Но во однос, да кажам, на техничкото приоѓање, повеќе може да ве исцрпи литургиската химна од народната песна, која и да е, најтешката. Повеќе исцрпува, како сета душа да ја давате, толку многу концентрација треба, толку посветеност во тој момент што сѐ може да запречи за да ви го тргне вниманието.

А во народната музика е поинаку, и да тропне нешто, и да ви го тргне вниманието, ќе си продолжите. Овде е малку поспецифично. Тука треба многу длабока концентрација и внесеност во самата композиција, буквално како молитва. Да нема прекин ни во мислата ни во зборот“.

Што значи за Вас музиката денес, дали гледате на неа како на духовна патека или како на уметничко изразување?

„Во почеток на кариерата, кога сѐ уште сум се барала себеси, кога сум морала самата да заработам за да вложам во нова песна и да се најдам на таа сцена, тогаш сум направила можеби и неколку такаречени непромислени моменти, да испееш нешто што не требало да испееш и слично. Но, сепак, тоа е дел од животот и дел од градењето на кариерата, сите ние почнуваме од некаде.

И јас воопшто ниту се каам за нешто. Таков бил мојот пат едноставно. Така требало да биде, да почнам да заработувам да вложувам во комерцијала, за да можам денес да го правам она што мене ми е убаво на душата и да го дадам на луѓето. Тоа е голема трансформација. Но за тоа требало многу работа и во Македонија и низ светот, бидејќи јас за ниту еден мој проект не сум барала спонзори, сѐ е тоа мое, вложено.

Ако сум била повеќе материјалист сум можела да ги вложам сите тие пари во станови, но не сум чукала на врата на спонзорите туку секогаш сама сум заработувала. Значи, сум земала пари и повторно сум ги вратила во музиката. Инаку до сега можеби ќе сум жеела во палата. Меѓутоа, мене тоа ништо не ми значи, не ми значи, палата, ни златни чешми.. отсекогаш некако поинаку сум го сфаќала животот.

Точно дека парите се потребни, да, меѓутоа не се секогаш важни парите. Дури 90 проценти не се важни парите. Сѐ повеќе сакам уметнички предизвици“.

Што би им порачале на помладите?

„Да бидат оригинални, не да бидат нечии копии, туку да бидат свои, оригинал. Да смислат нешто, да не спијат со ноќи, како што јас не сум спиела, и ден денес не спијам. И да смислат што е тоа што е ново и интересно што би му дале на народот“.

Што би им посакале на верниците за големиот празник Рождество Христово?

„Честит Божиќни празници на сите христијани низ целиот свет, им посакувам мир и спокој во душата и меѓусебна љубов и почитување“.

Доколку сте го пропуштиле првиот дел од мегаинтервјуто со Сузана Спасовска во продолжение е линкот.

Мегаинтервју со фолк-дивата Сузана Спасовска (1 дел) – „ништо не е случајно на овој свет“

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button