Мегаинтервју со фолк-дивата Сузана Спасовска (1 дел) – „ништо не е случајно на овој свет“
Таа е дипломирана економистка, а сакала да биде оперска пејачка. Но станува златно грло на македонската песна. Ако Бог ви даде ѕвезда и ако ви даде да бидете тоа што тој посакува, секако ќе допрете до народот, со која било музика.
Нејзините почетоци не се како на пејачите кои почнуваат во ова време. Во тоа нејзино време било поинаку од денес, беше тоа друга држава, и имаше други правила, имаше само една телевизија, Македонската телевизија – ја започна својата животна приказна Сузана Спасовска.
Разговорот го водевме во живо, седнати една спроти друга како во старите добри времиња, кога интервјуата се снимаа на диктафон. Во позадината свири музика, но тоа воопшто не ни пречи да се размуабетиме и да се сконцентрираме на различни теми. Таа е бескрајно професионална, а истовремено, топла како прегратка. Сузана е волшебна.
За почеток, се навраќаме на училишните денови. Не дека до сега не се навратила на тоа во неколку интервјуа, но убаво е да се чуе таа приказна барем уште еднаш. И уште еднаш.
„Започнав со пеење во училишниот хор “29 ноември“, потоа продолжив во “Развогорче“, уште во четврто оделение, потоа во младинскиот хор, сѐ тоа кај диреигентот Запро Запров. Тој ме научи на некои правила уште од малечка, кои до денес ми служат во мојата работа. Зашто јас не знаев дека ќе станам пејачка. Но, уште како мали деца, тој нѐ учеше на дисциплина, на одговорност, на слушење поинаква музика. Сѐ тоа кај мене навлезе многу длабоко и ми даде една насока во животот. Затоа сум му многу благодарна.
Потоа, влегов во Македонската телевизија, ја имав среќата да ме внесе Јонче Христовски, кој ме сретна во Дом на младите “25 Мај“, во тогашно време. Јас одев да носам документи за презентер на вести зашто беше во тек конкурсот. Меѓутоа, тој ме задржа и ми рече дека знае дека пеам во групата Сирма, во културното-уметничко друштво “Гоце Делчев“.
Ми вели – девојче каде брзаш? Му велам – одам да ги поднесам документиве за презентер во Македонска телевизија. Вели, каков презентер, ајде тука седни, испеј ми една песна. Велам, како тука пред сите да пеам, а тој вели – ајде, ајде испеј една песна. И која песна? Кажи либе Стано. Велам, кај ја најдовте најтешката? И му отпеав едно делче. Дедо Јоне, како што јас потоа си го викав, стана и ме фати за рака и ме однесе во Македонската телевизија кај Мате Грујовски, и од самото влегување кажа дека ја носи новата македонска ѕвезда.
Не знам како му дојде тоа да го каже. Истиот момент, прво на клавир ме проверија малку, и веднаш ме качија горе во студиото каде што се снимаа песните, за да видат како изгледа да снимам една песна. Многу интересно. Велиме дека ете случајно нешто се случило, но ништо не е случајно на овој свет. Во исто време, ми велат, која песна сакаш да ја снимиш. Велам, кажете вие која песна. Ми велат – Не прибирај мила мамо стојници. А тоа е песната која од малечка, уште од двегодишно дете си ја пеев, бидејќи мајка ми беше шивачка и додека шиееше ја пееше таа песна. Пееше таа многу песни…
И токму таа песна ми ја дадоа да ја снимам од толку многу песни, ете, да ми речат баш таа – Не прибирај мила мамо стројници.
Уште од следните денови веќе ми дадоа песни, да ги снимам, и многу нагло одеше мојата кариера. Но, Јонче ми рече – “јас те донесов тука, отсега натаму те пуштам сама да си докажеш што знаеш, што умееш“.
Не сум имала некој што ме туркал. Некој што ми помагал. Но тоа за мене беше голема помош и вечно сум му благодарна на дедо Јоне, зашто ме внесе на голема врата во Македонската телевизија.
Каде живеевте во старото Скопје?
„Скопјанка сум, стари скопјани сме. Моите баба и дедо живееле кај Универзална сала, а веќе од Рузвелтова наваму, не било ни изградено Скопје. Мојот татко е инаку кумановец, но од четити години е во Скопје и не ни го знаеше кумановскиот дијалект да го зборува, а мајка ми е од близина на Скопје, од Зелениково. Живевме кај Универзална сала.
Моите родители не беа толку моќни за да можат да ми овозможат напредок во кариерата, се трудев сама, одев чекор по чекор.
Се заработуваше од пеење?
„Токму затоа го работев тој естраден дел бидејќи одев на турнеи, правев концерти, одев во Австралија, направив прва касета… Сѐ тоа се одвиваше многу брзо, сега кога ќе размислам, не можам да сфатам како толку брзо, едноподрго се одвиваше.
И веќе станав позната, што се вели за еден месец. Сите ме знаеја и сите почнаа да ме бараат, насекаде.
Завршивте музичка академија?
„Не, академија не завршив бидејќи, во тоа време, родителите гледаа каде може поскоро да се вработиш. Моите не ми дозволуваа да одам на музичка академија бидејќи во тоа време кога ќе кажеш музичка академија, следуваше прашањето – каде ќе се вработиш после? Затоа отидов на економски факултет. Јас сум дипломиран економист. Но никогаш не сум работела како економист. Веднаш почнав да работам на музиката“.
Дали ви помогнала економијата за понатаму во животот?
„Не, ништо посебно“.
Следуваа турнеите, каде одевте?
“Ја имав таа среќа да одам со големите легенди на турнеи, со Васка Илиева, со Петранка Костадинова, со Јонче Хрстовски, со Пепи Бафтировски, со Симон Гугуловски…
Најмногу одев во Австралија. Но и низ цела Југославија, низ цела Европа. Секаде сум давала концерти. Во Австралија сум била 22 пати. И најмалку пет пати сум одбила да одам, и тоа концерти кои што се по цел месец, месец и пол“.
А во Америка?
„Америка не ми е интересна, сум била двапати, но ништо не ме влечело понатаму да одам таму, бидејќи во Австрлија се правеа македонски вечери, се пееше исклучиво македонска песна, и мене тоа ми беше убаво на душата. Сум пеела и во Опера Хаус. Кога ќе се пресметаат тие концерти, 22 пати најмалку по десет концерти, тоа се навистина многу концерти во Австралија. И ден денес ме бараат во Австралија, но веќе чинам дека таквиот начин на работа не ми е својствен и сепак, тоа е за помладите пејачи“.
Да, сега почнавте да се занимавате и со изведба на литургиски песни.
„Да, но тоа е сега. Инаку, јас пред тоа веќе имам направено многу песни, дури и лично мои песни, да речеме, Велигден сѐ до Спасовден, тоа е позната песна – моја музика и мој текст.
Сашо Ливрински ја направи како обработка за Танец, и Танец ја изведуваше на некоку велигденски концерти.
Потоа „Божиќна“, која е многу позната песна. За Божиќ ја споделуваат не само наши Македонци, туку и луѓе од други земји. Музиката е моја.
Потоа, Песна за Водици, композиција на Гоце Џуклески. Значи, јас имам некој вовед во тие теми и отсекогаш сум ја сакала таа музика и сум ја слушала дома. Црковните псалми, напеви, сум ги слушала дома. И ми доаѓало убаво. Зашто јас во мојот дом сакам да имам мир. Телевизија многу ретко гледам. Дури и како помлада, телевизијата не ми била интересна, повеќе сум си пуштала музика.
Слушам секаква музика, зависи и од расположението, душата си бара некогаш нешто што е понежно, а некогаш сакате повесело нешто“.
Кои македонски пејачи сакате да ги слушате?
„Сѐ слушам, сите ги слушам. Нема кај мене овој или оној. Јас сум многу информирана и во забавната музика и во народната музика, и ги слушам буквално сите. Секој што направил нешто ново. Сега, во последно време, можеби не можам толку многу да слушам бидејќи имам премногу работа, бидејќи и дома се насочувам на мојата работа, на моите проекти, и го слушам тоа што треба да го научам, дали од кинеската музика, дали од црковната музика, така да немам многу време“.
Се посветивте еден период на кинескиот јазик.
„Да, повеќе од две години“.
Со некаква цел?
„Не, јас немам некаква цел за тоа што го работам, едноставно си поставувам предизвик“.
Зошто баш кинески јазик?
„Затоа што е голем предизвик. Секогаш сум си ги поставувала најтешките предизвици.
Едноставно сакам да знам дали можам јас тоа да го направам, да го постигнам, некаде делумно сум постигнала, некаде целосно сум постигнала. Мене ми е интересно да не сум во константно во таа комформа зона, туку сакам да пробувам, да пеам различна музика“.
Ви отвори ли тоа нови врати?
„Нови пријателства, нови запознавања на културата на нечиј народ, на нова музика, поинаква. Двапати бев во Кина, имав можност да видам на највисоко ниво, член сум на Кинеско-македонско здружение, на Институтот „Конфуциј“.
Да го говорам многу јазикот не можам, но можам да пеам и да направам концерт со кинеска музика. Инаку, за да го зборувате кинескиот јазик секако дека треба многу време да поминете и во Кина зашто најважна е комуникацијата. Тука немате со кого да зборувате. Школскиот дел го имам поминато и го знам, но првиот миг кога ќе се почувствувам послободна, тогаш би се вратила повторно на кинескиот јазик бидејќи е навистина како вежба, како тренинг за мозокот, особено за луѓе кои влегуваат во тие, убавите години (се смее, н.з)“.
Со што се занимавате моментално?
„Со сѐ“.
На пример?
„Во 2023 година, на крајот во декември, излегоа мојот сребрен и златен печат, односно „Терирем“, аудио и видео проект со православни црковни песнопеења, и моето етно це-де „Судбо моја“ кое содржи стари македонски песни во ново руво. Аранжманите ги направи Александар Јовевски, сѐ тоа беше снимено во живо.
Но самата промоција не ја доживеа сѐ уште толку многу, како „Терирем“, зашто Терием самиот си навлезе меѓу народот, не само тука, туку и пошироко.
Видеозаписите на „Терирем“ се пуштаат на единствената европска црковна телевизија – телевизија Храм. Многу сакан проект е, а исто така, многу ми е драго што веќе во повеќе цркви веднаш по литургијата може да се слушне и Терирем. Фала му на Бога за тоа. Зашто јас го направив „Терирем“ кога решив да го пренесам на луѓето тоа што јас го знам и она што мене ми е убаво на душата“.
Можеби ќе направевте поинаква кариера со друг тип на музика?
„Сакав да бидам оперска пејачка. Отсекогаш ме интересирала друга музика, не ме интересирала народната музика, но ете, Господ ми дал да се занимавам баш со народната музика цел живот“.
А, инаку, мојата најголема желба ми беше да бидам оперска пејачка. Бидејќи сум навистина, како што велат сручњаците, одличен сопран. Можеби ќе направев многу поголеми успеси со оперското пеење.
Но не се каете?
„Не се каам. Секако би била среќна. Зашто Господ ако ви даде ѕвезда и ако ви даде да бидете тоа што тој посакува, секако ќе допрете до народот, со било која музика. Но ете, Бог сакал да ја пеам најубавата, македонската песна. И јас сум среќна со тоа. Бидејќи сум ја однела низ цел свет, исто како што Васка пред мене ја носеше, и како што ја носеа другите македонски легенди.
Но Васка ми го остави аманетот да ја продолжам таа песна, македонската, и да одам по нејзиниот пат. И јас одам по нејзиниот пат и не сум скршнала досега“.
Што научивте најмногу од Васка?
„Не само од Васка, јас сум научила многу од нашите легенди, од сите“.
Со кого од нашите легенди сте била најблиска?
„Со сите сум била блиска. Јас сум била на турнеи со сите легенди кои денес ги спомнуваме, и помладите пејачи ги спомнуваат, меѓутоа, тие не биле во дружба со нив, ниту биле на турнеја со нив, ниту ги знаеле. Може само да претпоставуваат какви биле нашите легенди. А јас бев најмладата во тој круг на возрасни, искусни, докажани македонски грла кои оставиле зад себе една голема трага, еден голем патоказ за нас помладите. Јас чекорам по нивниот пат, а помладите чекорат веќе по мојот пат.
Во секоја песна давам нешто свое, но имам секаде по еден знак во песната, во било која песна, дали е новокомпонирана или е стара македонска песна, препеана, јас имам по еден знак којшто ми покажува дали од мене ја учеле таа песна, или ја учеле од некој од нашите легенди.
И забележувајќи го тој знак, благодарна сум му на Бога што многу млади пејачи ги слушале песните кои јас сум ги препеала“.
Каков е тој знак?
„Имам свој знак кој не можам да го издадам (се смее, н.з)“
Многу песни сте препеале и со тоа сте ги извадиле од заборав.
„Јас сум првата која го издаде првото це-де со народни препеани песни (1996), како Јано севдалино, Параходот ми пристигна, Бор садила мома Евгенија, Билбил пее… Десет песни. Младите потоа се запознаваа сѐ повеќе со тие песни, меѓу кои и нашиот Тоше, бидејќи тие песни беа заборавени.
Јас ги извадив тие песни од заборав. А потоа и помладите почнаа да ги учат од тоа це-де. Тоа е првото це-де направено во Македонија со тие препеви од нашите легенди. Потоа следуваа многу фестивали, многу награди, признанија“.
Би учествувале сега на фестивал?
„Сега не. Освен на мојот, Лешочки Фолк Фест. Оваа година ќе прави јубилеј 15 години. На други фестивали не пеам, нема потреба, им давам простор на помладите затоа што им е потребен простор за македонска песна, им давам и тие да покажат што знаат и да си напредуваат“.
Имаме ли млади талентирани пејачи?
„Да, имаме, и многу ми е драго. Така и Васка на последниот концерт рече, многу ми е драго што Македонија раѓа и ќе раѓа пејачи што ќе ја пеат македонската песна. Тогаш кога ми го предаде аманетот со Судбо моја судбино, таа започна да ја пее песната па потоа рече да ја продолжам јас и да продолжам по тој пат.
Има млади пејачи, но ќе мора да држат до себе, да бидат упорни и да не се претопат во сите оние кои што пеат и туѓа музика.
Колку турбофолкот ја поместува границата на што е тоа фолк пејач?
„Кај нас е навистина лошо што сѐ е во ист кош ставено. И оние коишто работат на еден поинаков принцип, и оние кои работат во кафеани и пеат секаква музика. Имаме наплив на туѓа музика и младите не можат да го избегнат тоа, зашто тоа им се пласира, насекаде, дури и во градинка, што сум навистина многу разочарана, затоа што уште од малечки децата треба да се прилагодат и да ја засакаат својата музика, од своето поднебје.
Потоа, кога ќе пораснат, можат да си одлулат каква музика ќе слушаат, тоа е нивен избор, но ние од малечки, од градинка, и ние бабите кога ги чуваме внуците треба да им покажеме нешто што е наша вредност, нешто што е наш извор, што е пеено години наназад и треба од колено на колено да оди понатаму, да се запамети.
Состојбата не ни е воопшто розова и треба да се менуваат многу работи од корен. Тоа е макотрпна работа, зашто навистина е срамно кога ќе ви дојде гостин од некаде… Мене ми се случило да ми дојдат гости од странство и да ми речат “ајде да одиме некаде каде што ќе слушнеме вистинска, права македонска песна“. Искрено, многу често се мислам каде тоа може да биде (се смее, н.з)“.
Што е, според Вас, права македонска песна денес?
„Па и во националните ресторани има турбофолк, сосема друга музика се слуша, а не онаа која личи за еден национален ресторан.
Сѐ е во ист кош, треба да се направи ред и редослед, една распределба, како што беше во моето време. Кога Марио Липша ја водеше естрадата, имаше ред, се знаеше кој е прв на списокот, кој е петти, кој десетти, кој каде може да пее, кој на кој настап, дали концертно, дали на другарски вечери…Тоа беше макотрпен пат, не можеше сѐ веднаш да биде.
Сега можете еден спот да снимите, доволна ви е социјална мрежа, на една телевизија ќе ве пуштаат, и тоа е“.
Социјалните мрежи направија нови ѕвезди?
„Социјалните мрежи направија голема мешаница, бидејќи кога ќе направам споредба со моето време, мое и на моите тогашни колеги, во редакцијата Музичка програма на Македонската телевизија, односно во Фолклорната програма, не можеше секој пејач да влезе. Не го примаа едноставно. И не му даваа песни да снима. Затоа што имаше колегиум од 20 луѓе, стручњаци кои определуваа што ќе се пушта на програмата.
Денес ништо од тоа не постои. Оркестрите не постојат. Сѐ тоа треба да се врати назад за да има еден ред. Естрадата треба исто така да воведе ред, да се знае кој пејачи ќе работат по локалите, а кој ќе пее.. но тоа е многу широка тема“.
Широка е, но вие сте советничка за кулура. Ви се слуша гласот?
„Без разлика, како советник може да ги предложите тие работи кои треба да се променат, меѓутоа сѐ тоа не зависи од вас, извршната власт си кажува. Не може еден човек да промени сѐ, треба да се има желба да се промени, но мислам дека желбата е тука, но ќе треба многу работа“.
На какви вредности ја учите внуката?
„На традиционални вредности“.
Слуша народна музика?
„Сака да слуша музика, како сите деца ги слуша детските песнички, но знае и дека баба сака таа да слуша и народна песна, да знае кој е изворот. И се трудам колку што можам – не само јас, туку и нејзините родители – да ја заштитиме од телефонот и од сите тие нешта што може таму да ги научи кои не се секогаш добри. Колку успеваме во тоа не знам, зашто ова е едно друго време, едно чудно време, време кога дури и ние возрасните сме постојано на телефон, па камоли да му забраниш на детето коешто сака да учи, да се развива, да оди напред. Ќе видиме. Господ да ни е напомош“.
Колку верувате во Бог?
„Најмногу. Мислам дека тоа се чувствува…“
За вербата во Бога, за сеќавањата на изминатата 2024 година, за тоа како се создавал „Терирем“, за чувството кога се пеат религиските мелодии…читајте во вториот дел од интервјуто со Сузана Спасовска, кое ќе го објавиме во недела, 5 јануари, пред Бадник и Божиќ.