Маж го загуби животот во сообраќајка кај Крива Паланка – додека полицијата истаржувала друго возило удрило во нив
Две тешки сообраќајни незгоди се случија вчера една по друга на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, во с.Градец, кривопаланечко.
На 24.01.2025 во 13.45 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Б.С.(74) од Крива Паланка, излетало од патот – известуваат од МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Б.П.(80) од Крива Паланка и бил пренесен во Ургентен центар Куманово, каде што починал. Додека со телесни повреди се здобил возачот Б.С. и сопатникот М.П.(47) од Крива Паланка.
„Јавниот обвинител веднаш ги презеде сите неопходни дејствија за обезбедување на доказите и испитување на причините за несреќата. За починатиот е издадена наредба за обдукција“, изјавија од Основното јавно обвинителство Куманово.
Токму додека се преземале дејствија за првата несреќа, на истиот пат на обележаната локација дошло до нова несреќа. Вториот автомобил, најверојатно поради неприлагодена брзина, удрил во паркирано возило и ги повредил четирите полициски службеници кои го вршеле увидот. Покрај полициските службеници, потешко повредена била и сопатничката во автомобилот.
„Јавниот обвинител продолжува со постапката и презема дејствија за испитување на причините за оваа несреќа, како и за утврдување на сите околности“, соопштија од обвинителството.
Трагичните настани на експресниот пат во близина на Крива Паланка повторно го потсетуваат на важноста на внимателноста и прилагодување на брзината во сообраќајот, особено при вршење на увид од страна на полициските служби.