ИнтервјуКафе муабет
COVER STORY

Машки муабети со Ана Марија Таневска, девојката што го дресира ветрот – кој ќе биде нејзиниот следен ѕвер за скротување?

Со 13 ѕверови зад себе и 212 коњски сили под себе, Ана Марија е доказ дека стилот, храброста и брзината не се само машки терен.

Advertisement

Таа не само што ги вози моторите – таа ги живее. Таа е страсна, одлучна и бескомпромисна на асфалт.

Кога ќе ја видите Ана Марија Таневска на мотор, не гледате само една убава девојка – гледате сила, страст и целосна посветеност на нешто што за многумина е само адреналин, а за неа е начин на живот. Таа не е декор на возилото на две тркала, туку вистински господар на двете тркала.

Advertisement

Во овие муабети откриваме кога почнува нејзината љубов кон мотоциклизмот, колку мотори има сменето, кои се нејзините „ѕверови“, но и со какви предрасуди се соочува – и како ги руши.

фото-приватна архива

Што беше првото што те привлече кај моторите – брзината, слободата или нешто сосема трето? На колку години всушност почна со мото спортот и како?

– Страста кон моторите ми е од најрана возраст. На шест години првпат се качив на мотор – и тоа на Aprilia SR50. Можеби звучи неверојатно и смешно, но вистинито е, едвај допирав со нозете на асфалтот. На само 10 години учествував на патеката во Кичево во категорија до 80cc, а потоа следеа и други трки каде што бев единствена девојка.

Досега имам сменето 13 мотори, а мислам дека во блиска иднина ќе следи и нов ѕвер. Засега го имам најдобриот што постои – M1000RR со 212 коњски сили.

Advertisement
фото-приватна архива

Поседуваш скапи мотори – што за тебе значи луксузот во оваа страст?

– За некого е страст, за друг луксуз – но за мене е задоволство. Јас сум презадоволна од новиот мотор, и според мене нема нешто подобро моментално. Моментално возам M1000RR и Vespa GT 400 BMW.

M1000RR е мотор со неверојатна моќ и стабилност, наменет за стаза, не толку за град. Vespa GT 400 пак,е попрактична за секојдневие.

фото-приватна архива

Има ли мотор кој ти е „љубов на прв поглед“ и кој сакаш да го имаш, и зошто баш тој?

– Искрено, секој мотор што сум го имала ми бил љубов на прв поглед на свој начин. Но, M1000RR е апсолутен фаворит – брзина, звук, стабилност – сè што може да посакаш.

Како реагира околината кога ќе видат преубава девојка на моќен мотор?

– Има многу интересни случки. Кога ќе застанам на семафор, луѓето од позади свират, довикуваат, а некои дури и фотографираат и објавуваат фотографии на социјалните мрежи со прашањето: Која е оваа бомба што го управува овој ѕвер?

Дали си се соочила со предрасуди?

– Секако, тоа е нешто што доаѓа во пакет кога си девојка во мото-светот. Но, со време, делата зборуваат повеќе од зборовите – и тие предрасуди се распаѓаат.

Возиш ли самостојно или во група, и што ти носи секој од тие начини на возење?

– Повеќето возам сама. Сакам да уживам во возењето – тоа ми е терапија, слобода, мир. M1000RR е повеќе за стаза отколку за низ град, но понекогаш си давам забава со некој круг. Во секојдневието, повеќе ја возам Vespa-та.

Дали некогаш си се нашла во ризична ситуација на пат и што научи од тоа?

– Секое моторџиско искуство има свои ризици. Имам многу приказни – и ризични и помалку ризични. Но секоја ситуација те учи, и да – после некои сцени ти доаѓа и малку „памет“ (се смее, н.з)

фото-приватна архива

Што се однесува до поправките и менување гуми, како стоиш со тоа?

– Јас редовно менувам гуми и правам редовен сервис. Без добри гуми – џабе ти е моторот. Тоа е нешто на кое треба најмногу да се внимава. И најважно од сè – никако без кацига! Тоа е најбитниот дел за еден вистински моторџија.

Што би им препорачала на девојките кои сакаат за првпат да си купат мотор, од кој мотор да почнат и зошто да почнат?

– Ако некоја девојка сака да почне да вози мотор, најдобро е да почне со помала кубикажа, па со текот на времето да се надоградува и да стекнува поголемо искуство. А зошто да почнат? За да имам друштво малку – затоа што сме навистина ретки девојки што возиме мотори!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button