Марија Нацева е првата жена градоначалничка на Неготино: „Испишавме историја“

Неготино ја доби првата жена градоначалничка – Марија Нацева, напишаа од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Неготино на Фејсбук.
– Горди сме што уште една успешна, мудра и упорна жена од нашите редови покажува дека со силна волја, посветеност и чесна работа може да се постигнат извонредни резултати. Нејзиниот успех е пример и поттик за сите жени во нашата општина, а ние како Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ Неготино ќе продолжиме да бидеме поддршка и двигател за нови успеси, истакнаа од Унијата.
Притоа и посакаа на Нацева успеси во понатамошната работа.
Неготино ќе биде подобар, попросперитетен и град во кој ќе се живее навистина убаво. Ова го напиша Марија Нацева на Фејсбук, откако беше избрана за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Мое Неготино, испишавме историја. Неготино ја доби првата жена градоначалник. Благодарам за безрезервната поддршка која ја добив изминативе неколку недели и денес. Благодарам и на оние кои не ми ја дадоа поддршката, тие за мене претставуваат дополнителен мотив за да им докажам дека сите мои зборови кажани во предизборната кампања ќе бидат претворени во дела – истакна таа.
Притоа додаде дека не ветува оти ќе биде лесно, туку ветува дека ќе биде исправно.
– Ни претстои многу работа, но кога работиме за нашиот дом и кога работиме заеднички ништо не е тешко. Ќе се борам со сета своја сила против поделбите што нè ослабуваат и Неготино ќе биде град за сите, подеднакви можности за секој, успешни млади, среќни лица и многу нови проекти од кои бенефициите ќе ги увидеме многу скоро – напиша Нацева.



