Мамо, тато, резервирајте навреме! Скопје добива бајковит џез спектакл од „Светот на Биби“ – сите патишта водат таму?

Со пристигнувањето на најволшебниот период од годината, Националниот џез оркестар најавува празничен музички настан кој ќе ги исполни детските срца со радост. На 14 декември, со почеток во 11 часот, Македонската филхармонија ќе биде домаќин на новогодишниот детски концерт „Светот на Биби“, посветен на популарната македонска серија „Биби и Боби“.
Под палката на маестро Џијан Емин, оркестарот ќе ја оживее оригиналната музика од серијата на начин кој ја спојува џез-уметноста со детската фантазија. Организаторите најавуваат исклучително позитивна атмосфера, исполнета со звуци што ќе ги одушеват најмладите, а ќе донесат и искрена празнична насмевка кај возрасните.
-Подготвивме магија за сите генерации, музика која ќе ве расположи, ќе ги развесели децата и ќе ја донесе новогодишната еуфорија уште поблиску, објавија од Националниот џез оркестар на својот Инстаграм-профил, охрабрувајќи ги родителите навреме да си ги резервираат местата.
Концертот „Светот на Биби“ е настан креиран за семејно уживање, шарен, весел и едукативен. Музиката ќе ги води најмалите низ свет полн со игра, љубопитност и празнична бајка, со што овој концерт станува една од најтоплите дестинации за декемвриската детска публика.
View this post on Instagram



