Македонското знаме на врвот во Србија – „Ултра“ Штип со злато и рекорд во планинско трчање!

Тимот на „Ултра“ од Штип повторно ја претстави Македонија и својот град во најдобро светло надвор од државните граници. На 2 ноември, во околината на Крагуевац, Србија, македонското знаме гордо се вееше благодарение на учеството на штипјани на планинската трка „Шумадија Треил“, долга 22 километри со висинско искачување од 1000 метри.
Во силна конкуренција од над 60 тркачи од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Италија, Кристијан Киров од клубот „Ултра“ забележа извонреден успех, со време од 1 час и 54 минути убедливо го освои првото место, поставувајќи нов рекорд на патеката!
Одлични настапи имаа и останатите членови на штипскиот клуб, уште двајца тркачи се пласираа меѓу најдобрите десет, што ја потврди доминацијата на „Ултра“ во ова издание на трката.
Кај жените, Ангела Величкова се искачи на победничкиот подиум со трето место, продолжувајќи ја успешната низа на клубот. Покрај главната трка, настанот вклучуваше и пократка рута од 12 километри, на која учествуваа над 130 тркачи.
-Организацијата беше на високо ниво, во изведба на планинарското друштво од Шумадија, а трката се одржа во прекрасната природа околу селото Дулене, велат спортистите од клубот „Ултра“.




