„Македонско село“ се враќа во живот – еве кога ќе биде отворањето на омилениот комплекс под Водно
Комплексот беше затворен поради финансиски загуби од страна на претходните концесионери, а во изминатиот период државата имаше трошоци од над 300.000 евра за осигурување и обезбедување.

По речиси седум години запуштеност и тишина, комплексот „Македонско село“ повторно ќе заживее – со нов концесионер, нова енергија и јасна цел: да се врати на туристичката и културната мапа на Македонија.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска ја потпиша одлуката за избор на концесионер, кој беше избран преку електронско јавно наддавање под надлежност на Министерството за финансии.
Од 1 јуни 2025, комплексот ќе почне со работа, а концесионерот има обврска да ги преземе сите подготовки за негово целосно оспособување.
„После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје“, велат од институциите.
Комплексот беше затворен поради финансиски загуби од страна на претходните концесионери, а во изминатиот период државата имаше трошоци од над 300.000 евра за осигурување и обезбедување.
Сега, конечно, се отвора нова шанса – враќање на животот во уникатниот простор на падините на Водно, кој вклучува 12 автентични куќи, простории за занаети, хотелски соби и ресторански делови.
Овој потег значи: поттик за развој на туризмот, отворање на нови работни места, зајакнување на локалната економија, зголемување на туристичкиот капацитет во Скопје и државата.
Македонско Село повторно ќе биде жив музеј на македонската култура, архитектура и традиција – достапен за сите граѓани и посетители.